5 причини да студирате на Тјумењскиот државен универзитет

Тјумењскиот државен универзитет
Некому може да му се стори егзотична помислата да замине да студира на некој сибирски универзитет. Но, освен очигледните можности да се види и да се почувствува вистинската Русија, Тјумењскиот државен универзитет (ТјумГУ), е еден од најголемите образовни кластери на Сибир кој може да ви понуди сериозна академска подготовка – и еден куп други можности.

Тјумењ е еден од најголемите градови на Сибир, град на нафташи и на поети, на спортисти и на научници. Тука, во самиот центар на градот, се наоѓа огромен универзитетски кварт – 15 корпуси и 4 студентски домови на универзитетот на кој студираат повеќе од 25.000 студенти. Какви можности се отвораат пред студентите на ТјумГУ?

1. Можеш да станеш учесник и соавтор на меѓународно научно истражување или да направиш кариера во бизнисот

Од самиот почеток во триесеттите години од минатиот век, овој универзитет создал врски со водечките високообразовни установи, а исто така почнал да остварува меѓународни контакти. Основните правци на научната дејност на универзитетот се билогија, науки за земјата, хемија, физика и математика – области каде без соработка со колегите од други земји не се може.

Секако, во ТјумГУ сега се предаваат не само технички и природни науки. Тука постојат и хуманистички дисциплини, психологија, право и финансии. Затоа универзитетот претставува потпорна точка за огромен број млади луѓе кои сакаат професионален и личен развој, а исто така и за оние кои сакаат да се обидат да живеат во друга земја.

Тука постојат научни лаборатории за насоки кои се поврзани од фотоника до историска географија. Функционираат цели 6 дисертациски совети – постои програма за постдипломски студии, за докторантура, за постдокторски студии, а тоа значи дека може да се добие кој било научен степен.

Научната дејност на ТјумГУ започнува веднаш по запишувањето – тука работат студентски научни друштва. „Во ТјумГУ најмногу ме привлече можноста што им се нуди на младите луѓе за научна дејност. Во Русија студентите се обврзани да учествуваат на конференции и да објавуваат статии – тоа дава чувство на одговорност за она што го правиш“, вели Французинката Жули Гербер, филолог од ТјумГУ.

Да го земеме како пример студентскиот оддел на меѓународното Друштво на инженери за нафтена и гасна индустрија (Society of Petroleum Engineers). Ова Друштво е непрофитна асоцијација на научници кои се специјализираат за наоѓање нафта и гас, во неа учествуваат повеќе од 120 илјади учесници од 135 земји. Како што се гледа на Фејсбук-страницата на SPE во ТјумГУ, тука според резултатите од студирањето и од научната дејност може да се стане член на SPE.

Од ТјумГУ може да се оди и во нафтениот бизнис – дипломците одат на работа во компании како што се Schlumberger, Групацијата ХМС, Новатек. „Гаспром нефт“ која е една од најголемите руски нафтени компании има специјална соработка со ТјумГУ – на пример спонзорира магистерска програма за концептуален инженеринг на наоѓалиштата на нафта и гас и ја поддржува Политехничката школа на универзитетот. Кога станува збор за хуманистичките науки, студентите кои работат на ова поле имаат можност да го искористат Oxford Russia Fund, кој работи со ТјумГУ од 2008 година и на 90 студенти им има дадено специјални стипендии, секоја во траење од по 10 месеци.

Или, пак, еден од главните меѓународни еколошки и научни проекти ТјумГУ – учество во РЕЕХ (Паневроазиски експеримент) за изучување на екологијата и климата на Северна Евроазија – во чии рамки научниците од ТјумГУ помагаат при поставувањето на станицата SMEAR на Јамал за изучување на вечниот мраз. Но, сето тоа е само мал дел од научната дејност на универзитетот.

2. Можеш да научиш руски во природна средина

Странските студенти можат да се запишат на сите факултети и оддели на универзитетот. Во ТјумГУ постојат програми на англиски јазик – станува збор за магистерската програма по биологија Plant Biosecurity и програмата на Школата за перспективни истражувања.

Но, во основа странските студенти студираат заедно со руските и на руски јазик. Странските студенти можат да минат низ интензивни курсеви по руски јазик на специјалната подготвителна етапа (Foundation Program).

„Со Русите зборувам само на руски. На училиште го учев, но не со некој особен успех. Затоа само што дојдов тука, ми стана полесен и попривлечен. Многу бргу напредував за само неколку недели. Секако, и руските студенти секогаш сакаат да го практикуваат својот странски јазик“, вели Жули. „Многумина од нас, студентите што зборуваат англиски, го започнуваат разговорот со фразата 'Јас ќе ти помогнам тебе со англискиот, а ти мене со рускиот'“, вели Даниел Оене-Агекум од Гана кој студира на Институтот за математика и компјутерски науки на ТјумГУ.

Наставниците од универзитетот со разбирање се однесуваат кон грешките на странците – „но, тоа не значи дека ни попуштаат – во секој случај сите студенти треба да се трудат со сета сила“, вели Жули.

Постои и специјално одделение за поддршка на странските студенти и специјалисти. Како што раскажува Жули, на почетокот универзитетските правила се чинат мошне сложени, така што управата за меѓународни врски навистина помага. „Соработниците ги знаат по име сите странски студенти и секогаш се подготвени да помогнат доколку има потреба. Во Москва, каде студирав пред 5 години, не беше така“, вели таа.

3. Можеш да се дружиш со студенти од целиот свет

Можат ли локалните странски студенти вистински да се здружат со Русите? „Да, тоа е стереотип, но јас го потврдив: на почетокот Русите се внимателни и затворени, но само што ќе те запознаат поблизу тие стануваат дружељубиви и почнуваат многу да се интересираат за тебе. Се чувствуваш некако необично“, вели Жули.

„На почетокот руските студенти често ми нудеа помош, кога јас сосема ништо не разбирав на часовите – и доколку потоа излезеше дека имаме заеднички интереси, тоа беше вистински почеток на одлична дружба“, вели Даниел. „Во самиот град можеш да стасаш каде и да посакаш ако барем малку знаеш руски. Понекогаш во јавниот превоз со мене започнуваат разговор, ме прашуваат од каде сум и што студирам. Понекогаш локалните жители, особено постарите луѓе, знаат нешто за африканските земји и дури се бидуваат да погодат од каде сум. Тоа е интересно“.

Даниел Оен-Агјекум од Гана, студент на Институтот за математика и информатика на ТјумГУ

Сега тука студираат повеќе од 400 студенти од странство. Во 2018 година овој број е зголемен, создадена е Асоцијација на странски студенти, во чиј совет влегоа претставници на студентите од Кина, Виетнам, од земјите од Латинска Америка, земјите од Африка и арапските земји – еве ја нивната група во социјалната мрежа „ВКонтакте“. Асоцијацијата ги собира студентите за најразлични поводи – од турнири по уличен фудбал или интелектуални игри до дискусии за животот во студентските домови.

Исто така на универзитетот постои и Buddy Program кога студентот од друга земја го пречекува руски студент кој без посебни формалности му покажува каде да живее, како да пополни документи и така натаму. „Дојдов во ТјумГУ минатиот октомври за да почнам со подготвителните курсеви по руски јазик. Ми помогнаа неколку студенти – ми покажаа каде е универзитетот, студентскиот дом и продавниците, ми помогнаа да купам сим-карта, алишта кои се соодветни за временските пригоди (во октомври за мене, човек кој доаѓа од тропски крај, Тјумењ ми се стори многу студен). Потоа ме одведоа кај кураторот на мојата студиска програма 'Софтвер и администрирање системи', за да се запишам и да почнам да студирам“, вели Даниел Оене-Агекум.

4. Можеш да се занимаваш со творечка работа, да ја подобриш комуникацијата и да научиш да настапуваш пред публика

„Поголемиот дел од моите пријатели не ги запознав на часовите на факултет, ами за време на учеството во различни студентски проекти, театарските и музичките фестивали, како и на 'Слободен универзитет' каде професорите и студентите во слободното време држат предавања на различни теми. Секако, ние и излегуваме заедно, вечераме заедно, дома си ги пробаме пиесите за секцијата; еднаш дури и минавме многу долго време заедно, правејќи гигантски колаж“, вели Жули Гербер.

Универзитетот не е само знаење кое го добиваш за време на часовите, ами и полезни пријателства кои потоа ти помагаат во кариерата. Во ТјумГУ има повеќе од 130 студентски друштва: интелектуални клубови – клуб на парламентарни дебати, клуб на филозофски дискусии; друштва за дизајн, кореографија, театарска уметност.

Тука е и Школата за перспективни истражувања, чиј раководител е Андреј Шчербенјук (докторирал на универзитетот Беркли во Калифорнија) кој има покането 45 професори од социокултурните дисциплини од целиот свет со цел да обучуваат бакалаври за современите гранки на хуманистичките науки.

Тука исто така предава и Даскин Драм – уметник, актер, доктор на изведувачки студии (исто така на универзитетот Беркли во Калифорнија) и специјалистот по историја на нафтата Џеј Силверстејн, антрополог-археолог (докторирал на Универзитетот во Пенсилванија), како и Ен Малхол (доктор по литературна компаративистика на Кралскиот колеџ во Лондон).

Даскин Драм од универзитетот Беркли во Калифорнија

Своите сили можете да ги испробате како презентер; да издавате весници и списанија во студентските редакции, да бидете екоактивист или да учите за вирусниот пи-ар во духот на Канје Вест – според него е наречена една од работилниците за пи-ар. Универзитетот ги финансира најперспективните студентски проекти – на пример, само во периодот од 2012 до 2015 година ТјумГУ има одделено за нив 38 милиони рубли.

5. Не само што ќе го запознаеш градот, ами и вистинската дива природа на Русија

Сибир кој за сите во светот стана симбол на страшното руско студенило е многу поразновиден одошто можете да си претставите. Животот во Тјумењ значи постојано одење во природа.

Околу градот има неколку топли извори. А, на зима другарите задолжително ќе ве земат со себе на некоја од скијачките траси. Жули вели: „Можете дури и да се приклучите на клубот randonnee (така Французинката Жули ја нарекува ски-турата по маршрутите на месноста) и да заминете на 'поларна експедиција' по планините на Урал – треба да се проба на -40 степени Целзиусови!“ Универзитетот исто така организира постојани патувања со водич во блиските историски градови Тобољск (основан во 1587 година) и во Јалуторовск (основан во 1659 година), кои се нарекуваат „скапоцени камења на Сибир“.

Жули толку многу ја привлекува сибирската природа што почнала да размислува за восприемањето на овој регион од страна на нејзините сонародници – така се појавил текстот „Восприемањето на Сибир во масовната култура на современа Франција“.

Самиот град Тјумењ, според она што го велат нашите соговорници, остава дружељубив впечаток. Жули сака да шета по ресторани и да проба непознати јадења – „особено ми се допаднаа грузинската и узбекистанската кујна“. И Даниел и Жули зборуваат за комфорната атмосфера на старата зграда на универзитетот: „Насекаде има природни цвеќиња, дивани и фотелји во холовите, дрвен мебел и високи плафони, во ходниците мириса на кафе и на храна – комфорно и дружељубиво“, раскажува Жули. „Ми се допадна општата чистота, цвеќињата и растенијата насекаде во универзитетот и тоа колку топло ме пречекаа во мојот оддел“, вели Даниел.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња