Зошто Русија е толку голема?

Катерина Лобанова
„Како вотката ...“, „Зошто Путин ...“ „Руска реч на македонски“ ги собра најпопуларните прашања од Интернет-пребарувачите кои се однесуваат на Русија. Во серијата написи „Зошто Русија“ ние детално ќе одговориме на секое прашање. Првиот од нив е посветен на големината на Русија.

Русија е најголемата земја во светот, со површина од 17,1 милиони квадратни километри. На нејзината територија би влегле, на пример, 25 Франции или 47 Германии. Причините за овие огромни димензии се вкоренети во историјата.

Првично Русија се формирала како традиционална европска држава. Дури до XV-XVI век бројните кнежевства војувале меѓу себе, а потоа преовладала Москва. Таа успеала да ги засече конкурентите и да ги обедини териториите на кои во тоа време живееле Руси.

Одиме на исток

Потоа почнува најинтересно. Уште за време на Иван IV Грозни (1533-1584 година) Руските Козаци тргнуваат да ја освојуваат земјата од другата страна на Уралските планини: Сибир и Далечниот Исток. Денешниот азиски дел на Русија претставува 77% од нејзината територија. Затоа токму освојувањето на Сибир ја претвора Русија во земја со најголема површина.

Москва ги присвојувала и ги освојувала источните територии без особени проблеми и во 1645 година Русите веќе стасале до брегот на Тихиот океан. Владимир Колосов, претседател на Меѓународниот географски сојуз, ги истакнува двете главни причини поради кои експанзијата на Сибир и на Далечниот Исток не се судрила со особен отпор.

Прво, само огромните и ладни земјиште биле слабо населени. „И во моментов густината на населението таму е 2 лица на квадратен километар, а во XVII век била уште пониска“, вели Колосов за „Руска реч на македонски“. Второ, племињата, кои сепак решиле да се населат во Сибир, во најголем дел не гледале проблем во присоединувањето кон Русија.

Гигантска империја

„Русите немале желба да ги потиснат локалните племиња. Во суштина тие се интересирале за кожите, вредната стока при трговијата со Европејците“, прецизира експертот. Племињата можеле безбедно да го задржат својот начин на живот, а Русија им ја гарантирала нивната безбедност, за што тие плаќале јасак (данок). Според Колосов тоа им одговарало на сите страни, затоа експанзијата на Сибир имала мирен карактер.

Во исто време, западот и југот на Русија растеле значително побавно - за нови територии морало да се војува со Полска, Турција и со други влијателни држави. Сепак, Руската империја достигнала до гигантски димензии, дури и поголеми отколку современа Русија – 21.8 милиони квадратни километри.

Во 1865 година рускиот службеник Александар Половцов забележува дека Русија е толку огромна што нејзиното управување е многу тешко - понекогаш не е лесно да се дознае што се случува на границите: „Денес пристигна порака дека генерал Черњаев го презел Ташкент (град во Азија, денес престолнина на Узбекистан, заб. ред.). Никој не знае зошто и за што. Сепак, има нешто еротско во случувањата на границите на нашата империја ...“

Големи територии, малку население

Советскиот Сојуз, кој настанал на местото на Руската империја, бил уште поголем: територијата му била 22.4 милиони квадратни километри. Модерниот изглед Русија го добива по распадот на Советскиот Сојуз, кога државата во која не беше изграден комунизмот се распадна на 15 независни држави.

Независно од огромните димензии, според бројот на населението Русија го зазема само 9 место на светот (146 милиони луѓе), само со 10 милиони повеќе од Јапонија, чија територија е 45 пати помала. Владимир Колосов потсетува дека голем број делови од Сибир и Далечниот Исток, особено северните, се практично ненаселени територии со сурова клима, каде и до ден денешен е тешко човековото постоење.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња