Зошто Русија и Западот сè помалку се разбираат?

Карикатура: Алексеј Иорш

Карикатура: Алексеј Иорш

Денешните претстави на Западот за Русија се застарени и тие треба да се променат. Ова нема да биде лесно сè дури Русија јасно не ги дефинира своите долгорочни интереси и не престане да верува само во сопствената пропаганда.

Со години живеам во САД и се уверив дека мислењето на Американците за Русите во голема мера се разликува од претставата што Русите ја имаат во врска со ова. Еден од најчестите стереотипи што се врежани кај Русите е дека Американците мислат дека по улиците на руските градови шетаат мечки. 

Всушност, Американците имаат многу подобро мислење за Русија, иако мечката од тајгите, за која во последно време зборува Владимир Путин, на Запад не ги зголемува симпатиите кон Русија.

Дванаесетте пријатели на Путин
Откако пролетта 2014 година Западот ѝ воведе економски и политички санкции, Русија фактички ја изгуби врската што претходните две децении ја беше градела со САД и со европските земји. Во таква ситуација руското раководство мораше да ги преиспита своите надворешнополитички приоритети и да побара нови сојузници.

Западните политичари и аналитичарите што се занимаваат со Русија можат да се поделат на две групи. Побројна е онаа што тврди дека Путин ја претвора Русија во авторитарна држава, во која граѓанското општество не е доволно развиено. Застапниците на ваквиот став сметаат дека Владимир Путин е главен „политички архитект“ на современа Русија. Според нив, денешната Русија не би опстанала без Путин, како што тоа беше случај по заминувањето од власт на многу негови претходници, почнувајќи од Иван Грозни, па сè до Борис Елцин. Државните и политички модели што тие ги создадоа брзо исчезнаа, а претседателот Путин по своја волја ја обликува и ја менува политиката на Русија. Ваквиот став го поддржува и актуелната администрација на САД. 

Претставниците на втората група сметаат дека Владимир Путин е типичен лидер од историјата на Русија. Негова цел не е реализација на сопствената политичка програма (претседателот Путин ја нема), туку зачувување на сигурниот статус кво и на стратегиите за развој на Русија, кои се дефинирани пред многу векови. Значи, не постои никаква „Путинова Русија“, но постои „руски Путин“, чија појава на политичката сцена е резултат на националната политичка култура, на институциите и на традицијата. Врз овој став, на пример, се засновуваше политиката на САД кон Русија во текот на првата деценија по распадот на СССР. 

Секако, ова е крајно поедноставена поделба. Двата наведени става не се толку праволиниски, туку постојат и поинакви мислења. Во Русија многумина го обвинуваат Западот, и тоа не без основа, дека не сака да соработува со „вистинската Русија“, ами само со онаа „виртуелната“, создадена во кабинетите на вашингтонските истражувачки центри. Без оглед на тоа колку се погрешни претставите на западните аналитичари за Русија, сигурно е дека светот би требало многу подетално и подобро да ја запознае Русија. 

Зошто Русија е против влегувањето на Украина во НАТО?
На Запад е раширено мислењето дека руската политика, кога станува збор за кризата во Украина, е предодредена од личните амбиции на претседателот Владимир Путин. Во Русија, пак, напротив, се смета дека оваа криза е предизвикана од ширењето на сферата на влијанието на Западот на исток. Ова ширење создаде ситуација на „игра од нулта вредност“ на постсоветското пространство, каде што некои земји се повеќе поврзани со Русија од други. Во кризата во Украина Москва ги штити своите национални интереси, а некои од нив за Русија се од животна важност.

Но, за да можат другите навистина да ја запознаат и да ја разберат, Русија најпрво мора самата себеси да си одговори на некои клучни прашања, а, пред сè, треба да ги определи своите долгорочни национални приоритети. Донекаде е разбирлива таа извесна недоумица во светот, кога присоединувањето на Крим кон Русија сега се претставува како еден од столбовите на руската државност, а само до пред една година за ова не зборуваше ниту рускиот претседател, ниту претставниците на воениот ресор, ниту дипломатите, ниту, пак, експертите. 

Наивно е да се очекува дека светската заедница одеднаш ќе ја смета за чувар на традиционалните вредности земјата што во последниве сто година има минато низ неколку распади. Имено, националната репутација се гради долго и мора да се заснова на реални факти, а не само на верата во сопствената пропаганда. 

На крајот на краиштата, конкуренцијата меѓу определени земји не мора секогаш да значи спротивставување и непријателство, а овие категории во Русија често се поистоветуваат. Природно, Русија сака да им биде конкуренција на САД и на целиот Запад. Вашингтон тоа го сфаќа и го прифаќа. Но, исто така, природно е и тоа што Западот во Русија гледа конкуренција, па во согласност со тоа така и се однесува. 

Денес е очигледно дека е неопходна суштинска промена на долгорочните односи на Западот кон Русија. Но, санкциите што Западот ги воведе само ја отежнаа ситуацијата, зашто со тоа се оневозможени какви било контакти со Русија. Ваквите потези се последица на крајно „кусогледата“ политика. Западот греши со обидите Русија да ја потисне на периферијата на светот, само зашто не се сложува со еден дел од нејзината надворешна политика. 

Од друга страна, суштинска промена на ставот на Западот кон Русија не е можна сè дури Русија радикално не го смени својот долгорочен однос кон Западот. Моменталните политички несогласувања во Русија предизвикаа крајна вулгаризација на западната цивилизација и на сите нејзини вредности. Русија, исто така, мора самата себеси да си одговори на прашањето за тоа дали „Русија е Путинова“ или е „Путин руски“ и до кога најголемата земја на светот себеси ќе се смета за „мечка“?

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.