Каква земја е Русија: богата или сиромашна?

Екатерина Лобанова
„Како вотката ...“, „Зошто Путин ...“ „Руска реч на македонски“ ги собра најпопуларните прашања од Интернет-пребарувачите кои се однесуваат на Русија. Во серијата написи „Зошто Русија“ ние детално ќе одговориме на секое прашање. Овој пат зборуваме за економската положба на Русија и на Русите.

Русија е полна со мистерии и парадокси. Една од потврдите за оваа вистина е пребарувањето на Google за тоа зошто Русија е толку сиромашна и во исто време зошто Русите се толку богати. Роби Вилијамс направи клип во кој се потсмева на манирот на руските богаташи кои си играат со животот, а во „Гардијан“ (Guardian) пишува дека бројот на Русите кои живеат под границата на сиромаштијата расте од 2014 година. И така, Русија е сиромашна или богата земја?

Наддржава богата со ресурси

Првото нешто што ми доаѓа на ум при размислите за богатството на Русија, се природните ресурси. Вистината е дека таа е на прво место во светот по резерви на природен гас (речиси една четвртина од светскиот гас според проценка на ОПЕК), петто - по докажаните резерви на нафта (според БП - British Petroleum). Според податоците на Министерството за економски развој на РФ во 2015 година производството на енергетскиот комплекс било 63% од целиот обем на она што Русија го има продадено во странство, а уделот на приходите од нафтено-гасниот сектор во буџетот достигна 43 %. Никаде во светот нема толку многу шуми (т.е. дрво), како во Русија, а по резервите на свежа вода таа отстапува само зад Бразил. Тоа е логично - би било навредливо да имаме најголема територија во светот и да сме без ресурси.

Економистите велат дека таквото потпирање на јаглеводородите е опасно и дека ја става руската економија во зависност од цената на нафтата. Според нив треба да се намалува зависноста на економијата од цените на природните ресурси.

Излез од рецесија

Огромниот пад на цените на нафтата во периодот 2014-2016 година (од $ 111 до $ 32 за барел), заедно со воведувањето на санкциите удрија по руската економија. Во 2015 година бруто домашниот производ (БДП) на Русија се намали за 2.8%, во 2016 година цената на нафтата се стабилизира и намалувањето го успори темпото, достигнувајќи 0.6%, според проценка на Руската статистичка служба (Росстат) . Во 2016 година БДП на Русија, според паритетот на куповната моќ, достигна $ 3.75 билиони, а тоа е третото место во светот. Според прогнози на консултантската агенција PricewaterhouseCoopers Русија ќе го задржи ова место и по 33 години - до 2050 година. БДП по жител, според податоците на Светската банка, во 2015 година бил $ 9.054, а тоа е 66 место во светот.

Експертите-економисти анкетирани од „Интерфакс“ посочуваат дека Русија постепено излегува од рецесија (пад на економијата) и преминува кон стагнација. При сето тоа засега Русите се посиромашни: во 2016 година нивните реални приходи се намалија за 5.9% во споредба со претходната година.

Во 2016 година просечната плата на Русите била околу 36.000 рубли ($ 620 по курсот во февруари 2017 година). За споредба просечната плата во Русија со други земји, весникот „Деловаја жизњ“ забележува дека Русите заработуваат помалку отколку луѓето во Западна Европа, но повеќе од сите жители на поранешниот СССР.

Држава на нееднаквоста

Да се ​​зборува за тоа дали Русите се богати или не, е тешко, бидејќи голем дел од богатството е сконцентриран во рацете на многу мал дел од населението. Според оценка на Кредит Свис глобалниот уелт-репорт (Credit Suisse Global Wealth Report) за 2016 1% од населението на Русија држи во рацете 74.5% од националното богатство. Според податоците на списанието „Форбс“ (Forbes) за 2016 во Русија има 77 доларски милијардери. Нивниот број се намалува: во 2015 имало 88.

„Во последниве години нееднаквоста опаѓа, според податоците на Росстат, но сепак продолжува да биде доволно голема во споредба со другите земји, коментира Елена Гришина, началник на лабораторијата за истражување на пензиските системи и финансиски и осигурителни проекции во социјалната сфера при Институтот за социјална анализа и предвидување на Руската академија за народно стопанство и државна администрација (РАНХиГС).

Богатството и сиромаштијата се релативни

Според статистиката на Росстат за сиромашни во Русија се сметаат 20.3 милиони луѓе (13.9% од населението). Тоа се луѓе чии месечни примања се под животниот минимум (сега тој е 9.889 рубли или $ 167). Сепак, и покрај рецесијата и високото ниво на нееднаквост, не вреди да се претерува нивото на сиромаштија во Русија, забележува Тим Ворстол, економист и набљудувач на „Форбс“.

Анализирајќи ја статијата на „Интернешнл бизнис тајмс“ (International Business Times), каде што погрешно се наведува дека Русите трошат за храна половина од месечниот доход (всушност вистинскиот процент е околу 11-12%), Ворстол пишува: „Ако Русите трошеа по 50% од вкупните приходи за храна, требаше да очекуваме дека се толку сиромашни, колку и Бангладешанците и сличните на нив, а тоа едноставно не е точно, ниту е блиску до вистината“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња