Михаил Горбачов: Јас сум против какви било ѕидови

Извор: Vostok-Photo

Извор: Vostok-Photo

Ова ексклузивно интервју Михаил Горбачов го даде за „Руска реч на македонски“ и за „Росијскаја газета“ кратко пред 9 ноември кога пред 25 години падна Берлинскиот ѕид. А, токму сега се крева нов ѕид: меѓу Истокот и Западот.

1989 година е година на падот на Берлинскиот ѕид. Но овој пад се случи дури во ноември. Уште летото истата година на конференција за печатот по вашите разговори во Бон со канцеларот Кол, вас ве прашаа: „А што е со ѕидот?!“, а вие одговоривте: „Ништо не е вечно под месечината. [...] Ѕидот може да исчезне кога ќе ги снема предусловите кои доведоа до негова изградба. Тука не гледам некој голем проблем.“ Каков развој на настаните претпоставувавте тогаш? 

Михаил Горбачов: Ниту јас, ниту Хелмут Кол летото 1989 година, се разбира, не очекувавме дека сè ќе се случи толку брзо, не очекувавме да падне ѕидот во ноември. Впрочем, и двајцата подоцна го признавме тоа. Не претендирам на титулата пророк.

Во историјата се случува и таа да го забрза својот од. Таа го казнува секого што доцни. Но уште посилно го казнува и оној што се обидува да ѝ застане на патот. Ќе беше голема грешка да се држиме за „Железната завеса“. Затоа од наша страна немаше никаков притисок врз владата на ДРГ. 

Кога почнаа да се одвиваат настаните со забрзан тек што никој не го очекуваше, советското раководство едногласно – сакам да го подвлечам тоа – донесе одлука да не се меша во внатрешните процеси кои беа во тек во ДРГ и нашите трупи во никој случај да не излезат од своите касарни. Јас и денеска сум убеден дека тоа беше правилна одлука. 

Што овозможи на крајот на краиштата да се надмине поделбата на Германија, кој, според ваше мислење, одигра решавачка улога во делот на нејзиното мирно обединување? 

Репортажите што ги немаше
На 9 ноември 1989 година светските медиуми објавија за уривањето на ѕидот кој го делеше Берлин на западен и на источен дел. Колку и да е чудно, печатот во СССР го премолчи овој настан. Советски луѓе тие денови можеа да дознаат за паѓањето на ѕидот само по гласовите или по некакви нафрлања, кои се најдоа во централните печатени изданија.

Михаил Горбачов: Решавачката улога во обединувањето на Германија ја одиграа самите Германци. Мислам не само на нивните масовни демонстрации за поддршка на единството, но и на тоа што во децениите по војната Германците и на исток и на запад докажаа дека извлекле поука од минатото, дека може да им се верува. 

А, за обединувањето да биде мирно, тој процес да не доведе до опасна меѓународна криза, мислам дека решавачка улога одигра Советскиот Сојуз. И ние во советското раководство знаевме дека Русите, сите народи на Советскиот Сојуз реагираа со разбирање за стремежот на Германците да живеат во една, демократска држава. 

Сакам да истакнам дека покрај СССР, одмереност и одговорност пројавија и другите учесници во процесот на решавање на германското прашање. Мислам на земјите од антифашистичката коалиција – САД, Велика Британија, Франција. Денес веќе не е тајна дека Франсоа Митеран и Маргарет Тачер имаа голем сомнеж во однос на темпото на обединувањето. Сепак војната остави длабока трага. Но кога сите аспекти на овој процес беа регулирани, тие ги потпишаа документите кои ставија конечна точка на студената војна. 

Вам ви се падна да го решавате судбоносниот проблем на светскиот развој. Меѓународното решавање на германското прашање со учество на големите држави и други земји претставуваше пример за висока одговорност и висок „квалитет“ на политичарите од таа генерација. Вие покажавте дека тоа е можно, доколку се раководат според – како што вие го дефиниравте тоа –„нов начин на размислување“. Колку современите лидери на државите се способни да ги решаваат по мирен пат современите проблеми и колку се сменија за 25 години пристапите кон барањето одговори на геополитичките предизвици? 

Михаил Горбачов: Обединувањето на Германија не беше изолирана појава, туку дел од процесот за прекин на студената војна. Патот за него го отворија перестројката и демократизацијата во нашата земја. Без нив Европа уште со децении ќе беше во поделена и „замрзната“ состојба. Излегувањето од таквата состојба ќе беше, убеден сум, многу потешко. 

Што е тоа нов начин на мислење? Тоа е признавање дека постојат глобални закани – а тогаш тоа беше пред сè заканата од нуклеарен конфликт, која можеше да се спречи само со заеднички напори. Значи, треба да се градат односите на нов начин, да се води дијалог, да се бараат начини за прекин на трката за вооружување. Да им се признае слободата на избор на сите народи - и во исто време да се земаат предвид меѓусебните интереси, да се гради соработката, да се остваруваат контакти за да се оневозможат конфликти и војни во Европа. 

Овие принципи беа втемелени во Париската повелба (1990) за нова Европа, најважниот политички документ потпишан од сите земји на Европа, САД и Канада. И како последица на тоа требаше да се развиваат, конкретизираат нејзините одредби, да се формираат активни структури, превентивни механизми, механизми за соработка. На пример, тогаш се предлагаше формирање на Совет за безбедност за Европа. Не сакам да ги споредувам тогашната генерација лидери со следната. Но фактот останува факт: тоа не беше направено.  И европскиот развој се доби едностран карактер, за што, мора да се каже, придонесе и слабата Русија во 1990 години. 

Денес мора да се констатира: сведоци сме на криза на европската (и светската) политика. Една од нејзините причини е, макар што и не е единствена, немањето желба кај нашите западни партнери да го земат предвид гледиштето на Русија, легитимните интереси на нејзината безбедност. На зборови ѝ аплаудираа на Русија, особено во времето на Елцин, а на дело ја игнорираа. Мислам пред сè на проширувањето на НАТО, плановите за распоредување на ПРО, активностите на Запад во важните региони за Русија (Југославија, Ирак, Грузија, Украина). Буквално така зборуваа: тоа не е ваша работа. Како резултат на тоа се создаде чир кој пукна. 

Јас би им советувал на западните лидери внимателно да го анализираат сето тоа, место да ја обвинуваат Русија за сè. Да се потсетат каква Европа успеавме ние да создадеме на почетокот на деведесеттите и во што, за жал, ја претворивме последниве години. 

Едно од главните прашања кое стои сега во врска со настаните во Украина е проширувањето на НАТО на Исток. Имате ли чувство дека западните партнери ве измамија при проектирањето на понатамошните планови во Источна Европа? Зошто не инсистиравте на правна потврда на дадените ветувања, особено за ветувањата на државниот секретар на САД Џејмс Бејкер во однос на непроширувањето на НАТО на Исток? Ќе го цитирам: „Нема да се случи проширување на јуриздикцијата и военото присуство на НАТО ниту за милиметар во правец на исток. 

Михаил Горбачов: Прашањето на „проширувањето на НАТО“ тие години воопшто не беше дискутирано и не се ни поставуваше. Го кажувам ова со целосна одговорност. Ниту една источноевропска земја не го покренуваше, меѓу другото и по престанокот на постоењето на Варшавскиот договор во 1991 година. Не го покренуваа ни западните лидери. 

Русија му помогна на НАТО да се сплоти
Потпретседателот на Руската Федерација во НАТО Александар Грушко зборува за кризата во односите со алијансата.

Се разгледуваше друго прашање што го поставивме ние: по обединувањето на Германија да не се случи напредување на воените структури на НАТО и распоредување дополнителни вооружени сили на Алијансата на територијата на тогашната ДРГ. Во тој контекст беше дадена и изјавата на Бејкер која вие ја споменавте во вашето прашање. За тоа зборуваа и Кол, Геншер. 

Сè што можеше и требаше да се стори за осигурување на таа политичка заложба беше сторено. И имплементирано. Во договорот за конечното решение со Германија е кажано дека во источниот дел на земјата нема да се формираат нови воени структури, да се испраќаат дополнителни трупи, да не се распоредува оружје за масовно уништување. Тоа беше запазено сиве овие години. Така што не треба да се прикажуваат Горбачов и тогашното советско раководство како наивни луѓе кои ги свртеле околу малиот прст.  Доколку имало наивност, тогаш тоа е подоцна, кога се појави ова прашање, и кога Русија првично „немаше против“. 

Одлуката на САД и нивните сојузници за проширување на НАТО на исток ја доби конечната форма во 1993 година. Јас уште на самиот почеток го нареков тоа голема грешка. Нема сомнение дека тоа беше нарушување на духот на оние изјави и уверувања кои ни ги даваа во 1990 година. Што се однесува до Германија, тие беа законски регулирани и се почитуваат. 

За секој Русин Украина и односите со неа денес се болна тема. Така и вие, како човек што е половина Русин, а половина Украинец, во поговорот на својата книга „По Кремљ“ велите дека сè што се случува сега во таа земја го примате со огромна болка. Какви начини за излез од украинската криза гледате вие и како во блиска иднина ќе се развиваат во светлината на последните настани односите на Русија со Украина, земјите од Европа, САД? 

Михаил Горбачов: Во наредниот период сè е повеќе или помалку јасно: треба во целост да се исполни сè што е напишано во Спогодбата од Минск од 5 и 19 септември. Засега реалната ситуација се чини многу кревка. Прекинот на огнот постојано се прекршува. Но последниве денови се создава впечаток дека „процесот тргна“. Се формира тампон-зона, се повлекува тешкото вооружување. Пристигнуваат набљудувачи – од ОБСЕ, вклучувајќи и руски. Ако успее сето тоа да се обезбеди, тогаш тоа ќе биде огромно достигнување – но само прв чекор. 

Треба да се признае дека на односите меѓу Русија и Украина им е нанесена огромна штета. Не смее да се дозволи тоа да се претвори во взаемно отуѓување на нашите народи. Овде огромна одговорност паѓа врз лидерите – претседателите Путин и Порошенко. Тие треба да дадат пример. Треба да се оладат разгорените страсти. Кој е во право, а кој виновен – ќе се разбереме подоцна. Сега најважно е да се воспостави дијалог за конкретни прашања. Да се нормализира животот во областите што настрадаа најмногу, засега да се тргнат настрана проблемите со статусот итн. Овде и Украина, и Русија, и Западот би можеле да помогнат - и индивидуално, и заеднички. 

Поскромно, но посигурно
Односите меѓу Русија и Европската Унија остануваат повеќе од затегнати, а зрак на надеж не се гледа. Очигледно е дека Брисел нема да ги укине санкциите – барем не во блиска иднина. Освен тоа, секое превирање на истокот на Украина сега, судејќи според сè, се интерпретира исклучително како вина на Москва и може да послужи како повод за идни мерки на одмазда.

На Украинците им претстои да направат уште многу нешта за да дојде до мир во земјата, за да може секој човек да се чувствува како граѓанин чии права и интереси се сигурно гарантирани. Работата дури и не е толку во уставните, законските гаранции, колку во реалниот секојдневен живот. Затоа јас би препорачал покрај изборите колку што е можно побрзо да започне со работа „тркалезна маса“ на која ќе бидат претставени сите региони, сите слоеви на населението. И каде би можеле да се покренуваат  разгледуваат секакви прашања. 

Што се однесува до односите на Русија со земјите од западна Европа и САД, првиот чекор е да излезат од логиката на меѓусебни обвинувања и санкции. Според мене, Русија веќе го направи тој чекор откако се откажа од контра-мерки по последната рунда западни санкции. Збор за партнерите. Мислам дека тие пред сè треба да се откажат од таканаречените лични санкции. Како да се води дијалог ако вие „ги казнувате“ луѓето кои донесуваат одлуки, кои влијаат на политиката? Треба да се разговара еден со друг. Тоа е аксиома која сосема погрешно ја заборавија. 

Убеден сум дека штом се воспостави дијалог, ќе се најдат и допирни точки. Доволно е да се погледне наоколу – светот е тензичен, заеднички предизвици, маса проблеми кои можат да се решат само со заеднички напори. Неединството на Русија и ЕУ им штети на сите, таа ја ослабува Европа во моментот кога глобалната конкуренција расте, кога зајакнуваат други "центри на гравитација" на светската политика. 

Не смее да се седи со скрстени раце. Не смее да се западне во нова студена војна. Општите закани за нашата безбедност не исчезнаа. Во последно време се појавија нови, крајно опасни екстремистички движења, особено таканаречената „Исламска држава“. Се влошуваат проблемите со екологијата, сиромаштијата, миграцијата, епидемиите. Пред лицето на заедничките предизвици можеме одново да најдеме заеднички јазик. Тоа нема да биде лесно, ни друг начин нема. 

Украина планира да изгради ѕид на границата со Русија. Што мислите, зошто се случи нашите секогаш пријателски народи кои беа дел од една иста држава за миг да се  скараат и сега да бидат раздвоени не само со политички, туку и со физички ѕид? 

Михаил Горбачов: Одговорот на ова прашање е многу едноставен: јас сум против какви било ѕидови. Нека се свестат оние што планираат таква „изградба“. Мислам дека нашите народи сепак нема да се скараат. Ние сме премногу блиски во секаков поглед. Меѓу нас нема нерешливи проблеми и разлики. Но многу нешта ќе зависат од интелигенцијата и медиумите. Ако тие работат на поделба, поттикнување и продлабочување на раздори и конфликти – ќе биде лошо. Познати ни се таквите примери. И затоа јас ја повикувам интелигенцијата да се однесува одговорно.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња