Извор: Ројтерс
Во четвртокот претседателот на Русија Владимир Путин соопшти дека има намера да потпише барање за помилување на поранешниот претседател на ЈУКОС Михаил Ходорковски. Експертите сметаат дека ова помилување нема да влијае на односите со Западот, а откако поранешниот претседател на нафтената компанија ќе излезе на слобода ќе може да ниже успеси во бизнисот.
„Тој во затвор помина повеќе од 10 години, тоа е сериозно време поминато во затвор. Така што сметам дека треба да се донесе решение (за помилување)“, изјави шефот на државата по прес-конференцијата. „Што се однесува до Ходорковски, веќе зборував за тоа, Михаил Борисович требаше во согласност со законот да напише соодветен документ, а тој тоа не го направи. Но, неодамна го напиша документот и ми се обрати со молба за помилување“, рече Путин.
Според зборовите на претседателот, познатиот затвореник се повикува на околностите од хуман карактер: „Тој има болна мајка, и сметам дека може да се донесе такво решение, и во скоро време да биде потпишан указ за негово помилување“.
„Во скоро време неговото барање ќе биде прифатено“, вети Путин.
Одбраната на Ходорковски инсистира дека на претседателот на РФ не му е испратена никаква молба за амнестија, јавува Ројтерс.
Всушност, еден од адвокатите на Ходорковски, Вадим Кљувгант, изјави дека Ходорковски не барал помилување. „Такво нешто нема и нема ни да има“, изјави тој. Сепак во прес-центарот на Ходорковски и Лебедев не сакаа да ја коментираат изјавата на шефот на државата.
Треба да се забележи дека на прес-конференцијата претседателот на Русија изјави дека не гледа никакви перспективи во „третиот“ случај за ЈУКОС, за кој неодамна почна да се зборува. „Што се однесува до „третиот случај“, не сакам да навлегувам во детали, но, да бидеме отворени, јас како човек кој на тоа гледа отстрана, без да навлегува многу, не гледам никаква перспектива“, рече Путин.
„Не можам да сфатам каде се гледа случајот таму. Слушнав дека се зборува за тоа, но засега таму јас не гледам никакви закани“, изјави претседателот на Руска Федерација.
Како што забележа специјалистот на Алфа-банка задолжен за прашањата за стратегијата Крис Вифер во разговор за Russia Direct, попрво помилувањето е поврзано со неопходноста да се подобри имиџот и инвестициската привлечност на земјата пред претстојните Олимписки игри. „Заедно со активистите на Гринпис кои влегуваат под амнестијата, веста за Ходорковски ќе стане еден од позитивните аргументи за соработка со Русија“, изјави тој.
Експертите сметаат дека ова помилување нема да влијае на односите со Западот, а откако поранешниот претседател на нафтената компанија ќе излезе на слобода ќе може да ниже успеси во бизнисот.
Со него не се согласува претседателот на Центарот за политички технологии Игор Бунин. Тој е уверен дека претседателот во неколку наврати му има суптилно најавено на Ходорковски дека ќе го помилува, доколку тој замоли за тоа. „Ова помилување е исклучиво поврзано со пишување молба. Доколку тој не се обратил со молба, тогаш никаква потреба за подобрување на имиџот и на инвестициската привлечност на Русија немаше да му помогне“, вели политикологот. Експертот е уверен дека отворањето на вратите од затворот пред поранешниот претседател на ЈУКОС нема многу да повлијае на односите на Русија со Западот, иако сега, по изјавата на претседателот акциите на руските компании на берзите се зголемија за 1.5%.
Директорот на Институтот за политички истражувања, членот на Граѓанската комора Сергеј Марков е уверен дека странците сфаќаат дека Ходорковски има извршено злосторство. „Сега ќе замине еден од елементите на политичка борба. Мислам дека ќе се намали финансирањето на антируските акции во странство. Ми се чини дека помилувањето е одговор на ветувањето на поддржувачите на Ходорковски да не ја финансираат негативната кампања за Русија во странство“, вели тој.
Марков исто така објасни дека сега поранешниот претседател на ЈУКОС повеќе нема политичка тежина, па затоа забележливи измени во внатрешната политика нема да се случат. „Единствено што радикалната опозиција ќе има еден аргумент помалку за критика на власта, - појаснува Марков. – Ходорковски е талентиран човек и тој не треба да седи со скрстени раце, туку да работи во сферата на бизнисот, а најверојатно е дека по десет години ќе можеме да го видиме како претседател на некоја крупна компанија“.
На 31 мај 2005 година во рамките на таканаречениот „прв случај ЈУКОС“ Ходорковски и неговиот бизнис-партнер Платон Лебедев во заеднички процес беа осудени од страна на Мешчанскиот реонски суд на 9 години затвор за секој од нив. Подоцна казната беше намалена на осум години. Тие беа прогласени за виновни за измама, за кражба на парични средства од државата, кражба на скапоцена суровина во крупни размери, неколку неисполнувања на одлуките на арбитражниот суд, неплаќање данок од физички и од правни лица.
Кон крајот на 2010 година судот ги осуди Лебедев и Ходорковски на 14 години затвор по обвинение за кражба на 200 милиони тони нафта и за перење пари заедно со затворската казна која беше изречена од Мешчанскиот суд на Москва во 2005 година според првиот случај. Потоа казната беше намалена за една година. Претседателството на Московскиот градски суд на 20 декември минатата година им ја намали казната од 13 на 11 години.
Самиот бизнисмен, пак, се обидуваше обвиненијата против него да ги претстави како политички мотивирани, но во 2011 година Европскиот суд за човекови права не виде никаква политичка подлога во случајот ЈУКОС, иако наиде на низа процедурални нарушувања.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче