Антон Денисов / РИА Новости
Демократизацијата на општеството предизвика опаѓање на квалитетот на политиката. Широките народни маси сега имаат многу повеќе можности да влијаат на политичкото одлучување, а нивно главно барање е благосостојба, и тоа по можност денес, односно веднаш. На ова треба да се додаде и информациската револуција која ги принудува политичарите од целиот свет да реагираат како на императивот „одоздола“, така и на многубројните дразби однадвор. Излезе дека современата демократија на Запад не е прилагодена на новите трендови. Политичките елити за 60 години поминати во благосостојба полека деградираа, зашто луѓето на власт избираа наследници слични на себе. Ова е природно со оглед дека во мирновременски услови харизматичните лидери не се на цена. Така во владејачките елити преовлада сивило и стана сѐ потешко да се управува со политичките процеси, што е огромен предизвик. Денес, кога Европа се соочува со мошне сериозни проблеми, излегува дека нејзините лидери не можат адекватно да реагираат. Постојат и луѓе што го сфаќаат тоа, но тие се свесни дека јавното неприфаќање на политичарите што ги има избрано народот ја доведува во прашање и самата демократија.
Елитите според начинот на размислување и на интересите станаа глобални, но со самото тоа се одвоија од населението и од нивните далеку „поприземјени“ проблеми. Во овој контекст десничарските сили доживеаја преродба, а со тоа и неизбежно креваат глас и левичарски расположените политичари, па дури и оние што претставуваат комбинација на едните и на другите, како што е случајот во Италија. Прашањето е како ќе заврши сето тоа.
Ние сме сведоци на развојната фаза на дезинтеграцијата на единствениот европски проект, што во блиска иднина може да предизвика мошне тешки последици, а тие можат да бидат почувствувани и во Русија. Тоа се и национализмот, и обновувањето на старите препирки помеѓу државите со заемни претензии, и нови, екстремни движења, и неопходноста остро да се реагира на најновите предизвици...
Воопшто не може да се зборува за некаква стратегија на Западот. Постоеше стариот Запад, но тој е сега во состојба на „умножена“ криза и негова главна цел е да ги задржи своите позиции. Лесно може да излезе дека тоа е мошне опасен обид. Кина е таа која очигледно има стратегија за развој. Таква стратегија се појавува и во Русија. Но, недостасуваат глобалните тенденции. Претстои дезорганизација на сегашниот меѓународен простор. Веќе сега се гледа дека е започнат моќен процес на деглобализација, и дека се распаѓа системот на регулирање на економијата што Западот го создаде по Втората светска војна. Овие тенденции не се резултат на некаква стратегија. Едноставно речено, секој систем со текот на времето ги исцрпува своите можности. Американците се обидуваат некако да застанат на чело на процесот на деглобализација, односно се трудат да ја задржат водечката позиција, ако не во целиот свет, тогаш барем во значаен дел од него. Оттука се и проектите за блиска економска соработка на САД со земјите од тихоокеанскиот регион и со Европа. За волја на вистината, не може да се каже дека тоа им оди од рака.
Засега американскиот и кинескиот проект се движат еден кон друг и може да дојде до судир. Кина не е заинтересирана за каква било колизија, нејзе ѝ е потребно само да ги зацврсти своите позиции и да стекне статус на суперсила, барем на азискиот континент. Американците на сите начини се трудат да го спречат тоа и, според мене, водат сосема неразумна политика, градејќи односи со Кина по принципот на одвраќање, ако не и на конфронтација.
Русија сѐ уште ги доживува САД како нешто големо и моќно, но некако губи од вид дека тоа „големо и моќно“ за време на деведесеттите години од минатиот век и во првата деценија од овој век претрпе огромни загуби, навлегувајќи во многу воени конфликти. <…> Потоа настапи економската криза која ја разниша привлечноста на американскиот економски модел. Потоа дојдоа на ред Абу Грејб, Сноуден... <…> Америка е сѐ уште моќна земја во секој поглед, но таа сега влезе во мошне опасен период. Нејзе ѝ претстои самата себеси да се согледа како држава која е моќна, но која повеќе не доминира со светот. Тоа нема да биде лесно, пред сѐ зашто чувството на сопствената избраност и на сопственото право за доминација веќе е навлезено во генот на американскиот народ.
...Претходно САД претставуваа своевиден фактор на светската стабилност, сега се претворија во негова спротивност и почнаа да ги менуваат правилата на играта. Сега на Русија ѝ се упатуваат обвинувања дека таа е наводно ревизионистичка земја и дека ги менува установените правила. Точно е дека Русија ги менува правилата, но само оние што ѝ се наметнати. Претходно еднаш веќе дојде до ситуација во која земјите се обидоа нагло да го трансформираат установениот систем. Тоа беше во седумдесеттите години од минатиот век, по поразот на Америка во Виетнам и по цела серија политички, социјални и економски проблеми кои следуваа потоа. Но, тогаш Америка имаше среќа – се појави Реган и тој делумно успеа да ја надмине оваа ситуација. Сега такво чудо не може да се очекува, и поради тоа денес САД се најголем предизвик за меѓународната стабилност, дотолку повеќе што дојде до раскол во владејачките елити, и што политичката борба која се води таму е навистина запрепастувачка. Ниту една од двете спротивставени сили не предлага никаква конструктивна програма. Старите елити што ги претставува Хилари Клинтон бараат реванш, а силите што стојат зад Доналд Трамп велат: Не будалете се, ајде да почнеме сѐ отпочеток!
Сергеј Караганов е декан на Факултетот за светска економија и светска политика при Националниот истражувачки универзитет „Виша школа за економија“ и почесен претседател на Президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче