Кој му го предаде планот „Барбароса“ на СССР

Кадар од фимот „17 моменти на пролетта“

Кадар од фимот „17 моменти на пролетта“

kinopoisk.ru
„Руска реч на македонски“ ја расветлува приказната на советскиот агент-илегалец, кој во 1941 година ѝ го предал планот на нацистичка Германија за окупација на СССР.

Во 1995 година Ѕвездата Херој на поранешниот преведувач на ТАСС и поранешен советски илегалец во нацистичка Германија му беше донесена од двајца генерали – началникот на Генералштабот и началникот на Главната разузнавачка управа. Черњак се свестил и ја фатил со рацете највисоката награда на Русија, па тивко прошепотел: „Добро е што не е посмртно“.

По десет дена почина.

Младоста и врбувањето во советското разузнавање

Легендарниот советски разузнавач Јан Черњак, за кој никогаш ништо не се знаело сè до неговата смрт во февруари 1995 година, е роден во 1909 година во Северна Буковина, која во тоа време била дел од Австро-Унгарија. Неговите родители – сиромашен еврејски трговец и Унгарка-домаќинка – загинале во Првата светска војна. Момчето израснало во дом за деца без родители. Но, уникатните природни способности му овозможиле уште на 16 години слободно да зборува на шест јазика. На мајчиниот германски, на јидиш, на унгарски, на романски, на чешки и на словачки. Откако со успех го завршил училиштето, тој се запишал на Париското вишо техничко училиште кое го завршил во 1931 година. Таму тој самостојно научил француски и англиски и станал електроинженер. Понатаму неговата биографија добива детективски правец.

Во автобиографијата, која се наоѓа во личното досие, а се чува во одделот за кадри на ТАСС, каде Јан Черњак работел до пензија од 1950 до 1969 година како преведувач, е напишано дека по завршувањето на париската школа почнал да работи во локалната фабрика „Електромоторенверке“.

Во записките за него, кои се објавени како во Русија, така и во странство, се вели дека тој се запишал на Берлинскиот политехнички универзитет. Таму тој бил врбуван во советското воено разузнавање, по што заминал да служи во романската армија, од каде почнал да пренесува во Москва крајно тајни информации. Потоа повторно се вратил во Германија, каде што ја создал разузнавачката мрежа „Крона“.

Дејноста на „Крона“

Во оваа мрежа како агенти на Черњак наводно имало некој крупен банкар, секретар на министер, прв човек на истражувачкиот оддел на авијатичко конструкторско биро, ќерка на началник на тенковско конструкторско биро, високи воени претставници. А, едни од агентите кои сега се откриени, биле и омилените актерки на Хитлер – Марика Рјок и Ољга Чехова.

Информаторите на Черњак во 1941 година успеале да добијат копија од планот „Барбароса“, а во 1943 година и оперативниот план за германската офанзива кај Курск. И доколку во првиот случај Москва не му придавала големо значење на уникатниот документ кој бил испратен од страна на илегалецот, во четириесет и третата година неговите повеќестрани информации послужиле како потпора за подготовка на уништувањето на фашистичките сили кај Белгород и кај Курск и за создавање на решавачкиот прелом во Големата татковинска војна.

Освен тоа Черњак на СССР му доставувал вредни технички информации за германските „Тигри“ и „Пантери“, за артилериското оружје, податоци за реактивното вооружување, за ракетите „Фау-1“ и „Фау-2“, разработките за хемиско оружје, радиоелектронски системи.

Ветераните на ДРУ тврдат дека разузнавачката мрежа на Черњак била една од најдобрите во историјата – за петнаесетина години таа немала ниту една утка.

Нуклеарно оружје, предавство и пребегнување во СССР

Черњак има дадено голем придонес и во создавањето на советското нуклеарно оружје. Информациите за овие разработки ги има добиено во Велика Британија, а потоа заминал на задача во Канада и во САД. За време на своето службено патување тој испратил во СССР илјадници листови материјали за американското нуклеарно оружје, па дури и неколку милиграми уран-235, кој се користи за подготвување на атомска бомба.

Интересно е тоа што Германците успеале (без грешка на Русија) да ги пронајдат, разобличат и да ги уапсат учесниците на советската разузнавачка мрежа која тие ја нарекле „Црвена капела“ и да ја ликвидираат разузнавачката мрежа „Црвена тројка“. Сепак, тие не можеле да стасаат до информаторите на „Крона“. Не можеле да го идентификуваат и нејзиниот раководител Јан Черњак, кој бил наречен „човек без сенка“. Тој никаде и никогаш не оставал траги зад себе. Се вели дека тој дури и не преноќувал двапати на исто место. Постојано се движел низ Европа, се поврзувал со своите агенти само кога добивал од нив сигнал за неопходност од таква средба.

Черњак ќе продолжел со својата работа во странство и понатаму, но од советското воено аташе во Отава избегале шифрантите кои знаеле нешто за него, па Черњак морал веднаш и тајно да биде однесен во ССССР.

Јан Черњак добил советски пасош во мај 1946 година. Тогаш почнал и да учи руски јазик. Неговата автобиографија во одделот за кадри на ТАСС е напишана без ниту една правописна грешка. Никој никогаш не знаел ниту во новинската агенција, ниту надвор од неа, па дури ни неговата жена, кој бил всушност Јан Петрович Черњак и каков придонес дал тој во победата над хитлеровската војска и во создавањето на советското нуклеарно оружје. Дури откако му е доделена златната Ѕвезда на Херој на Русија, тајната за неговата судбина почнала да се открива. И тоа не во целост.

Не е исклучено дека разузнавачката мрежа што ја создал Черњак функционира и денес.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња