Америка на Трамп се среќава со Русија на Путин

Алексеј Иорш
Каква ќе биде надворешната политика на 45 претседател на САД Доналд Трамп е прашањето што го интересира целиот свет. Но, Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин повеќе ги интересира прашањето каква ќе биде политиката на САД во однос на Русија.

Малкумина аналитичари сериозно очекуваа победа на Трамп, па затоа целото внимание беше насочено на надворешнополитичката екипа на поранешниот државен секретар Хилари Клинтон. За Трамп се зборуваше дека тој, демек, не се разбира во надворешна политика и дека во овој правец неговите советници се малкупознати на јавноста. Впрочем, проблемот со наоѓање на образовани советници може да биде решена за кусо време. Американската експертска јавност има таленти, а бројот на оние што сакаат да претрчаат (или да дотрчаат) во групата на неочекуваниот победник на најдраматичната и на најнепредвидливата трка во повоената американска историја ќе биде голем.

Во исто време претседателот на САД традиционално остава голем личен впечаток на надворешната политила, каде тој има поголеми ингеренции одошто во внатрешната политика. Во оваа смисла надворешната политика на Трамп се очекува да биде јарка. Во секоја смисла. Сепак не толку „јарка“ како што може да се помисли доколку се слушнат неговите изјави кои беа наменети за предизборната публика. На пример, тешко дека тој ќе почне да гради „ѕид“ на границата со Мексико за да се избегнат нелегалните емигранти. Ваква голема градба ќе бара огромни пари, а право за доделување на толкави средства има само Претставничкиот дом на Конгресот на САД. И никој друг. Во исто време миграциската политика на Трамп ќе биде пожестока и нема да го поддржи планот на Обама за амнестија на 7 милиони илегалци кои веќе се наоѓаат во Америка.

Тој нема да промовира секакви глобални трговско-интеграциски планови од типот на Транстихоокеанското партнерство. Напротив, тој ќе се обиде да ја зајакне тенденцијата на постепеното враќање на работните места кои се создадени од страна на американските корпорации во земјата. Тој нема да започнува трговска војна со Кина, но ќе се обиде да се договори за компромиси и за некои отстапки.

Кога станува збор за односите со Русија, доколку беше избрана Клинтон тие, во најмала рака, ќе беа доведени до стагнација, а во најлош случај до понатамошна деградација, па дури и до опасна ескалација. Изборот на Трамп дава шанса за тоа дека ескалација нема да се случи. Според својот психолошки тип ексцентричниот екстраверт Трамп се чини како целосна спротивност на интровертноста и „затвореноста“ на Владимир Путин. Сепак, се чини, дека со ваков тип луѓе кои се поотворени (дури и кога даваат спротивно мислење), поранешниот полковник на КГБ многу полесно може да разговора, одошто со Хилари Клинтон. Нејзе не само во Амеика, ами и во Москва многумина ја сметаат за „неприродна“ (меко кажано) и лицемерна. Згора на тоа се смета дека токму таа, додека беше на чело на Стејт департментот, ги иницирала и ги „платила“ протестите во Москва есента 2010 – пролетта 2011 година. А, по повеќе од острите изјави на адреса на Русија и лично до Путин, кои беа направени за време на изборната кампања, со обвиненија за тоа дека Кремљ сакал да ги „уништи“ изборите или “да ја седне во Белата куќа марионетата Трамп“, сосема е нејасно како Путин и Клинтон ќе можеа да комуницираат спокојно и без заемно нервирање. Во односите со Трамп ваква „кредитна историја нема“ и тие можат да започнат отпочеток.

Трамп, во оваа смисла делумно потсетува на некогашниот „главен европски пријател на Москва“ Силвио Берлускони. Од друга страна, тој е импулсивен човек и не е искусен во дипломатијата. Можеби нешто ќе „тресне“, меѓу другото, за рускиот престедател. Тој, пак, може да се „навреди“. А, со оглед на тоа дека како и секогаш руско-американските односи се основуваат на личните односи помеѓу првите луѓе на двете земји, тоа може да доведе до брзо влошување на ситуацијата. Според принципот „од љубов до омраза има еден чекор“. Путин е еден од првите светски лидери кој му се јави на Трамп за да му ја честита победата. Но, тој исто така беше првиот кој му се јави на претседателот Буш на 11 септември 2001 година за да ја изрази својата солидарност во борбата со тероризмот и да го изрази своето сочувство за загинатите во терористичкиот напад. А, потоа следуваше познатиот „Минхенски говор“ кој беше целосно разочарување кон Западот и кон Америка. Така и сега паролата на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ не се знае во што ќе се претвори. Доколку започне вртењето кон „неоизолационизмот“ и доколку се намали мешањето насекаде низ светот, тоа позитивно ќе влијае на односите со Москва.

Доколку Трамп остане верен на своите предизборни изјави за тоа дека Америка не треба да се меша во работите на Украина, па дури и дека не треба особено да се интересира за судбината на Крим, тоа ќе биде добар иницијал за „рестартирање“. Прекинувањето на притисокот врз Европа од страна на САД, за таа да не ги ослабнува антируските санкции, е исто така многу важно. Иако, Трамп, дури и да сака, нема да може да ги ослабне или да ги укине толку лесно санкциите против Русија, зашто на патот ќе му застане републиканското мнозинство од кое тој и покрај партиската припадност нема голема подршка, а да не зборуваме за демократите во двата дома на Конгресот. „Како замена“ на намалувањето на поддршката на Киев, Москва може да му излезе во пресрет на Вашингтон во однос на Сирија. Доколку Сирија воопшто остане на прв план на надворешнополитичкиот „локатор“ на Трамп.

Неговите изјави за префрлање на тежината на воената и на финансиската одговорност во НАТО на европските сојузници, исто така не може да не ѝ се допадне на Москва. Сепак, дури и Трамп тешко дека ќе се откаже од поставувањето на глобалниот систем за ПРО за кој е загрижена Москва. Затоа плановите на новоизбраниот претседател за повторна експлоатација на нафта на Алјаска можат да бидат погубни за руската економија, со оглед на тоа дека ќе дојде до паѓање на светските цени на енергенсите, што претставува основен извор на приходи за Русија.

На таков начин Трамп, иако тоа е „неизвезно“ во многу насоки, сепак дава надеж за ново „рестартирање“ на односите помеѓу Русија и САД. Во секој случај, Америка на Трамп на меѓународната арена нема да изгледа онака како што изгледаше за време на Барак Обама, а уште повеќе за време на неговиот претходник Џорџ Буш. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња