Како да се решат несогласувањата помеѓу Русија и Западот?

Ројтерс
Руските и западните експерти во Москва дискутираа за актуелните прашања поврзани со меѓународната политика за кои Русија не може да најде заеднички јазик со САД и со Европа. Станува збор за проширувањето на НАТО, за војната во Сирија и за конфликтот на истокот од Украина.

Во Москва на 5 декември беше одржана конференцијата „Лицемерството против дипломатијата“ на која учество зедоа руски и западни експерти за меѓународни односи. „Во светот се кине нитката на разговорот“, истакна Фјодор Лукјанов претседател на рускиот Совет за надворешна и одбранбена политика, еден од организаторите на конференцијата.

Отсуството на дијалог помеѓу Русија и Западот, според учесниците на конференцијата, може да биде фатален. Од друга страна, доколку ситуацијата се разгледа на вистински начин можно е да се најде компромис дури и кога станува збор за проблеми за кои речиси не може да се најде решение.

Ширење на НАТО на Исток

Прашањето за проширувањето на НАТО е стар камен за сопнување во односите помеѓу Русија и Западот. „Нам ни беше ветено дека НАТО никогаш нема да се шири. Од нас се очекуваше да покажеме добра волја кон нашите западни пријатели. Ние тоа го сторивме, а тие не прелажаа“, го изнесе руското видување на ситуацијата Сергеј Караганов, декан на Факултетот за светска економија и меѓународна политика при Високата школа за економија.

Другата страна констатира дека не постојат никакви документи кои би можеле да послужат како потврда на руските обвинувања. На ова обрна внимание британскиот дипломат Роберт Купер, поранешен советник на Европската служба за надворешни работи. Според Купер, НАТО одиграл позитивна улога со тоа што им овозможил на источноевропските земји „да се чувствуваат многу побезбедно“.

Андреј Кортунов, генерален директор на Рускиот совет за меѓународни прашања, во разговор со „Руска реч на македонски“ во врска со ова истакна дека Русија очигледно не може да биде дел од западниот систем за безбедност заснован врз НАТО, но тоа сега не е ни потребно: „Најверојатно ќе постојат два система за безбедност – евроатлански и евроазиски (што Русија сака да го воспостави со Кина)“.

„Веројатно ќе се формира 'двокатен поредок'“, вели експертот. „Секој систем ќе има своја сфера на одговорност, но ќе постои и 'горно ниво' на кое сите се борат против глобалните опасности како што се тероризмот, еколошките проблеми итн.“

Блискиот Исток и сириската војна

Сирија е зона во која интересите на Западот и на Русија се остро спротивставени. САД ја обвинуваат Москва за давање поддршка на Башар ал Асад кого Америка го третира како убиец, а Русија ја обвинува Америка за соработка со терористите од Ал Нусра. Дипломатот Александар Аксењонок, арабист и член на Рускиот совет за меѓународни прашања, смета дека Русија и Западот на Блискиот Исток прават едно исто, односно дека ги бранат сопствените интереси.

Русија се почувствува прелажана по усвојувањето на резолуцијата за Либија (Резолуцијата 1973 на Советот за безбедност на ОН со која е одобрена хуманитарна интервенција, по што беше симнат Гадафи) и реши да му возврати на Западот со иста мера“, вели Аксењонок, имајќи предвид дека сега и Русија и Западот се обидуваат да ги реализираат своите планови на Блиски Исток.

Кога станува збор за сириското прашање, Аксењонок смета дека Сирија мошне веројатно ќе биде поделена на области во зависност од тоа кој ги контролира – власта или опозицијата. Со него се сложува Соли Озел, професор по меѓународни односи на Универзитетот „Кадир Хас“ (Истанбул). „Мислам дека Ал Асад на крајот ќе го контролира западниот дел од земјата во која живеат 85% од жителите на Сирија“, изјави Озел за „Руска реч на македонски“. Останатиот дел од Сирија, според него, ќе им припадне на бунтовниците.

Експертот смета и дека западните земји се изморени од сирискиот конфликт и оти се подготвени да им излезат пресрет на Ал Асад и на Москва, така што нема да инсистираат на давање поддршка на вооружената „опозиција“, особено по доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

Украински ќор-сокак

Процесот на решавање на конфликтот во Донбас по мирен пат е започнат во 2014 година во Минск и се најде во ќор-сокак. Русија, Украина, Франција и Германија ги продолжуваат преговорите на ниво на министри за надворешни работи, но тие средби во Минск се сосема бесплодни. Русија и Украина, која ја поддржува Западот, меѓусебно се обвинуваат за саботажа на мировниот процес.

„Никој не верува дека 'Минск' ќе се рализира“, изјави Алексеј Милер, професот на Европскиот универзитет во Санкт Петербург. „И воопшто не е јасно каков е излезот од оваа ситуација“. Томас Багер, раководител на Службата за надворешнополитичко планирање на Министерството за надворешни работи на Германија, се сложува дека Минскиот мировен процес е во криза, но смета дека тоа е единствена варијанта за решавање на кризата.

„Сега, по тринаесеттата рунда на министерските средби и по тешките дискусии, главниот аргумент за продолжување на Минскиот преговарачки процес е спречување на влошувањето на ситуацијата“, вели Багер. Според германскиот дипломат, меѓусебната недоверба го блокира мировниот процес, но треба да се продолжи дијалогот со надеж дека нештата ќе се променат на подобро.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња