Главното кале на Русија: како се чува московскиот Кремљ

13 март 2017 Олег Егоров
Фотографијата која беше објавена на 8 март на која наводно група феминистки се искачиле на една од кулите на Кремљ и истакнале свој банер, излезе дека е фејк. Тоа не е чудно – работната резиденција на претседателот добро ја чуваат специјалните служби и одделниот армиски полк, така што е невозможно обичен човек да се искачи таму.
Moscow Kremlin
Извор: Александр Виљф / РИА Новости

На аголната Арсенална кула на московскиот Кремљ виси плакат „Национална идеја – феминизам“, оптегната од две девојки кои држат запалени факели во рацете. Впечатливата слика се прошири на 8 март низ социјалните мрежи, токму кога се слави Меѓународниот ден на жената, стана „беџ“ за акциите на феминистките кои протестираат против патријархатот. Ваква храброст претходно никој немал.

Следниот ден излезе дека тоа не биле феминистките – фотографијата излезе дека е обработена со фотошоп. Како што признаваат самите активистки кои протестираа во Кремљ и во Александровската градина, нивните колеги поставиле на социјалните мрежи фејк-фотографии кои биле сфатени како вистински. Оваа неубава приказна не само што го расипа впечатокот од акциите, ами и докажа дека е невозможно некој да се искачи на некоја од кулите на Кремљ.

Камери, сензори и решетки

Еден од првите кој се посомнева во достоверноста на фотографијата од кулата на Кремљ беше популарниот фотограф и блогер од Русија Иљја Варламов. „Тешко можам да си претставам дека некој можел да го стори тоа, имајќи го предвид нивото на обезбедување на Кремљ“, напиша Варламов, сеќавајќи се на своето искуство од прошетката во самото кале (тој беше пуштен внатре во 2011 година).

„Насекаде има сензори и камери“, забележува Варламов и на фотографиите кои тој ги постави се гледа дека на ѕидините на Кремљ на оддалеченост од неколку метри има камери. Згора на тоа премините на ѕидините се заградени со решетки и огради – не можеш ни туку-така да се прошеташ, а да не зборуваме да се искачиш на кулата.

Сите луѓе на претседателот

Варламов исто така пишува дека „на секој чекор (на ѕидините) стојат соработници на Федералната служба за безбедност (ФСО), кои веднаш ќе го фатат престапникот“. ФСО е специјална служба која осигурува безбедност на највисокото раководство на земјата, а работната резиденција на претседателот – Кремљ – влегува во зоната на нивната одговорност.

Во структурата на ФСО влегуваат гарнизонот на Кремљ – Кремљовскиот, или претседателскиот полк. Како што вели за изданието „Вилиџ“ анонимен извор кој служи во полкот, во него служат околу 500 лица. Во полкот влегуваат пет баталјони, од кои два се занимаваат непосредно со обезбедување на калето. Исто така постојат чети на почесна гарда, кои стојат на особено важни места – покрај Вечниот оган и Мавзолејот на Ленин – и учествуваат на парадите.

Според изворот на „Вилиџ“ доколку Кремљ биде нападнат или доколку се случи опасност за присутните таму, ФСО има кого да повика на помош: четата на оперативната резерва („локални специјални единици“) и уште една автоединица со тенкови и оклопни возила кои се наоѓаат во Подмосковје.

Посебна специјална служба

Кремљовскиот полк не се ограничува на структурите на ФСО во Кремљ. Во него влегуваат агенти кои се директно одговорни за безбедноста на највисоките лица, а исто така и на странските гости за време на нивните посети во Кремљ. Овие луѓе минуваат посебна подготовка. Според филмот „Како функционира обезбедувањето“, тие редовно минуваат тренинзи на борење, вежбаат стрелање и тоа во услови кога претпоставената цел се наоѓа во толпа и е тешко да се цели на неа. Освен тоа, во специјалната служба внимателно ги изучуваат сите случаи на напади врз светските лидери, го анализираат однесувањето на странските колеги и моделираат слични ситуации.

Пред официјалните средби во Кремљ припадниците на ФСО обрнуваат големо внимание на безбедноста на резиденцијата на претседателот. Неколку дена бројот на екскурзии во музеите на Кремљ се намалува, специјалните служби со кучиња неколку пати ги поминуваат салите на Големиот кремљовски дворец изграден во 1849 година, каде обично се одвиваат средбите, за постоење на експлозивни направи. Понекогаш ФСО на територијата на Кремљ врши целосни вежби: така на 17 ноември 2016 година, специјалната служба заедно со полицијата и Руската гарда неколку часа одработуваше сценарио на влегување на диверзанти во Кремљ, поради што беше забранет влез за посетителите,

Забранета територија

Ограничувањата поврзани со Кремљ се поврзани не само со кулите и со ѕидините. Над кремљ се забранети секакви летови, меѓу кои и со квадрокоптери, поради што понекогаш се приведуваат и туристи. Така, во 2015 година ФСО го приведе германскиот снимател Фрицше Холгер, кој се обидуваше да го сними Кремљ од дрон и го казни парично.

Како што предвидуваа многумина имено со борбата со дроновите е поврзана и аномалијата кога покрај Кремљ се губеа сигналите на GPS и на ГЛИНАСС, а навигаторите покажуваа дека нивните сопственици не се наоѓаат покрај ѕидините  на претседателската резиденција, ами во еден од московските аеродроми. Но, претставниците на ФСО негираат дека тие ги прекриваат сигналите.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.