Су-34 во Сирија

„Сухој Су-34“  полетува за време на меѓународното авиошоу „МАКС 2007“ во Жуковски, недалеку од Москва, 23 август 2007.

„Сухој Су-34“ полетува за време на меѓународното авиошоу „МАКС 2007“ во Жуковски, недалеку од Москва, 23 август 2007.

Ројтерс
Во Сирија е применет авионот Су-34. Целиот свет имаше можност да ги оцени неговите борбени карактеристики. Со самото тоа пораснаа и шансите за извоз на овој руски ловец-бомбардер. Потенцијални купувачи можат да бидат како државите од азиско-тихоокеанскиот регион, така и земјите од Блискиот Исток.

Ловецот-бомбардер Су-34 е модернизирана верзија на ловецот Су-27. Спаѓа во авионите од генерацијата 4+. Наменет е за уништување копнени сили, морнарици и системи за ППВО. Може да извршува задачи во секакви временски услови и во секое време од денот и од ноќта. Предноста на моделот Су-34, меѓу другото, е големата резерва на гориво, можноста за дополнување гориво во воздух и исклучително малата потрошувачка, што на овој авион му овозможува голем радиус на движење, како што имаат бомбардерите со среден лет, на пример Ту-16 или Ту-22М.

Потенцијални купувачи

Во моментов авионите Су-34 ги користи само Министерството за одбрана на Русија, кое до 2020 година ќе добие уште 124 летала од овој вид. Но, по нивната примена во сирискиот конфликт не е исклучено дека и странски купувачи ќе се заинтересираат за овој авион кој се покажа добро во борбените дејствија.

„На Блискиот Исток за купување можат да бидат заинтересирани Иран и Алжир. Иран се залага за тоа да добие договор за производство на овие авиони на својата територија. Но, потребно е многу време за подготовка на технолошкиот синџир за производство. Кога станува збор за Алжир и за земјите од Латинска Америка, тие би можеле да купат помали партии од 10 летала. На државите кои немаат моќно воено воздухопловство повеќе им одговараат авионите од типот Су-30. Машина како што е Су-34 пред сè им е потребна на моќните авијации“, вели за „Руска реч на македонски“ независниот воздухопловен аналитичар Владимир Карнозов.

Најдобар во односот помеѓу цената и квалитетот

Односот меѓу цената и квалитетот и борбениот потенцијал го прави Су-34 најдобар ловец во својата класа. Директен конкурент на рускиот ловец денес е веќе застарениот американски F-15 Eagle. Минатата недела либанскиот весник „Ал Дијар“ соопшти дека шест авиони Су-34 полетале од базата Хмемим во Сирија и дека над Средоземното море наишле на четири израелски ловци F-15 кои ја набљудувале испораката на руско вооружување во Латакија. Кога руските Су-34 ги зеле на нишан, израелските пилоти го напуштиле овој воздушен простор. Су-34 има безбедносни радарски системи кои овозможуваат да бомбардира цели во Сирија без опасност од соборување со помош на копнените сили за ПВО.

„За Су-34 сириската операција е пред сè проверка на новиот авион со кое во моментов се вооружува военото воздухопловство на Руската Федерација. Тоа е апробација во вистински воени услови, а не презентација на леталото за евентуален извоз“, објаснува за „Руска реч на македонски“ независниот воен експерт Олег Желтоножко. „Во моментов е мала веројатноста дека ќе се реализира извоз на овој модел. Освен тоа, пазарот на специјализирани авиони од ваква класа е мошне помал од пазарот на универзални ловечки авиони, а потребата на руското воено воздухопловство за авионите Су-34 е исклучително голема, со оглед на големината на територијата на Русија и на фатот дека моделот Су-24 е веќе застарен“, вели експертот.

„Сепак, доколку дојде до испорака во странство, Виетнам делува како најперспективен купувач, особено во контекст на дамнешните врски со Русија, искуството во користењето на авиони од семејството Сухој и значајните финансиски можности, како и спротивноста во односите на Виетнам со другите држави во врска со спорните острови кои се наоѓаат далеку од брегот. Судејќи според досегашното купување на други авиони, во првата партија би биле купени 5-10 летала, а вкупниот број би зависел од заинтересираноста на купувачите“, вели Желтоножко.

Цената на авионот се движи од 30 до 50 милиони долари, во зависност од борбената опрема.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња