Во 9 век легендарните мисионери и просветители, браќата Константин (Кирил) и Методиј со своите ученици, го вообличиле првиот заеднички литературен јазик на сите Словени, а тој денес се нарекува старословенски. И во тоа време словенските јазици сѐ уште биле блиски (како дијалект на еден јазик) и сите Словени меѓусебно се разбирале, така што старословенскиот бил лесно „примен“ меѓу Словените во Моравија, на Балканот и во Стара Русија.
Во периодот од 11 до 16 век во различни словенски јазици се случиле кардинални структурни промени, формирани се оригинални јазични карактеристики и вокабулар. Оттогаш жителите на различни делови од словенскиот свет повеќе не можат да се разберат едни со други.
Јурај Крижаниќ
Public domainУлога на заеднички јазик на сите Словени до 18-19 век како-така ја вршеше црковнословенскиот јазик, наследник на старословенскиот. Меѓутоа, сферата на неговото функционирање беше ограничена и овој јазик нема многу допирни точки со секојдневието, што научниците го согледаа многу пред 19 век. Јурај Крижаниќ, хрватски мисионер со широко хуманистичко образование и речиси ренесансна личност, се обиде да излезе од рамките на црковнословенскиот јазик и да создаде општословенски јазик. Ова е првиот ваков обид во поново време.
Како поданик на империјата на Хазбурзите, и како католички свештеник и богослов, тој во 1659 година допатувал во Москва за да му служи на рускиот цар Алексеј Михајлович. Меѓутоа, неговите идеи за потребата за унија на православната и католичката црква за обединување на сите Словени на царскиот двор не биле дочекани со ентузијазам. Неколку години подоцна овој креативен Хрват за секој случај бил протеран во Тобољск, тогашната престолнина на Сибир (но, добил парична „поткрепа“ во вредност од 90 рубли годишно, што воопшто не била незначителна сума за тоа време и била доволна за Крижаниќ во следните 16 години да се занимава со пишувачка работа). Од идејата за обединување на сите Словени тој по логичко размислување стасал до идејата дека е потребно да се создаде современ општословенски јазик врз основа на рускиот (сметајќи дека овој јазик е постар, почист и поразвиен од сите останати словенски јазици). Во 1665 година Крижаниќ ја напишал книгата „Граматички приказ на рускиот јазик“ (Граматичко изказање об Руском језику), каде тој под изразот „руски јазик“ не го подразбирал тогашниот руски, ами токму оној замислен општословенски јазик.
„Граматичко изказање об Руском језику“ („Граматички приказ на рускиот јазик“), 1665, Јурај Крижаниќ, прва меѓусловенска граматика.
Public domainИ токму на тој „руски“ Крижаниќ во текот на шеесеттите години од 17 век го пишува трактатот „Политика“. Повеќе од 60% од неговиот вокабулар се внимателно избрани општословенски зборови, имало 10% руски и црковнословенски зборови, додека 9% се преземени од мајчиниот дијалект на авторот, 2,5% од полскиот и останатото од другите словенски јазици.
Од научно гледиште експериментот на Крижаниќ бил мошне успешен. Неговата работа често се карактеризира како прво истражување на споредбената граматика на јазиците (и тоа не само на словенските!) во Европа, а определени негови предлози отфрлањето на буквата Ъ по согласка на крајот од зборот и реформата на називите на зборовите „а“-„бе“-„ве“ наместо „азъ“-„буки“-веди“) беа цели 250 години пред своето време.
Сѐ посилната Руска Империја (а, по конечната поделба на Полско-Литванската државна заедница и одделна словенска држава на светот) неколку века пред почетокот на 20 век немала алтернатива како политички и културен ориентир за поголем дел од словенската интелигенција кога во тој момент живеела на територијата на Австриската империја на Хазбурзите и на Османската Империја. Идеите на Крижаниќ спонтано и логично продолжуваат низ филозофијата за панславизмот, односно за обединување на сите Словени во единствена држава под власт на руски монарх.
Пансловенската идеологија тргнувала од тоа дека сите Словени во иднината ќе се „вратат“ на заеднички јазик што сите тие ќе го разбираат. Определени ентузијасти предлагаа сопствени проекти за општословенски јазик. Меѓу нив треба да се истакне Словакот Јан Херкељ и неговиот Universalis Lingua Slavica (1826) или Заемниот Правопис Славјански (1865) на Словенецот Матија Мајар. Меѓутоа, влијанието на руската култура и на рускиот јазик врз словенската интелигенција на која ѝ беа блиски хуманистичките науки во тоа време било толку големо што тие главно во целост биле обземени со адаптација на тогашната руска култура во својата татковина на својот мајчин јазик. Поголемиот дел од нив во помала или во поголема мера знаеле руски, а реално не се чувствувала особена потреба за бурна дејност во насока на создавање одделен пансловенски јазик.
Матија Мајар
Public domainПо 1917 година рускиот јазик накусо се повлече од своите доминантни позиции во словенскиот свет, за по 1945 година да се врати како де-факто главен јазик на целиот социјалистички блок. Од крајот на Втората светска војна па сѐ до крајот на осумдесеттите години од минатиот век сите словенски народи го градеа социјализмот под суптилно раководство на Москва. По распадот на СССР, Русија ја изгуби својата привлечност во очите на останатите словенски народи, и престижот на рускиот јазик во регионот нагло падна. Така на преминот во третиот милениум повторно излезе на виделина проблемот за заеднички јазик за сите Словени.
И покрај тоа што на почетокот од овој век поголем дел од поранешните земји од социјалистичкиот блок тргнаа кон интензивна интеграција со Западна Европа, потребата за заеднички јазик не опадна, напротив се зголеми. Поттикнати од заедничкиот бизнис, достапниот туризам и бескрајната комуникација на Интернет, жители од различни земји на Источна и на Централна Европа ги интензивираа своите контакти. Не можеа да научат англиски, а и разумно звучи идејата дека на Словените сепак им е најлесно и најприродно едни со други да разговараат на некој сроден јазик, и таа „висеше во воздух“. Проектите за општословенски јазик од 21 век принципиелно се разликуваат од претходните, токму по тоа што во нив нема ниту трага од каква било пансловенска идеологија и имаат исклучиво практична намена.
Марк Хучко
Public domainПрв се појави словио, кој од 1999 година го развиваше словачкиот лингвист Марк Хучко на словенски лексички материјал и врз основа на принципи слични на есперанто: 1) поедноставена логична граматика без исклучоци, без категоријата род, практично без деклинации, но со голем број глаголски облици; 2) поедноставена ортографија: се користат само тастатурите што беа достапни во тоа време, односно англиската и руската (за помалку популарната кирилична верзија), со тоа што специфични словенски фонеми се обележуваат со диграфи cx/sx/zx/gx/wx за обележување на гласовите ч/ш/ж/дж/щ; 3) За формирање на обликот на множина се користи наставката –s, карактеристична за западноевропските јазици и за есперанто. Словио, меѓутоа, не се здоби со популарност. За многумина беше одбивна неговата извештаченост и сличноста со есперанто, а им пречеше и наставката –s која е туѓа за словенските јазици, како и графичката „пренатрупаност“. Марк Хучко објави неколку верзии и на словио, и на крајот, според сѐ, и самиот се разочара зашто во 2010 година престана да одговара на писмата и да го објавува сајтот на проектот http://slovio.com.
Во 2006 година се појави конкуренција на словио. Тоа беше словјанскиот јазик што го создадоа Чесите Ондреј Речник и Габриел Свобода, и Холанѓанецот Јан ван Стенберген. Нивна цел беше да создадат јазик кој би бил заеднички за сите Словени, користејќи го вокабуларот и имитирајќи ја граматиката на современите словенски јазици.
Потоа во 2009 година Американецот Стивен Роѕиховски, Полјакот Анджеј Морачевски и Чехот Михал Боровичка го предложика проектот словиоски, што во суштина хибрид на словио и на словјанскиот.
Истата година чешкиот програмер Војтех Мерунка ја објави монографијата „Новословенски јазик“ во кој современата словенска лексика на словјанскиот јазик се обиде да ја спои со граматиката и со лексиката на класичните општословенски јазици – старословенскиот и црковнословенскиот.
Војтех Мерунка и Јан ван Стенберген на Втората конференција на међусловенски језик 2018.
IJzeren Jan (CC BY-SA 4.0)Екипа автори на словјанскиот, словио и на новословенскиот јазик во 2011 година објавија дека е неопходно да се обединат напорите, па во 2017 година конечно ги интегрираа своите резултати во нов проект – меѓусловенски (Interslavic) јазик. Понатамошната работа над овој јазик е доверен на специјална комисија во која веќе влегоа познатите Мерунка и Ван Стенберген, а исто така и Полјакот Михал Сват, Чехот Роберто Ломбино и Русинот Павел Скриљов.
Денешниот меѓусловенски јазик постои во две алтернативни варијанти: латинична од мешовит чешко-хрватски тип и кирилична која е спој на руски букви со српски и со украински. Тој е максимално близок до природните словенски јазици во поглед на граматиката, иако синтаксата е воедначена, а морфологијата во голема мера е исчистена од исклучоци и од неправилни облици. Меѓусловенскиот има прилично обемен, внимателно осмислен вокабулар од над 17.000 зборови, кој редовно се дополнува, така што во јазикот во писмен и во устен облик во целина ќе биде разбирлив за секој релативно образован говорник на еден словенски јазик. Секој збор се додава во речникот доколку собере три поени според распространетоста во словенскиот свет (рускиот и полскиот даваат по 1 поен, останатите по 0.5 поени). „Интерславистите“ развиваат и меѓусловенски речник (во овој момент тој содржи над 17.500 зборови), имаат свои сајтови, еден презентациски и друг информативен, свој канал на Јутјуб (речиси 10.000 следбеници), група на Фејсбук (17.000 следбеници) и профили на другите социјални мрежи. И покрај тоа што меѓусловенскиот излезе многу поприроден и повитален одошто, да кажеме, словио, проектот всушност не се прошири надвор од кругот на ентузијастите и на неколкуте илјади нивни истомисленици и фанови.
Зошто е тоа така? На секој вештачки јазик му е мошне тешко да се натпреварува со природните јазици што луѓето ги зборуваат од раѓање, што ги учат на училиште, на кои добиваат информации во медиумите и на кои (на секој од нив) е создаден богат корпус текстови во сите можни формати и, што е особено важно, создадена е убава книжевност. Интересно е дека меѓу десетината воодушевени коментари под видеоприлогот на активните „интерслависти“ како рефрен се провлекува мислата: „Каква штета што ние, Словените, не го учиме овој прекрасен јазик на училиште!“ Да, кога би било така меѓусловенскиот секако би ја олеснил комуникацијата меѓу сродните народи и без сомнеж би ги поттикнал Словените да учат други словенски јазици. Чисто технички гледано, доколку меѓусловенскиот продолжи да се развива, тој има потенцијал да ја преземе улогата на јазик-посредник. Засега ваквата идеја сепак делува само како симпатично мечтаење, зашто за нејзина реализација би требало да се сменат многу работи во современиот свет.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче