Извор: Аљлона Репкина
Генералниот директор на Dell Russia Борис Шчербатов, споменувајќи си го времето од почетокот на деведесеттите години од минатиот век, забележува дека се надевал дека новата класа високообразовани менаџери според западниот начин на мислење, ќе ги заменат директорите со советски стил и дека тоа во целост ќе ја измени руската економија. „Но, рускиот корпоративен модел се разликува од оној што сме го учеле во универзитетите и во бизнис-школите“, вели Шчербатов. „Лидер во Русија е 'театарот за еден актер'. Тука за успех треба да се знаат потребните луѓе, тука довербата е најважна, а покажувањето на власта е лош пример за управување. Оние што тоа го сфатиле, брзо направија кариера и се збогатија“.
„Со началникот секогаш имаме плодотворна размена на мислењата: доаѓаш кај шефот со свое мислење, си одиш со неговото“.
Најважно во која било корпоративна култура е хиерархијата и стилот на зaемните односи на началството и потчинетите. За многу, дури и крупни, западни корпорации е својствен прилично либералниот приод во комуникацијата помеѓу шефот и потчинетиот. Началникот е прв меѓу рамноправните, постојат низа можности директно да му се обрати на надредениот со нови идеи, жалби и слично.
Во Русија шефот треба максимално да се возвишува над потчинетите. Тој во ниту еден случај не е ист таков работник, тој си седнал во својата фотелја како законски владетел, и она што му е доверено (филијала на корпорација, оддел, тим) е негово наследство и негова сопственост. При што тоа се однесува на шефовите од кое и да е ниво. Повисоко од шефот е само небото, или неговиот шеф. Шефот треба да биде одделен од потчинетите со колку што е можно повеќе „инстанции“: заменици, заменици на замениците, секретари и рецепционери.
Максималната снисходителност на шефот кон потчинетиот е однос на таткото кон децата, штедар хранител. Ваквиот систем многу го бирократизира системот. И да, работата е тука по сè изгледа во определени културни особености на руското општество. Но, без оглед на тоа што потчинетите често прават шеги во врска со таквите шефови, а руската бирократија и ликот на шефот се воспеани во илјадници анегдоти, доколку шефот се однесува поинаку, тој нема да биде шеф. И работата тука не е само во квалитетот на определена личност, колку што во настанатиот модел на однесување. И секој што е шеф го реализира социјалното сценарио кое е настанато во општеството.
„Нашиот шеф сите на свои места ги стави“, се сеќава соработничка на една голема консултантска компанија, - „кога еднаш на еден состанок тој одеднаш стана и вели, демек, доста ми е, не ми се потребни соработници кои само кимаат со главата. Сакам некој што ќе ми ја каже вистината во лице, дури и ако биде отпуштен. Паметно“.
Друг соработник на истата таа компанија се сеќава за силата на убедување на својот шеф; „Со началникот секогаш имаме плодотворна размена на мислењата: доаѓаш кај шефот со свое мислење, си одиш со неговото“.
Без оглед на ефективноста на менаџерските квалитети, на кои во многу случаи навистина им се восхитуваат, шефот во Русија е, според анонимната анкета на порталот Superjob, секогаш „робовладетел“ (тера да се работи прекувремено), „скржавец“ (не ја покачува платата), „идиот“ (не гледа работи што се очигледни за потчинетите), „си седи со рацете на газот“ (секако, работат само потчинетите). Во очи никој нема тоа да го каже, но тоа е тема за разговор меѓу соработниците на колективот. Оној што не се придржува на ваквите погледи, априори, е „подлизурко“ или уште повеќе „шпион“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче