Тројца странци кои студираат во Сибир и кои го сакаат

Антонин Рој

Антонин Рој

Дипломците од Тјумењскиот универзитет од Франција, од Кина и од Египет ги споделуваат своите приказни и објаснуваат зошто заминувањето на Сибир е пат кој вреди да се помине.

Студирањето во Сибир може да изгледа како неконвенционален избор, но многу од стереотипите поврзани со оваа територија се застарени. Богати со природни ресурси, сибирските региони на Русија ги вложија парите добиени од нафтата за финансирање на исклучителни локални школи и универзитети. Сибирските градови се модерни и имаат уникатна култура.

Една од овие прогресивни институции е и Универзитетот на Тјумењ (ТјумГУ) кој е еден од најголемите универзитети во Русија. Основан е во 1930 година и се наоѓа во мирниот и спокоен град Тјумењ, едно од најстарите населени места на Сибир, кое се наоѓа на 2.000 километри источно од Москва. ТјумГУ е познат по својата академска врвност, по меѓународните проекти и по студентската заедница. А, што е со суровите сибирски зими? Па, за некои луѓе тоа дава само дополнителен шарм на целото искуство.

Но, не треба да им верувате само на нашите зборови. Замоливме тројца дипломци од ТјумГУ од Европа, од Азија и од Африка да ги споделат со нас своите искуства од Тјумењ на прво место, а исто така и да ни раскажат со што се одликува универзитетот.

1. Антонин Рој, 25, Франција

Пред да замине за Тјумењ, Антонин немал никакви сознанија за Русија. „Сè што знаев за земјата беше Строгов (лик од новела на Жил Верн) и факти за Советскиот Сојуз“, признава тој. „Студирав на Иститутот за политички науки и на трета година имав можност да заминам една година на програма во странство. Веќе почнав да учам руски и решив да заминам во Тјумењ“.

Зошто таму, а не во Москва или во Санкт Петербург? „Помислив дека за да се разбере руската душа треба да се оди некаде кадешто луѓето не зборуваат многу англиски. Затоа и избрав да заминам на Универзитетот во Тјумењ“, објаснува тој.

Антонин дошол во Русија во 2015 година и, како и многу други странци, ова место му се присторило многу чудно. Најпрво сметал дека луѓето се студени исто како и времето, но тоа не траело долго.

„Кога станува збор за универзитетот најпрво беше тешко да се адаптирам зашто сите предавања беа на руски“, се сеќава тој. „Понекогаш некои предавања ги посетував двапати зашто не разбирав руски доволно долго. Сепак, благодарение на професорите кои дадоа сè од себе за да ми помогнат, успеав да научам многу за конфликтите во постсоветските републики и општо за Русија и за нејзината култура“.

Како што вели тој, универзитетот не само што му помогнал во понатамошното студирање (тој продолжил со магистерски студии по руска лингвистика и планира да стане дипломат), ами и се стекнал со нови пријатели, па дури и со девојка. За него студирањето на ТјумГУ не е само студирање, ами и многу повеќе. „Тоа не е само добар начин да се научи руски, без оглед што не сте знаеле ниту збор претходно, ами истовремено е и уникатно искуство кое помага да се разбере колку си адаптабилен на нова средина“.

2. Сју Јинјуан, 24, Кина

Сју тукушто дипломираше на ТјумГУ и бара работа. Таа е сигурна во едно – нејзината идна кариера ќе биде поврзана со Русија и со рускиот јазик.

„Зошто го избрав Тјумењ? Постои соработка помеѓу ТјумГУ и Куфу универзитетот каде учев руски јазик на додипломски студии, па го избрав Тјумењ за добивање магистерска диплома за светска политика“, вели таа.

„Студирањето таму беше тешко – не зашто беше ново поле за мене, ами зашто предавањата беа и на Англиски и на Руски. За да ги разбереш предавањата, треба и двата јазика да ги знаеш добро“, забележува Сју. Сепак, таа на крајот успеала, благодарение на своите колеги и на професорите кои брзо ѝ помогнале.

„Методите со кои се студира во Русија се разликуваат од оние на кинеските професори. Тука има малку повеќе слобода за време на предавањата и тоа ми се допаѓа на ТјумГУ. На универзитетот има сè – добро организиран студиски процес, комфорно е, просториите се чисти, а луѓето се љубезни“.

Зошто толку далеку? „Во Кина оние што студираат надвор имаат поголеми шанси за напредување во кариерата, па затоа сум среќна што својата магистерска диплома ја добив тука“, признава таа. „Згора на тоа, она по што се разликува Тјумењ од останатите големи градови во Русија е тоа што тука има малку странци и нуди поголеми можности да се научи рускиот јазик од локалните жители. Да бидам искрена, ова е токму тоа место за оние кои навистина сакаат да го научат рускиот јазик и литература“.

3. Ахмед Сајед, 28, Египет

„Уште како дете сакав да работам во туристичката дејност и беше сосема јасно дека учењето странски јазик ќе ми помогне да најдам таква работа“, вели Ахмед од Египет кој дипломирал на ТјумГУ во 208 година.

„Мојата прва диплома ја добив во Каиро на светска историја, а исто така учев и руски. Ова ми даде шанса да започнам кариера во туризмот и неколку години работев како туристички водич со руски јазик во Каиро. Во еден момент решив да го продолжам моето образование и преку Россотрудничество аплицирав за стипендија и со помош на Универзитетот во Тјумењ бев избран да студирам во странство“.

Ахмед избрал да студира русистика и дошол во Русија в 2016 година – се вљубил во Тјумењ на прв поглед. „Ја обожавам природата и архитектурата на градот. Сепак, климата ме шокираше – беше многу студено!“, се сеќава тој. „Згора на тоа, навикнат сум продавниците да работат нонстоп (како во Египет), а во Тјумењ многу продавници и ресторани затвораат мошне рано. На почетокот тоа не ми се допаѓаше, но потоа се навикнав на сè во Тјумењ“.

Покрај студирањето, Ахмед бргу се приклучил на студентскиот живот, па на крајот завршил како директор на универзитетскиот Арапски центар и организирал различни настани, при што им раскажувал на студентите за животот во Египет. „Еден од омилените настани ми беше КултФест каде ја претставивме арапската култура преку поезија, храна и песни“, се сеќава тој.

Иако Ахмед дипломирал оваа година, тој планира да се врати на уште една академска година. „Беше многу тешко да се замине“, признава тој. „Една од најдобрите работи на универзитетот беше можноста да се запознаат студенти од различни земји и да се зборува странски јазик. Тјумењ ми ги прошири хоризонтите. Задоволен сум со својата моментална работа во Арапскиот центар, така што планирам да се задржам во Тјумењ“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња