Има ли спас за Јанукович?

Александар Соколов: Сите опции се отворени, па дури и распадот на Украина како држава. Извор: Reuters.

Александар Соколов: Сите опции се отворени, па дури и распадот на Украина како држава. Извор: Reuters.

Новинската агенција РИА Новости ги праша руските политиколози што можат да донесат политичките судири во Украина, што можат да преземат властите и што ќе се случи со земјата откако Киев го запре процесот на евроинтеграциите и откако опозицијата како одговор покрена бран масовни демонстрации ширум земјата.

Глеб Павловски, политиколог: 

„Постои конфликт во врска со прашањето за тоа кој е виновен за претепувањето на демонстрантите (станува збор за растерување на активистите во текот на ноќта помеѓу петок и сабота) и кој ќе понесе одговорност за тоа. Ќе биде ли тоа целото украинско раководство или определени државни службеници, па можеби дури и Владата. Мислам дека Јанукович ја разгледува можноста да го повика на одговорност [премиерот Николај] Азаров и да побара негова оставка. Му преостанува да игра на таа карта... Сметам дека оваа можност сега би можела реално да се разгледа и дека опозицијата нема да прифати ништо помалку од тоа. Дали Јанукович би можел да го заштити Азаров во една ваква ситуација? Во таков случај тој самиот би морал да преземе одговорност за она што се случи и да го изгуби политичкиот кредибилитет.“

Русија – Украина: приказна за изгубено време
Она што е запечатено во нашето сознание, ни пречи да сфатиме дека во сосема неразбирливиот 21 век, земјите кои имаат културно-историска блискост, треба да ги обединуваат своите сили.

Владимир Слатинов, експерт од Институтот за општествено-политички истражувања: 

Во Украина очигледно дојде до политичка криза зашто Јанукович отстапи од предизборните ветувања. Потсетувам дека евроинтеграциите беа клучна точка во неговата предизборна програма. Да споменеме и дека господин Јанукович победи на изборите токму зашто околу себе собра значителен број умерени гласачи, кои беа разочарани од 'портокаловите', но кои сепак ја поддржуваат европската интеграција.“ 

Александар Соколов, раководител на Меѓукомисиската работна група на Општествената комора за меѓународна соработка и за јавна дипломатија: 

„Ситуацијата во Украина е мошне загрижувачка. Сметам дека примената на сила беше голема грешка, зашто доколку претходно на Мајдан [киевскиот Плоштад на независноста] се наоѓаше определен број демонстранти со пароли поврзани за надворешнополитичкиот избор на Украина, сега тој број е значително зголемен. На улиците излегоа луѓе со поинакви мотиви, кои се поврзани со разбивањето на митингот од 1 декември. Таму се собра обединетата опозиција против претседателот Јанукович. На тој начин двете струи се обединија: оние што се за европските интеграции и оние кои се огорчени поради севкупната ситуација во Украина. Денес во Украина се активни голем број странски политичари, на пример, министерот за надворешни работи на Шведска и претставници на полската влада. Освен тоа, ЕУ и САД најавија што ќе направат во случај на примена на сила. Станува збор за еден вид уцена. Јанукович се наоѓа во една, не би рекол безизлезна, но секако во мошне тешка ситуација... Она што денес се случува во Украина може да заврши неповолно за земјата. Не за Јанукович, туку за целата земја. Сите опции се отворени, па дури и распадот на Украина како држава.“

"Во Украина очигледно дојде до политичка криза зашто Јанукович отстапи од предизборните ветувања. [...] Евроинтеграциите беа клучна точка во неговата предизборна програма."

Владимир Слатинов, Институт за општествено-политички истражувања

Алексеј Макаркин, потпретседател на Центарот за политички технологии: 

„Протестите, секако, ќе продолжат, а истовремено, по мое мислење, најважните одлуки ќе ги носи политичката елита на меѓусебни консултации и преговори. Од една страна ја гледаме елитата која е на власт, а од друга елитата на страна на опозицијата, така што тие некако меѓусебно ќе се договорат. Во врска со тоа иднината на Јанукович како претседател на следните избори во 2015 година во овој момент е мошне неизвесна. Од една страна половина Украина во него гледа непријател, а дел од неговите приврзаници очигледно во него повеќе не гледаат човек кој е во состојба да носи одлуки и за нив да преземе одговорност.“  

Павел Свјатенков, политиколог: 

„Очигледно дека ситуацијата во Украина е предреволуциска. Владата на Јанукович опстанува зашто лидерите од опозицијата изгледа не сакаат да ја преземат власта на сосема противуставен начин, а тоа ниту Западот не би сакал да се случи. Иако доаѓањето на власт по пат на револуција може да биде многу емотивно, јасно е дека во тој случај, од стратешка гледна точка, не може да се смета на потпишување спогодба за асоцијација кон ЕУ, ниту, пак, на долгорочно останување на власт... Затоа тие би сакале на власт да дојдат по легитимен пат, да ги сменат Владата и премиерот, а потоа да издејствуваат и оставка на шефот на државата, како и распишување на предвремени избори. [...] Мислам дека постои шанса Јанукович да ја задржи својата позиција, но ќе мора да се согласи на сериозни отстапки и да ја обнови спогодбата за асоцијација кон ЕУ. Претседателот Јанукович направи многу малку добри потези. Најверојатно ќе се обиде да ја 'преспие' оваа народна буна, но мислам дека опозицијата нема да му го дозволи тоа.“

Рускиот текст на сајтот на РИА Новости

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња