Карикатура: Татјана Перелигина
Најголем број обвинувања упатени на сметка на иницијаторот на Перестројката се однесуваат на неговата недоследност, на колебањата и на тактичките „заобиколувања“. Горбачов беше внимателен и се стремеше кон тоа да застане „зад општеството“, односно да му овозможи да созрее за промени, а тој да го „турка“ истото тоа општество одзади, а не да го води по себе. Многумина тоа го толкуваа како недоследност и како нерешителност.
Но, да се обидеме да ги прикажеме барем контурите на најважните промени што се случија во тие години во поранешниот СССР и во целиот свет, за да видиме дека тие заобиколувања на „нерешителниот“ Горбачов прават, всушност, една права линија. Ќе го наведам она што по мое мислење е сржта на Перестројката. Русија го вкуси „забранетиот плод“ на слободните извори и на Гласноста, ставајќи го правото на слобода на говорот и на информирањето на списокот на граѓанските приоритети.
Москва се откажа од претензиите на алтернативна цивилизација и на подредување на целиот свет на својата идеолошка доктрина и покрена иницијатива за запирање на Студената војна, која за малку ќе прераснеше во Трета светска војна. Фактички резултат на тој период е повторното обединување на светската историја, која на почетокот од 20 век, по Руската револуција, го подели на два одвоени тека.
Но, во нашиот непостојан свет сè си има своја цена. Преобразувањето на сопствената земја и на светската политика Горбачов против својата волја го плати со распад на Советскиот Сојуз и со сопствена оставка.
Може да се каже дека ниту постсоветска Русија, ниту останатиот свет, не го положија тестот што им го понуди „превентивната револуција“ на Перестројката. Руското општество не го поднесе товарот на слободата што неочекувано ја доби на подарок. Најпрво потона во хаосот на Елциновото владеење и во трговската разузданост на олигархискиот капитализам, а потоа со олеснување се врати под закрилата на „цврстиот“ апсолутистички систем на кој веќе се имаше навикнато.
Западниот свет, од своја страна, не се воздржа од поривот себеси да се прогласи за победник во Студената војна и за единствен наследник на историјата. Така излезе дека западните партнери на Михаил Горбачов, во чиј здрав разум веруваше тој, дури и повеќе отколку во нивната материјална помош, не се помалку сигурни сојузници од неговите поранешни партиски соборци кои го предадоа. Денес Горбачов не им замерува на западните лидери што своевремено не му помогнале (тој е свесен дека судбината на Перестројката не зависеше од нив), ами им се лути поради тоа што не можеа разумно да ја искористат уникатната шанса што неговата политика му ја понуди на светот, и поради тоа што поривот на советското општество во стремежот кон демократијата го сфатија само како приказ на внатрешна слабост.
Не е реализиран ниту еден проект на заедничката европска куќа, во која требаше да влезе и реформираниот Советски Сојуз, ниту беше реализирана идејата за создавање нови структури за колективна безбедност на континентот (евентуално и Советот за безбедност, меѓу другото) кои би овозможиле да се избегне трагедијата на крвавата војна во Југославија и драмата на сегашниот граѓански конфликт во Украина.
Излезе дека е поедноставно да се урне Берлинскиот ѕид, отколку да им се стави точка на логиката и на психологијата на програмираното непријателство кои, всушност, и беа причината за поставувањето на Берлинскиот ѕид, кој `и служеше како инструмент на политиката.
Зачувувањето на старите и никнувањето на новите видливи и невидливи ѕидови и бариери покажува дека политичарите на 21 век, како на Запад, така и на Исток, не се подготвени да се ослободат од предрасудите и од стереотипите. По сè изгледа, ова е и причината што Студената војна е заменета со мноштво „жешки“ конфликти на целата планета.
Па, дури и самата Студена војна, иако веќе се распаѓа од старост, со голема брзина се враќа во руско-американските односи, а Горбачов веруваше дека неповратно ја закопува кога во Рејкјавик, на Малта, во Вашингтон или во Москва се состануваше со тогашните американски претседатели.
Ако Перестројката триесет години по нејзиното започнување во руското општество се сфаќа како политички неуспех, или дури како антинационален проект со кој се поткопуваат државните интереси, тогаш тоа значи или дека главниот мотив на Перестројката не е сфатен, или дека тој свесно се отфрла, иако своевремено активно го поддржа целото советско општество. Овој мотив претставува демократска преродба на Русија и нејзино повторно соединување со светската историја. Тука се и плурализмот на мислењето, владеењето на законот, чесни избори на раководството, неприкосновеност на човечката личност, реална конкуренција во политиката и во економијата, транспарентност во функционирањето на власта и нејзина одговорност пред општеството.
Авторот е поранешен портпарол на претседателот на СССР, М. С. Горбачов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче