Извор: Руслан Шамуков / ТАСС
На прв поглед оваа сосема обична желба на човека да им ги покаже своите фотографии на другите може да го однесе директно кај психијатар. Зависноста од Интернет наскоро ќе биде вклучена во списокот на психички заболувања и тогаш ваква дијагноза ќе добијат зависниците од онлај-игри, од социјалните мрежи или од селфи. Но, не на сите љубители на селфи им е потребно лекување.
„Селфи е, всушност, автопортрет, - објаснува водечкиот научен соработник на Федералниот медицински истражувачки центар за психијатрија и наркологија при Министерството за здравство на Русија Лев Пережогин. – Автопортрети постојат во творештвото на речиси сите уметници“.
Лекувањето е потребно кога некој не може да живее без селфи и секој свој чекор сака да им го покаже на другите. Кога тоа прераснува во опсесија, треба да се обратите кај лекар.
„Лекарите сега се сретнуваат со сосема поинаква опседнатост од мобилните уреди, а особено од селфи“, вели Пережогин. „Селфи се појавува како облик на зависност од електронски уреди. На пример, човек не може да постави фотографија кога нема пристап до Интернет, а тој тоа го доживува како апстиненцијална криза, нешто слично на онаа што ја доживуваат зависниците од хероин. Тоа е зависност и за неа постои терапија, кој вклучува и соодветни лекови“.
Селфи за девојки
Стативи за фотоапарати, селфи-стикс, тајмери и посебни кабли – сето ова производителите на техника го произведуваат за да им угодат на потрошувачите. Потрошувачката за ваква стока постојано расте. Некои московски паркови дури и размислуваат да изнајмуваат селфи-стикови за оние што ги заборавиле дома или за оние што не сакаат со себе да носат дополнителна апаратура.
Психолозите истакнуваат дека од „селфиманија“ обично страдаат младите од 13 до 30 години, при што најчесто се тоа девојки кои освен свои, сакаат да прават и групни селфи.
„на социјалните мрежи најмногу лајкови добиваат токму селфи“, вели нејзиниот сопруг Алексеј. „Многупати сум ставал слики од улици, куќи, но луѓето и понатаму лајкуваат селфи, дури и ако фотографијата е снимена наутро за појадок“.
„За роденден побарав да ми купат статив со далечинско управување“, вели 21-годишната московјанка Јулија. „Јас и маж ми многу патуваме и сакам на фотографиите да бидеме заедно. На некое место што многу ќе ми се допадне, можам да направам стотина фотографии за да добијам идеални снимки“.
Сè за селфи
Ориентир за многумина станаа ѕвездите од политиката и од шоу-бизнисот кои со задоволство прават селфи со своите обожаватели. Не помалку популарни се разголените фотографии на познатите кои се направени на огледало, а кои исто така доаѓаат во глобалната мрежа, но сега со помош на хакерите.
„Голите селфи повеќе никого не го восхитуваат, за жал, младите луѓе во трка за рејтинг сега се фотографираат на фонот на некоја зграда што гори, со луѓе што се тепаат или покрај некоја автомобилска несреќа, - вели психологот Ољга Пешкова. – Но, постојат и такви на кои им недостасува внимание, разговор, па тогаш тие почнуваат на социјалните мрежи да ставаат слики со храна, со шкафот, од тушот“.
Желбата да се запечати секој чекор доведува до тоа социјалните мрежи да се преплавени со навредувачки селфи, чии автори и не знаат зошто го прават тоа.
„Живееме во време на егоцентризам, луѓето не ја сфаќаат ниту својата социјална улога, ниту личносната припадност, па оттука потекнува и трагањето по експерименти, - претпоставува Пережогин. – Оттука е и желбата 10 пати да се смени работата, 20 пати да се смени партнер – вечната потрага по личноста, да се сфати кој си и зошто си потребен. Во процесот на потрага по идентитетот се појавува нарцизмот – желба да се гледа на себе, да се покажуваш себеси и да добиваш одобрување од оние што те опкружуваат“.
Масовната опседнатост со селфи веќе доведе до некои забрани, па така главниот уредник на американското издание на Воуг воведе табу на селфи на Балот на институтот на костими, а генералниот директор на Канскиот фестивал забрани да се прави селфи на црвениот тепих. Не можете да се фотографирате себеси во Лондонската национална галерија, во Музејот на современата уметност во Њујорк, во Националната галерија на Австралија. Во Русија ваква забрана постои во Државната Третјаковска галерија. Експертите забележуваат дека ова е само почеток во борбата со самољубието.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче