По нападите од религиозни бунтовници на продавници со резерви од оружје и на единица на Националната гарда, претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев рече дека е видел траги на „обоена револуција“ - термин со кој сликовито се опишува насилната промена на режимот со спонзорирањето од страна на надворешните сили. Таков ли е случајот реално?
Ова сигурно е навремено предупредување, но не треба да му се дава прекумерно значење, смета Евгениј Бужински, пензиониран генерал и постар потпретседател на Центарот за политички студии „Пир“ - независен центар за анализи во Москва. Според експертот постојат четири фактори кои гарантираат статус кво.
„Авторитетот и угледот на претседателот Нурсултан Назарбаев придонесуваат за стабилност на централната власт. Тој е премногу паметен и попопуларен меѓу народот, отколку, да речеме, поранешните украински претседатели“, смета Бужински.
„Второ, освен салафистичките радикали и не многубројните демонстранти, мнозинството граѓани не се подготвени за драматични социјални промени“.
„Трето, стабилноста на Казахстан во голема мера е вкоренета во приходите генерирани од минералните ресурси на земјата (нафтата и природниот гас), што е во спротивност со ситуацијата во Украина“.
„Четвртиот фактор: Казахстан е дел од неколку интеграциски процес, како Евроазиската економска унија, Шангајската организација за соработка и Организацијата на договорот за колективна безбедност. Засега нема опасност од политичка дестабилизација на Казахстан“.
Друга опасност која демне е агресивниот национализам. Рускиот блогер Денис Тукмаков одблизу ги следи вербалните вежби кои имаат за цел да создадат нова митологија, чиј центар е Казахстан, преку оцрнување на другите нации - главно етничките Руси и Кинези.
„Ние, Казаците, сме (гордите) наследници на Златната Орда“; „Целата казахстанска земја е обележана од остатоците на античкиот систем за водоснабдување и канализација“; „Турците (Казаците се дел од турски етничка група - заб. ред.) го имаат измислено тркалото“, итн.
Во исто време локалните националисти ги опишуваат Русите во Русија како „генетски програмирани робови“, „алкохоличари“ и „ментално болни“. Кон Кинезите локалните националисти одговараат со истата доза на недоверба и антипатија.
Експертот за поранешните советски републики Људмила Адилова, професор на Рускиот државен универзитет за хуманистички науки, смета дека значењето на инцидентот во Актобе е пренагласено од страна на медиумите.
„Случајот личи на напад од религиозни екстремисти и постои веројатност тој да е користен од локалната опозиција како обид за промена на режимот, ако предметната опозиција веќе не избрала да ја напушти земјата и да се оддаде на самопрогон. Можно е сепак и тоа да е тест со кој треба да се провери она што би можело да предизвика народен бунт“.
Ако е така, зошто токму Актобе беше избран за тестирање на моделот за бунт?
„Всушност Актобе е една од" најслабите алки“ во Казахстан. Западните области страдаат поради дискриминаторската распределба на приходите од извозот на јаглеводороди. Тоа предизвикува негодување. Покрај тоа егзодусот на етнички Руси од регионот придонесе тој да стане повеќе 'архаичен' и го спречува неговиот развој“.
На овој фон задржувањето на Нурсултан Назарбаев на власт навистина е подложено на тест, така ли е?
„Отпорноста на претседателот Назарбаев не смее да се потценува. Сепак постојат некои пречки како што е зависноста од системите базирани на кланови и жузови (орди или племиња). Не сите жузови се вклучени во власта. За да се компензира овој недостаток, се бара начин да се угоди на политичкиот контраелита, со цел да се задржи местото во државните структури. Сепак, настаните во Актобе се силен предупредувачки сигнал дека на периферните области треба да им се посвети поголемо внимание“.
Општо земено, во моментот стабилноста во Казахстан се соочува со предизвици, но сè уште не е загрозена.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче