Договорот предвидува прекин на огнот помеѓу регуларната армија и нивните сојузници од една страна и борбените редови на опозицијата од друга. Како што истакна рускиот претседател Владимир Путин, прекинот на борбените дејствија нема да се однесува на екстремистите од ИДИЛ, од Ал Нусра и на други организации кои СОветот за безбедност на ОН ги смета за терористички.
Договорот за прекин на огнот треба да стапи на сила на 27 февруари. До пладне на 26 февруари претставниците на страните што учествуваат во сирискиот конфликт треба да „им потврдат на Русија или на американските партнери за својата приврзаност за прекин на огнот“. Потоа ќе биде направена карта со зацртани територии кои ги заземаат споменатите страни, и за тие подрачја ќе важи прекин на огнот.
Со ова треба да се занима групата за прекин на огнот која е формирана под покровителство на ОН. СОпретседатели на групата се Русија и САД. За размена на информации помеѓу Москва и Вашингтон предвидено е да се воспостави специјална директна линија, а „доколку биде неопходно“, да се формира и работна група.
Во руската воздухопловна база Хемејмим веќе е создаден координациски центар за примирје помеѓу завојуваните страни. Како што се вели во руското Министерство за одбрана, претставниците на опозицијата кои решиле да ги прекинат борбените дејствија можат да се обратат во Центарот каде ќе им биде дадена помош во воспоставување врска со сириските власти.
Високиот комитет за преговори кој е основан во Ријад и кој е составен од претставници на сириската опозиција, на 22 февруари соопшти дека „ги прифаќа меѓународните напори насочени кон прекин на борбените дејствија“. Но, Комитетот својот став го услови со исполнување цела низа барања, од кои главниот е поврзан со прекин на бомбардирањта од страна на Руската Федерација и регуларната сириска армија.
Ал Асад од своја страна, во разговорот со Путин од 24 февруари ја изрази подготвеноста на властите на Сирија да „соработуваат во воспоставивањето примирје“. И Ал Асад и Путин во оваа пригода ја нагласија важноста од „бескомпромисна борба“ против ИДИЛ и Ал Нусра, како и против другите терористички организации.
Тешкотиите настануваат за време на обидите да се направи разлика помеѓу умерената опозиција и екстремистите, објаснува за „Руска реч на македонски“ Семјон Багдасаров, директор на Центарот за проучување на земјите од Блискиот Исток и Централна Азија. На пример, припадниците на Ал Нусра, која е филијала на Ал Каида, војуваат во тесна соработка со определени бригади на опозициската Слободна сириска армија и е невозможно да се повлече јасна граница помеѓу овие две групи, вели експертот.
Самите претставници на сириската опозиција наоѓаат само еден излез од оваа ситуација – бараат армијата на Ал Асад и руската авијација да престанат со бомбардирање на Ал Нуста, кои ОН ги сметаат за терористи.
Шансите за исполнување на овој договор се поголеми одошто беше случајот со претходните договори за Сирија, смета Александар Шумилин, шеф на Центарот за анализа на блискоисточните конфликти при институтот за проучување на САД и Канада. Според него, главен фактор во овој поглед е поддршката што договорот ја има од претседателите на РФ и на САД.
Шефовите на Пентагон и на ЦИА не се оптимисти во поглед на овој договор. Тие не веруваат дека Руската Федерација ќе покаже кооперација во прекинот на огнот и затоа се обратија до Барак Обама со предлог во тој случај да подготват и план „Б“. Овој план подразбира испорака на моќно вооружување на опонентите на Ал Асад, а можеби и воведување санции за Руската Федерација, како оние што веќе се воведени за Москва поради конфликтот во Украина. Руските експерти сметаат дека ваквиот развој на настаните е сосема можен, иако воедно истакнуваат дека тој никаде не води. Според Семјон Багдасаров, може да се претпостави дека ваков план веќе постои и дека на опозицијата веќе ѝ е испорачувано. Тој, на пример, потсети на соопштението за испраќање американски противтенковски ракети на опозицијата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче