НАТО vs. Русија: Зошто се споменува Трета светска војна?

Алексеј Иорш
Британските маневри на кои единиците можеби се подготвуваат за евентуална операција во источна Украина, неодамнешниот коментар на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и филмот на компанијата Би-Би-Си за нуклеарен судир помеѓу Русија и НАТО предизвикан од проруското востание во Латвија, поттикна пораст на тензиите помеѓу Москва и Северноатлантската алијанса, наместо да се работи на нејзино смирување.

Велика Британија, како и секоја друга суверена дражва која држи со себе, има целосно право да преземе мерки за кои смета дека се потребни за подобрување на сопствените одбранбени и безбедносни капацитети. Ова во денешно време е сосема разбирливо, со оглед на тоа дека постои реална опасност од терористички акции како што се бомбашките напади во Лондон од 7 јули 2005 година. На британската безбедност влијаат и регионалните војни што се одвиваат во релативна близина на оваа земја, во источна Украина и во Сирија.

Но, одделно прашање е што всушност се крие зад одржувањето на британските воени вежби на Блискиот Исток. Неодамна беше објавено дека 1.600 војници ќе бидат испратени во Јордан за изведување симулации на воена акција, со слични размери како што беше инвазијата на Ирак. Освен официјалните информации, во медиумите се појавија и објаснувања дека ваквите маневри се одржуваат „првпат по повеќе од една деценија“.

Целта на споменатите активности е проверка на способноста за испраќање и распоредување експедициски корпус од 30.000 војници на кое било кризно жариште во светот.

Работите добија поинаква смисла кога лондонскиот весник „Телеграф“ цитираше неименуван извор кој објаснува која е непосредната стратешка цел на оваа операција. „Не станува збор за маневри на кои вежбаме борба против ИДИЛ. Може да се каже дека таму се подготвуваме за заедничко дејствување со Американците, и тоа пред сè во Украина, а не во Сирија“.

Не постои друг начин да се протолкува оваа изјава, освен како претпоставка дека САД сепак ја разгледуваат идејата за испраќање трупи во Украина со поддршка на Велика Британија како стратешки сојузник.

Кон ваков заклучок води и тоа што воениот новинар на весникот „Телеграф“ Бен Фармер повторно ја објави изјавата на својот извор, најверојатно од британското Министерство за одбрана, во која се вели дека на операцијата во Јордан „може да се гледа како на подготовка за ситуација кога ќе биде потребно големите и добро вооружени британски сили да бидат испратени во источна Европа поради евентуален судир помеѓу Русија и НАТО“.

Овие написи се појавија во исто време како и два други настана со големо симболичко значење. Првиот од нив е псевдодокументарниот филм на Би-Би-Си „Трета светска војна: во командниот центар“ емитуван на 3 февруари годинава. Сценариото се засновува на фиктивни настани во латвиската источна област Латгали, покрај границата со Русија, каде припадниците на руското малцинство креваат востание и прогласуваат „Латгалска народна република“. Сосема е јасна паралелата што авторите ја повлекуваат со потезите на проруските борци во Донецк и в Луганск во источна Украина во 2014 година.

Во филмот понатаму се прикажува како неколку војници и дипломатски британски високи службеници се собираат во „Командниот центар“ во Лондон, каде потоа решаваат големо прашање: да се преземе нуклеарен напад и на тој начин да се ризикува избувнување Трета светска војна или не? Секако, за ова одлука мора да донесе британската влада, која, како и генералот Ричард Ширеф, кој до март 2014 година беше заменик-командант на Сојузничката команда на НАТО, може да го постави прашањето: Подготвени ли сме да загинеме за Даугавпилс (град во Латвија)?“

Вториот важен настан се случи на 2 февруари кога генералниот секретар на НАТО Јенс Столенберг, за време на претставувањето на годишниот извештај на алијансата, изнесе тврдење дека во март 2013 година руските авиони што можат да носат нуклеарно вооружување се приближиле на Стокхолм, со цел „симулација на нуклеарен напад врз Шведска“.

Се чини дека овие изјави служат за да придонесат за трендот на пораст на довербата што Швеѓаните ја имаат во однос на НАТО. Резултатите од неодамнешните анкети покажуваат дека во 2013 година само 10% од нив верувале дека земјата треба да се приклучи на Северноатлантската алијанса, додека денес вака мислат 41% од граѓаните.

Филмот на Би-Би-Си само навидум претставува обична фикција, додека кај граѓаните на Европската Унија тој ја зајакна перцепцијата за Русија како држава која е подготвена да употреби нуклеарно оружје во случај на евентуален судир. Изјавата на Столтенберг најверојатно ќе предизвика сличен ефект.

Оваа емисија со псевдодокументарни сцени кои се одвиваат во Латвија секако може да се протолкува и како извесно „хипотетичко сценарио“, но воените стратези од двете страни често се однесуваат токму како во филмот.

По ова, изостана поостра реакција на Кремљ, додека руските блогери воопшто не беа благонаклонети кон авторите. На пример, еден од нив рече дека филмот претставува „демонизација на Русија на 85 ниво“ и дека неговата цел е британската јавност да се подготви на можноста од употреба на нуклеарно оружје во Европа.

Од друга страна, во Велика Британија имаше различни коментари. Некои филмот го поздравија со воодушевување, други, пак, го оценија како „провокација“. Анабел Чепмен од магазинот „Проспект“ не го поддржа филмот на Би-Би-Си, но од сосема друга причина: „Пошироко гледано, доколку Русија ја претставувате како закана, а припадниците на малцинството во Латвија како сепаратисти, тогаш вие на Рига ѝ импутирате беспомошност, а на западните сојузници нерешителност, и тогаш ваквата емисија им оди во прилог на определени тврдења што стигнуваат од Кремљ“.

Но, овие наводи не се точни. Москва никогаш отворено не се претставувала себеси како закана за кого и да е, ниту кај Русите во Латвија поттикнувала сепаратизам. Рига не ја третирала како беспомошна страна, а немало ниту изјави кои можат да се протолкуваат во смисла на тоа дека Западот „се мисли“, иако некој можеби на тој начин ги сфатил некои од потезите во претходниот период.

Без оглед на толкувањата, сепак мора да се забележи следново: на Запад политичарите, високите државни службеници и медиумите упорно го повторуваат тврдењето дека не може во целост да се исклучи можноста од избувнување на војна во која би се користело оружје за масовно уништување.

Навестувањата за испраќање на англо-американски трупи во Украина и постојаните приказни за можна нуклеарна катастрофа, дури и ако се претставуваат како измислено сценарио, шират страв и ги потврдуваат стереотипите, со што се намалува шансата за воспоставување меѓусебна доверба и надминување на досегашните несогласувања.

Можеби некој во филмот на Би-Би-Си може да пронајде и определена антивоена порака, макар и во гротескна форма. Сепак, војната не се спречува со тоа што на публиката ѝ се претставува „хипотетичко сценарио“ во кое судирот е неизбежен. Би-Би-Си започна дебата за настаните кои би можеле да доведат до евентуална Трета светска војна, но нема да биде добро доколку таа стане „предвесник кој може да се исполни“.

Владимир Михеев е политички аналитичар, еден од авторите на проектот Troyka Report.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња