Александар Натрускин / РИА Новости
Ние ги прифаќаме западните вредности во онаа мера во која тоа нам ни е неопходно, без да нѐ интересира остатокот од светот. Доколку сме моќна земја, зошто би нѐ интересирал кој и да е? Всушност, ние и сега сме мошне толерантни. Нашето општество е многу повеќе европеизирано, одошто беше самата Европа во деведесеттите години од минатиот век. Погледнете го нивото на комфор во Москва и во другите големи руски градови. Го зедовме од Европа сето она што го сакавме. Имаме стока во изобилство, тоалетите ни се чисти... А, некои други вредности, кои не се од материјална, ами од духовна природа, ние не сакаме да ги прифатиме. Тие, меѓу другото, ќе се променат и таму, зашто она што сега го проповеда елитата на Стариот свет, според мене, не може да заживее, зашто е во спротивност на човечката природа. Можеби порано Западот чувствуваше сожалување кон нас, но сега веќе чувствува страв, зашто ние сега станавме мошне витална алтернатива за денешните европски вредности.
Русија нуди алтернатива на западниот пристап. Ние сме за слобода на избор. Секој народ треба да дојде до сопственото политичко устројство и самиот да одлучи како ќе живее. Сето тоа во целост се коси со идеологијата на демократскиот универзализам што го проповедаат Европејците и Американците. И ние имавме слична идеологија, демократизам и комунизам, и тоа ни беше поблиску одошто ни се чини. Бевме цврсто уверени дека на сите ќе ни биде добро доколку кај другите има комунизам. Затоа ја ширевме својата идеологија и ја наметнувавме. Какви беа комунистичките партии на другите земји што ги финансираше СССР? Беа како сегашните НВО преку кои идеолошки се дејствува врз населението во саканиот правец. Но, штом наметнувањето престана, сѐ се урна како кула од карти. Западните земји сметаат дека само тие се добри и затоа му ги наметнуваат своите вредности на светот. Би се рекло дека тоа го потврдува и фактот што сите тежнеат кон Европа и кон САД. Но, излегува дека народот не тежнеел кон таа страна поради добриот политички систем, ами затоа што таму „добро се јадеше“. Таму беше покомотно да се живее.
Настаните во Украина воопшто не се плод на внатрешните проблеми, ами се најобична геополитика, без разлика на тоа како Русија го објаснува своето мешање. Се одеше кон приклучување на Украина во западните сојузи и на крајот во НАТО, а тоа ги загрозуваше руските безбедносни интереси и поради тоа беше неприфатливо. Доколку такво нешто би се реализирало, тогаш навистина би морале да завојуваме. Наместо тоа, направивме што направивме.
Сметам дека главна причина за украинската криза е апсолутната неспособност на тамошните елити да водат вистинска самостојна и независна политика, и ова се однесува на целиот период на нивната независност. Секоја следна власт беше полоша од претходната, што е единствен случај во светот. Ова делумно го предизвика и Западот со тоа што на Украина буквални ѝ го наметнуваше својот систем на вредности. Меѓутоа, процесот на ширење на „агресивна добрина“, која своевремено беше карактеристична и за СССР, се насука на карпите во Украина, и уште повеќе во Азија.
Ние сме сега на крајот од 500-годишнината на доминацијата на западната цивилизација во светот. За тоа постојат многу причини, но најважната се неочекуваните последици од нуклеарниот паритет и можноста доминацијата да се поткрепи со сила, што речиси никој не можеше да го претпостави. Да се потсетиме дека европскиот модел на цивилизацијата речиси секогаш е наметнуван со сила. Сега тоа е невозможно и затоа се одвива интензивна демократизација на светот. Тоа, покрај позитивните, донесе и многу негативни моменти. На пример, повлекувањето на Европа од Блискиот Исток, влијанието брз климатските промени кои предизвикаа намалување на производството на храна во овој регион и сѐ поголемото влијание на исламот. Сето тоа предизвика вистинска ерупција во регионот. Таа ќе трае уште најмалку десет години, зашто не постојат никакви делотворни рецепти за брзо спроведување ред.
Останува само да се набљудува ситуацијата и да се лекуваат симптомите. Русија токму со тоа и се занимава – се бори против терористичките организации и ги поддржува државните ентитети кои се способни колку-толку да ја зајакнат стабилноста.
Ние сакаме статус на голема светска сила. За жал, од тој статус не можеме да се откажеме зашто во последниве 300 години тој стана дел од нашиот геном. Ние сакаме да станеме центар на голема Евроазија, зона на мир и на соработка.
Сергеј Караганов е декан на Факултетот за светска економија и светска политика при Националниот истражувачки универзитет „Виша школа за економија“ и почесен претседател на Президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче