Десет чести прашања поврзани со студирањето во Сибир

Press photo
Тјумењскиот универзитет нуди квалитетно образование и можност за претходно подлабоко запознавање со руската култура.

Дали студирањето во Сибир ви звучи како нешто за што не вреди ни да се размислува? Сепак размислете. Доколку барате квалитетно и достапно образование, доколку се занимавате со научни истражувања и сакате контакти со студенти од целиот свет, фрлете поглед на Тјумењскиот универзитет (ТЮМГУ). Тоа е една од водечките високообразовни установи во Сибир. Спаѓа меѓу 60 најдобри во Русија. Прочитајте ги овие одговори на често поставуваните прашања за да знаете што ве чека таму.

1/ Има ли нешто значајно што јас би можел да го добијам таму?

На универзитетот се изучуваат голем број технички и хуманистички дисциплини (списокот е преголем).

Меѓу странските студенти најпопуларни се следниве области:

  • лингвистика
  • економија
  • IT
  • биологија (особено X-BIO, Институтот за еколошка и земјоделска биологија) кој најмногу внимание им посветува на глобалните прашања на биолошката безбедност
  • меѓународни односи
  • мехатроника и роботика

Доколку не ви е целта само да стекнете фундаментални знаења и професија, туку и да учествувате во мултидисциплинарни научни истражувања, тогаш одличен избор е Школата за напредни студии. Тука наставата се врши на руски и англиски јазик, а курсевите ги држат предавачи со научни звања од САД, Канада и Европа.

Сакате да се задлабочите во светот на медиумите и да ја изучите современата дигитална култура? Погледнете ја областа медиски комуникации (основни и мастер студии), каде предавањата од теоријата се комбинираат со применети истражувања. Ќе проучувате култни ТВ-серии и шоу програми, филмови и медиска продукција.

2/ Како конкретно изгледа процесот на студирање?

Образованието се заснова врз традиционалниот Болоњски процес: четири години основни и две години мастер студии.

Поред курсеви поврзани со струката, студентите можат да изберат и дополнителни дисциплини, дури и од некоја друга струка. Такви дисциплини има преку 200, што значи дека можете да си направите свој личен план на студирање и да добиете дополнителен сертификат. Покрај тоа, студентите можат да одат на стажирање во текот на студиите во водечките нафтени, гасни, IT, комерцијални и други компании во овој регион и надвор од него.

За лицата со висока стручна спрема ТЮМГУ нуди докторски студии. Покрај тоа, ќе ви биде овозможено да се занимавате со применети и теориски истражувања и да објавувате статии во научни списанија.

3/ На кој јазик се држи наставата?

Речиси сите програми подразбираат настава на руски јазик. Странските студенти студираат заедно со руските студенти.

Па сепак, постојат и одделни програми на англиски јазик. На пример, можете да завршите мастер студии во областа биолошка заштита на билките (на X-BIO). Покрај тоа, во Школата за перспективни студии постојат седум програми на англиски јазик.

4/ Што ако не зборувам руски?

Во овој момент на ТЮМГУ студираат преку 400 странски студенти кои пред доаѓањето на овој универзитет не зборуваа руски. И вие можете да научите руски на универзитетот. Почнете од (предуниверзитетската) програмата „Фондации“ која подразбира интензивни курсеви по руски јазик, како и курсеви по одделни дисциплини кои ќе ви помогнат да се запишете на универзитетот.

Ќе ги запознаете и волонтерите од Buddy Project кои се секогаш подготвени да им помогнат на странските студенти.

5/ Колку чини тоа?

Програмата Фондации чини околу 1500 долара (за два семестри), додека цената на студиите зависи од конкретната програма (и се движи од 1500 до 4100 долари годишно). Обратете внимание, доколку поминете сјајно на испитите, можете да добиете и попуст.

6/ Можам ли да студирам бесплатно?

Да! Можете да побарате руска државна стипендија која ги покрива трошоците за студирање за програмата Фондации и стекнувањето на научно звање, како и месечните трошоци за престој.

Талентираните докторанди можат да добијат специјален грант од ТЮМГУ со месечна дотација во висина од 500 долари (колку што отприлика изнесува просечната плата во градот). Подетално за изворите на финансирање на вашите студии погледнете овде.

7/ Дали ми е потребна виза?

Странските студенти (со исклучок на студентите од повеќето земји на Заедницата на независни држави) мораат да извадат студентска виза пред влегувањето во Русија. Визата можете да ја добиете во најблиската амбасада или конзулат на Русија доколку имате официјална покана од ТЮМГУ.

Вашата виза ќе биде продолжена на година дена кога ќе стигнете во Тјумењ.

8/ Каде ќе живеам во Тјумењ?

ТЮМГУ има неколку студентски домови. Сите се наоѓаат во централниот и еколошки чист реон на градот, близу универзитетските згради до кои може да се дојде пеш.
Студентите живеат во модерни еднособни, двособни или трособни апартмани кои се опремени со сета потребна техника и, се разбира, имаат брз Wi-Fi. Погледнете ги фотографиите овде.

Студентските соби можат да бидат еднокреветни, двокреветни, трикреветни или четирикреветни. Собата чини 10-15 долари месечно. Во близина на студентските домови има многу паркови, стадиони и културни центри каде студентите радо се собираат и го поминуваат слободното време.

9/ Што се случува надвор од универзитетот?

Можеби ова ќе ве растажи, но на улица нема да среќавате мечки. Тјумењ (2000 км источно од Москва) е најстариот сибирски град кој има 800000 жители. Основан е во 16 век. Спаѓа меѓу 20 најголеми градови во Русија. Климата тука е изразено континентална, но е пријатна (во јули просечната температура може да биде поголема и од 30 степени Целзиусови, а во јануари се спушта отприлика до -15 степени Целзиусови).

Многу млади луѓе доаѓаат тука да студираат и работат затоа што Тјумењ спаѓа меѓу 10 градови на Русија со највисоки примања. Главен сектор на економијата во овој град се нафтата и гасот (тука работат големи компании како што се „Лукоил“, ТНК и „Гаспром“), како и машиноградбата. Во Тјумењ се произведуваат авионски мотори, акумулатори и медицинска техника. Патем, според „Ранг-листата на руските градови“ Тјумењ спаѓа меѓу најкомфорните градови во Русија.

Градот има театри, кина, трговски центри, музеи, кафе барови, вежбални, базени и најголем аква парк во Русија. Во библиотеката „Дмитриј Менделеев“ ќе го пронајдете секој научен научен извор кој може да ви затреба во текот на студирањето.

10/ Звучи интересно. Како можам да се запишам ТЮМГУ?

Прв чекор. Изберете го видот на студиите на сајтот.

Втор чекор. Пополнете ја онлајн пријавата и не заборавајте да додадете ваше мотивациско писмо и скенирани документи кои го потврдуваат вашето образование. Документите се разгледуваат околу три недели. Пријавувањето за академската 2019 година почнува во октомври 2018.

Трет чекор. Учете руски јазик на ТЮМГУ според програмата Фондации.

Четврти чекор. Положете ги задолжителните испити по руски јазик како странски и основните дисциплини. Тоа можете да го сторите во Тјумењ или преку интернет.

Петти чекор. Уплатете ја школарината, извадете ги студентската виза и потребните документи и отпатувајте во Тјумењ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња