Јас помнам! Јас се гордеам!

Фотографија: Јулија Пономарјова.

Фотографија: Јулија Пономарјова.

На деветти мај Русија одбележа мошне тажен и мошне свечен датум: 68 години од завршувањето на Големата татковинска војна, во која својот живот го изгубија 27 милиони жители на СССР.

Во Русија и во многу земји од Заедницата на независни држави под Голема татковинска војна се подразбира војната на СССР против нацистичка Германија и нејзините европски сојузници (Бугарија, Унгарија, Италија, Романија, Словачка, Финска и Хрватска). Таа била водена од нападот врз СССР (22 јуни 1941) до капитулацијата на Германија (8 мај 1945 по средноевропско, 9 мај по московско време). Овој назив уште на 3 јули 1941 година го употребил Сталин кога преку радио го повикал сиот народ да се бори против агресорот. Во земјите од англиското говорно подрачје наместо овој назив се користи терминот „Источен фронт на Втората светска војна“, а во германската историографија е познат како „Германско-советска војна“ или „Поход на Русија“. Зошто во Русија се користи токму називот „Голема татковинска војна“, без оглед на тоа што Европејците не го разбираат? Зашто за Русите и за другите народи на СССР оваа војна пред сè била татковинска, односно војна за слобода, за независност и за опстанок на татковината: со нацистичкиот план „Ост“ се предвидувало да бидат уништени 50-60% од Русите. Народите на СССР го уништиле тој план исклучиво со својата самопожртвуваност. За време на војната повеќе од 19 милиони граѓани доброволно се јавиле со молба да заминат на фронт, па затоа без преувеличување може да се каже дека Советската војска била доброволничка.

 

 

Кога сме кај зборот „Голема“, со него се истакнува улогата на СССР. Во споменатиот говор Сталин рекол дека целта на војната не е само „ликвидација на опасноста што надвисна над нашата земја“ туку и помош на сите народи на Европа. СССР ја исполни оваа мисија. Без оглед на тоа што победата е постигната со напорите на многу земји, токму СССР ги уништи главните германски воени единици. Повеќе од 74% од вкупниот број човечки жртви (10 до 13,4 милиони) Вермахтот ги даде во борбите со Советската војска. Претседателот на САД Франклин Рузвелт уште во мај 1942 година пишувал: „Тешко е да се премине едноставниот факт дека руската армија уништува повеќе непријателски војници и вооружување одошто другите 25 сојузнички земји заедно“. Црвената армија во периодот од 1941 до 1945 година уништи и зароби 607 непријателски дивизии, а англо-американската војска околу 176. Оттука е сосема разбирливо што граѓаните на Русија се гордеат со оваа победа. Ним не им е јасно како може да се стави знак на равенство меѓу Сталинградската битка, во која Германија и нејзините сојузници (Италија, Романија, Хрватска) изгубија повеќе 840 илјади луѓе, и битката кај Ел Аламејн, каде што непријателот изгуби околу 30 илјади. А, токму на овој начин се прикажува историјата на Втората светска војна во многу европски учебници.

Поради сево ова, во Русија постои специфична атмосфера на почит кон поколението на воени ветерани и таа не е променета дури ни сега, на почетокот на 21 век. За жал, ова не е случај во сите постсоветските држави. Во Литванија, на пример, воените ветерани често се изложени на јавни навреди од страна на младите луѓе. На улиците во Русија ваквите сцени се невозможни. Каква било грубост кон луѓето на кои треба да сме им благодарни што сме сега живи би предизвикала револт во руското општество и во државата.

Еден пример на искажување почит кон победата во Големата татковинска војна е и акцијата „Георгиевска лента“, во која се делат ленти во боите на оние од ордените на Руската Империја и СССР. Според организаторите, целта на оваа акција е „по секоја цена да се спречи новите поколенија да заборават кој и по која цена победил во најстрашната војна на минатиот век, чии наследници сме ние, со што треба да се гордееме и на кого треба да се сеќаваме“. Акцијата што ја поддржуваат 73% од Русите, се спроведува под мотата: „Дедовата Победа е моја Победа“, „Јас помнам! Јас се гордеам!“, „Ние сме наследници на големата Победа“, „Му благодарам на дедо за Победата!“. Досега се поделени над 50 милиони ленти.

Може да се заклучи дека празнувањето на 9 мај, како симбол на единството на нацијата, не се изменило сериозно од советските времиња. Обидите Победата да се „поврзе“ со режимот на Сталин и на внуците и на правнуците на победниците да им се всади чувство на вина поради подвигот на нивните предци во целост пропаднаа. Современите Руси ја доживуваат оваа војна токму како татковинска, односно како подвиг на народот, кој сам по себе не е поврзан за конкретно политичко раководство.

Во земјите во кои општеството пред сè ги зема предвид политичките процеси што ја следеле победата над нацизмот, празнувањето на победата над заедничкиот непријател ја губи поддршката од страна на јавноста. Овој процес ја зафати и Македонија. Ова е делумно парадоксално, за разлика од многу земји и народи на Европа, кои им се предадоа на освојувачите без борба или кои дури и станаа сојузници на Германија, Македонците имаат со што да се гордеат. Народноослободителната војска на Југославија беше четврта по бројност меѓу сите војски на антихитлеровската коалиција. До 1944 година Македонците и другите Југословени практично самите го одржуваа „вториот фронт“ (како што се нарекува Западноевропскиот фронт во Русија) и успеаја да парализираат 12 до 15 германски дивизии, не сметајќи ги италијанските, унгарските, бугарските и хрватските единици. Сепак, Денот на Победата не е државен празник во Македонија. Во тоа нема ништо невообичаено доколку се погледне како во училиштата во современа Македонија се предава историјата на Втората светска војна. Кога на учениците им се зборува за советската „окупација“ на прибалтичките држави и на Финска и во сите учебници, без исклучок, се истакнува улогата на „руската зима“ во запирањето на германската армија, навистина станува нејасно: што празнуваат Русите? Една работа е да се спомене 607 дивизија што Советската војска ја уништи, а друго е да се каже дека Русија ја спасил „генералот Зима“.

Од друга страна, кога се опишуваат настаните од Втората светска војна во Југославија, авторите на македонските учебници мораат да се осврнат и на болниот факт дека во Југославија во тоа време се одвивала и граѓанска војна меѓу четниците на чело со генералот Дража Михајловиќ и усташите на Анте Павелиќ против Титовите партизани, односно комунистите.

Секако, ако настаните се набљудуваат од тој агол, нема што да се слави: победата во граѓанската војна не може да биде општонароден празник. Но, ваквата интерпретација е неоснована: се разбира, СССР, ослободувајќи ги народите на Европа, ги промовираше и своите надворешнополитички цели, но тоа е мошне споредно во однос на општочовечката задача за уништување на германскиот нацизам. Доволно е да се потсетиме на фактот дека советската армија не влегла на територијата на Грција, во која исто така постоело силно комунистичко движење, зашто тоа не било потребно во воена смисла.

Времето ќе покаже што ќе преовлада во Македонија: сеќавањето на заедничката Победа ослободено од дневнополитичките потреби или, пак, политиката ќе започне да ја обликува историјата.

Денис Маљцев е виш научен соработник на Рускиот институт за стратегиски истражувања.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња