На списокот филмови што Министерството за култура на РФ ги препорачува за прикажување во училиштата има најмногу филмови од советскиот период – 96 од вкупно 100 филма. Извор: ИТАР-ТАСС.
Министерството за култура на РФ ја заврши работата над составувањето список на сто домашни филма што можат да им бидат препорачани на учениците за гледање во рамките на факултативната настава. Во списокот се влезени филмови снимени од 1908 до 1994 година.
Едена од работните верзии на списокот од 100 филма што ги предложи Министерството за култура на РФ можете да ја погледнете тука.
Списокот филмов засега е прелиминарен, зашто Министерството за култура сè уште не завршило со преговорите со имателите на авторските права за дозвола за нивно прикажување. Составен е и сличен список на странски филмови кои, исто така, можат да бидат препорачани за гледање во училиштата, но преговорите за добивање на правата за нивно прикажување засега се во почетна фаза, па затоа ресорното министерство реши засега да не го објавува тој список.
Сета процедура за избор на филмови била осмислена од страна на Министерството за култура.
На крајот двата списока ќе бидат разгледани од страна на Министерството за образование и наука, зашто токму тоа ќе се занимава со практичната реализација на идејата за факултативна настава по кинематографија и можеби ќе подготви погодни училишни програми и ќе ги снабди училиштата со потребната опрема. Засега не е објавен рок за реализирање на овој проект.
Идејата за прикажување класични филмски остварувања во училиштата беше изнесена од страна на Никита Михалков изминатото лето. Предлогот беше поддржан од страна на Министерството за култура и од претседателот Владимир Путин.
Директорот на институтот за културологија Кирил Разлогов рече дека сета процедура за избор на филмови била осмислена од страна на Министерството за култура.
„Мислам дека постоеја неколку принципи: еден е поврзаноста на списокот со училишната програма, а другиот е прилагоденоста на филмовите за конкретна возраст. Но, главниот, основен принцип беше филмот да биде класично остварување кое е дел од филмското наследство“, изјави Разлогов.
Сцена од филмот „Иван Грозни“ на Сергеј Ејзенштејн (1944). Извор: kinopoisk.ru.
Идејата за факултативна филмска настава не е нова, објаснува директорот на Филмскиот музеј Наум Клејман. Според него, тој уште на почетокот на деведесеттите години од минатиот век заедно со колегите му испратил сличен предлог на Армен Медведев, тогашен раководител на Државниот комитет за кинематографија.
Клејман истакнува дека факултативната филмска настава е мошне важен фактор во развојот на филмската индустрија и дека покрај образовниот таа има и економско значење.
„Не постои подобра заштита на домашното филмско производство од положување на уметничкиот вкус од мали нозе“, истакнува Клејман.
„Обрнете внимание: Франција и Финска се земји во кои ваквиот вид настава веќе постои и нивните кинематографии се прилично успешни“, подвлекува Клејман и потсетува дека пред неколку години Европската филмска академија им препорачала на националните ресори за филмска уметност да воведат факултативна настава по историја на филмот.
Идејата за прикажување класични филмски остварувања во училиштата беше изнесена од страна на Никита Михалков изминатото лето. Предлогот беше поддржан од страна на Министерството за култура и од претседателот Владимир Путин.
Според Клејман, потребата за ваква настава е предизвикана од притисокот што го врши холивудската „машинерија за забава“ врз европските филмски пазари. „Забавата не е единствената улога на филмот и треба да се истакне дека денешните забавни американски филмови ја потиснуваат свеста за моралната улога на кинематографијата“, додава тој.
„Ова е единствен начин на кој во услови на притисок од Холивуд, на гледачите може да им се всади способноста да го разбираат домашниот филмски јазик“, заклучува Клејман.
На списокот има најмногу филмови од советскиот период – 96 од вкупно 100 филма. Тука се првите обиди на советската кинематографија – класичното дело на Сергеј Ејзенштејн „Оклопницата Потемкин“ (1925), како и филмовите на Јаков Протазанов „Аелита“ (1924) и на Иван Перестијани „Црвените ѓаволчиња“ (1923). Интересно е што на списокот на Министерството за култура се најде и една друга екранизација од Павел Андреевич Бљахин. Станува збор за филмот на Едмонд Кеосајан „Неуловливи осветници“ (1967). Инаку, Ејзенштејн и Протазанов имаат по три филма на списокот. Нема многу режисери кои ја имаат таа чест. Освен споменатите, тука се и Андреј Тарковски, Андреј Кончаловски, Михаил Ром, Ролан Биков, Сергеј Бондарчук, Сергеј Герасимов и Никита Михалков, чиј добитник на Оскарот „Изморени од сонцето“ (1994) е единствен претставник на кинематографијата од деведесеттите години на минатиот век.
Не постои подобра заштита на домашното филмско производство од положување на уметничкиот вкус од мали нозе.
Наум Клејман,
директор на Филмскиот музеј
Кинематографијата на Руската Империја на списокот е претставена со првиот руски игран филм „Стењка Разин“ на Владимир Ромашков (исто така познат и како „Слободна зона во долниот тек на реката“) од 1908, прекрасниот „куклено-инсектски“ анимиран филм „Освета на филмскиот снимател“ (1912) и филмот на Јаков Протазанов „Пиковата дама“, снимен во 1916.
На списокот има и „револуционерни“ филмови: „Максимовата младост“ (1934), „Се белее осаменото едро“ (1937), снимен според расказот на Валентин Катаев, каде настаните на „Оклопницата Потемкин“ се прикажани од гледна точка на две момчиња, потоа познатиот „Чапаев“ (1934) и еден од првите советски филмови со звук „Оспособување за живот“ (1931). Многу филмови се посветени на теми од Втората светска војна, од „Младата гарда“ на Герасимов и „Обичен фашизам“ на Ром до остварувањата на Александар Столпер „Живи и мртви“, на Сергеј Ростоцки „А, зорите тука се тивки“ и на Елем Климов „Оди и гледај“.
Има и детски филмови. Тука се сказните на Александар Роу и на Александар Птушка, делата на Ролан Биков („Офболи-66“, „Страшило“), филмот на Климов „Добре дојдовте, или Забранет влез за невработени“, филмовите на Карен Шахназаров „Курир“ и на Павел Љубимов „Училиштен валцер“.
Сцена од цртаниот филм „Ежето во магла“(„Ёжик в тумане“) на Јуриј Норштејн (1975). Овој филм многупати бил прв на списоците за најдобар анимиран филм на светот на сите времиња. Извор: kinopoisk.ru.
Има само еден цртан филм од советскиот период – прочуеното дело на Јуриј Норштејн „Ежето во магла“ (1975). Овој филм многупати бил прв на списоците за најдобар анимиран филм на светот на сите времиња. Покрај него, во списокот е ставен и филмот на Александар Птушка „Новиот Гуливер“, снимен во 1935, каде живи актери играат заедно со глинени кукли.
Експертите имаат и определени забелешки. „Воопшто не е јасно зошто рускиот филм мораше да се издвојува од заедничкиот корпус на советскиот филм“, негодува Клејман. На списокот го нема Отар Јоселијани, ги нема филмовите што ги снимаше Лариса Шепитко во Киргистан. [...] Зошто сега да го извртуваме минатото?“
Во Министерството за образование и наука велат дека во склад со руското законодавство за воведување нов факултативен предмет се надлежни општообразовните установи т.е. училиштата можат да го воведат овој предмет во секој момент.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче