7 НЕПРЕВОДЛИВИ руски изрази

Kira Lisitskaya (Photo: Shara Henderson,Reinhard Rohner/Global Look Press; Wikipedia)
На странците што учат руски овие изрази им звучат како ономатопеи или како неразбирливо брборење, но секој Русин веднаш ќе сфати за што станува збор. Дознајте како се појавиле изразите „шуры-муры“ и „аты-баты“ и што значат тие.

Шуры-муры

„Она крутит с ним шуры-муры“ – тука станува збор за некакви интимни односи (во слободен превод: „Таа со него нешто ’шури-мури’“). Изразот потекнува од 19 век кога францускиот јазик бил „јазик на љубовта“. Дури и помодарите кои немале благородничко потекло и не знаеле фрнацуски се обидувале да научат неколку убави фрази и со помош на нив да ги освојат женските срца. „Шури-муры“ е „локализација“ на францускиот израз „cher amour“ (буквално „најдрага љубов [моја]“). Доколку вљубена двојка не знаела други синоними, тогаш во текот на разговорот многу пати го повторувале овој израз. Но, на руската варијанта очигледно влијаел турскиот збор „surmur“ (шурмур), што значи „збрка“. Поради тоа изразот „шури-мури“ никогаш нема да се употреби за сериозни односи.

Вась-вась

Секој Русин добро знае од каде потекнува овој израз. „Васја“ („Вася“) е скратена варијанта од името „Василиј“, па ако за други луѓе се каже „Они между собой вась-вась“ (слободен превод: „Тие еден на друг си велат ’вас-вас’“), тоа значи декаа тие се блиски, не си персираат еден на друг и користат скратени имиња.

Фигли-мигли

Овој израз значи „марифетлаци, шеги“, иако често со цел „другата страна“ да се прелаже. Во рускиот јазик се појавил во 18 век, а потекнува од полскиот збор „figiel“, што значи „трик, марифетлак, финта“. Исто потекло има и рускиот збор „фигляр“ (лакрдијаш, лице што се плази, прави гримаси). Лингвистите објаснуваат дека „мигли“ е додадено на „фигли“ со примена на дивергентна лексичка редупликација, односно промена на согласката во дополнителната компонента на изразот.

Лясы точить

Тоа значи да се „водат бескорисни разговори“. Не се знае како настанал овој израз. Едни лингвисти претпоставуваат дека „лясы“ потекнува од „балясы“, што значи „резбарен столб на скалилата“ кој не било тешко да се „точить“ (остри, струга, бруси), но процесот долго траел, додека други ја оспоруваат оваа претпоставка. Можеби „лясы“ потекнува од ономатопејата „ля-ля-ля“ (ла-ла-ла) која во рускиот значи празно ломотење.

Куролесить

Литија на село на Велигден

Овој збор потекнува од грчкиот израз „Господи, помилуј“ (Κύριε ἐλέησον, „кирие елеисон“). Изразот многу пати се споменува во грчките текстови на секоја богослужба.

Порано богослужбите во руските храмови често се вршело на грчки, со тоа што руските свештеници можеби не знаеле грчки, или не го знаеле добро, и поради тоа многумина ги повторувале зборовите што ги научиле напамет. Поради брзото и често повторување „кирие елеисон“ со текот на времето станало „куролесье“. Овој феномен се одразил во старата руска загатка: „Одат по шумата, пеат куролесје, носат дрвен колач со месо“ (одговор: погреб).

Зборот „куролесить“ се задржал со значење „да се прави нешто немарно, да се мува, да се биде невнимателен, да се прават лудории, да се однесува мангупски“.

Фокус-покус

Магионичар

Овој израз е исто така поврзан со богослужба, но во католички обред. Во рускиот јазик дошол од германскиот. Католичката миса се врши на латински. За време на осветувањето (трансупстанцијација) на лебот и на виното, коишто се симбол на телото и на крвта Христови, свештеникот изговара зборови кои Христос ги изговорил на Тајната вечера: „Hoc est enim corpus meum“ („Ова е телото мое“). Обичниот народ „hoc est corpus“ започнал да ги доживува како зборови по кои се случува трансупстанцијација, односно нешто чудесно.

Но, со оглед на тоа што Германците не знаеле латински, тие изговарале како што слушале, па „hoc est corpus“ во нивна интерпретација станало Hokuspokus. Пародирајќи свештени дејствија во храм, уличните магионичари викале: „Hokuspokus!“ и ваделе од шеширот зајак или претворале стап во змија.

Во 1635 година на англиски јазик е објавено упатство за магични трикови Hocus Pocus Junior: The Anatomie of Legerdemain. Францускиот збор legerdemain („вештина на рацете“) тогаш означувала вештина на „магови“ и манипулатори. Истражувачите сметаат дека Hocus Pocus Junior всушност е сценско име на уличниот магионичар, автор на книгата. Како и да е, потоа во 17 век во Европа изразот Hokuspokus станал синоним за театрална магија, па заедно со Германците и со Англичаните дошол во Русија. Европските магионичари оделе и во Русија за да заработат на претстави. И таму го добиле заедничкиот назив „фокусники“, луѓе кои изведуваат трикови. Овој збор во рускиот јазик постои и денес.

Аты-баты

„Аты-баты, шли солдаты, аты-баты, на базар. Аты-баты, что купили? Аты-баты, самовар“ („Ати-бати, оделе војници, ати-бати, на пазар. Ати-бати, што купиле? Ати-бати, самовар“). Оваа стара руска бројанка помага лесно да се запамети потеклото на изразот „аты-баты“. Лингвистите објаснуваат дека „батир“ на турански јазик значи „воин“, а во турскиот овој корен дошол од санскрит. Таму „bata“ значи „слуга, наемник, момок, оној што е понизок по ранг“. „Atam“ на санскрит значи „поминува“.

Изгледа дека „ати-бати“ непосредно значи токму „оделе војници“. Некои истражувачи претпоставуваат дека тоа би можел да биде строев чекор со кој се движела татарско-монголската армија, но оваа хипотеза не е поткрепена со никакви конкретни факти.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња