Македонскиот идентитет е неоспорен

На македонската јавност ѝ е многу добро позната Елена Верижникова, еден од најпознатите македонисти во Русија. По повод нејзиниот 50-годишен јубилеј, ви презентираме ексклузивно и мошне интересно интервју со неа!

Елена Верижникова е еден од најпознатите македонисти во Русија и во светот. Нејзиниот самопрегор кон сѐ што е поврзано со Македонија, нејзиниот 50-годишен јубилеј и Денот на независноста на Република Македонија е поводот за нашето интервју со неа за овој број на „Руска реч“. За нејзината неординарна природа, за љубовта кон Македонија и кон Македонците, за нејзините доживувања кон ова мало парче земја, таа зборува на мошне сентиментален, но воедно трезвен и научно поткован начин.

Редакцијата на „Руска реч“ ја користи оваа пригода на нашата соговорничка, госпоѓата Елена Верижникова, да ѝ го честита нејзиниот 50-годишен јубилеј и да ѝ посака многу среќа во личниот и во професионалниот живот!

Г-ѓо Верижникова, најпрво би сакале да ги запознаеме нашите читателите со Вас, па затоа кажете ни неколку ваши биографски податоци.

Родена сум во Орел, градот коj се наоѓа на 340 км jужно од Москва. Спокоен, особено во  споредба со Москва, град со триста илjади жители. Родно место на Иван Тургенев, токму таму се случуваат настаните опишани во неговиот роман "Дворjанското гнездо". Впрочем, со Орел се поврзани и многу други големи руски писатели. На пример, во овоj град на своите млади години нобеловецот Иван Бунин jа доживува големата љубов за коjа раскажува во "Животот на Арсенjев". Завршуваjќи средно училиште во 1980 година, се запишав на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет. Оттогаш моjот живот е поврзан со македонскиот jазик, со Македониjа. Одбранив дисертациjа, работев во редакциjата за речници на словенските jазици, предавав македонски jазик во Русиjа и руски во Македониjа, преведував, четири години бев член на Руската амбасада во Скопjе. Сега сум доцент на Катедрата за словенска филологиjа на Московскиот државен универзитет "Ломоносов" и на Катедрата за теориjа и историjа на jазикот на Филолошкиот факултет на Православниот Свето-Тихоновски хуманитарен универзитет. И на двата универзитета имам прекрасни студенти коишто ги прават своите први чекори во македонистиката и ме радуваат нивните успеси на ова поле.

Како дојдовте до идејата да започнете да го изучувате македонскиот јазик?

Порано на ова прашања обично одговарав – случаjно. Таа година кога се запишав на факултет, се формираа три групи: чешката, словенечката и македонската. Тоа што се наjдов во македонската група не беше однапред планирано. Но апсолутно точно: не беше случаjно. Сега веќе знам, верувале или не, дека Македониjа си избира свои луѓе, кои ги освоjува и не ги пушта. Многупати во овие триесет и кусур години ми се отвораа други патишта, но таа не ми дозволи, не ме остави. 

Кога првпат дојдовте во Македонија и што значеше тоа за Вас?

Елена Верижникова

Љубов на прв поглед, поточно, знаете, како во тие приказни кога jунакот се заљубува во Дуња Ѓузели според сликата, уште пред да jа види. Затоа што првпат доjдов во Македониjа на Семинарот во Охрид по третата година на факултет. И кога jа видов, се убедив: да!да!, ТАА е. Не се излагав, вистинска е, таа што jа сакам. Ја узнавав, jа препознавав. Наjубавата, наjсаканата на светот. Секогаш многу се радувам кога моите студенти одат на Семинарот за македонски jазик, литература и култура, затоа што знам дека за многу од нив тоа ќе биде почеток на љубов долга колку животот.

Вие определен дел од вашиот живот го имате поминато во Македонија како постојан жител. Што му донесе вашиот повеќегодишен престој на Вашиот живот?

Да, во Македониjа како студент четири и пол месеци престоjував за преддипломска практика, потоа три години бев лектор по руски jазик на Катедра за славистика, после четири години работев во Руската амбасада. Кога толку години ќе поминеш во една земjа… Нема тука што многу да се зборува: моjа земjа, мои луѓе. Испаѓа како изjава на љубов. Па и така е. Ме прави среќна, ме боли, ме влече, ми недостасува… Секогаш е во мене.

На кое поле се фокусираат Вашите интереси за Македонија?

Професиjата ми е jазикот. Прекрасен, богат македонски jазик. Го учам цел живот, но jазикот е неисцрпен, така што секоj ден сè допрва започнува. А jазикот содржи и опфаќа сè: животот на народот, неговата култура, историjа, мудроста негова. Не случаjно Блаже Конески рече: "Јазикот е единствена наша татковина". Треба да се чува, да се негува, да се почитува. Така што нема нешто што се однесува на Македониjа, а да не ме интересира. Покраj jазикот, тоа е македонската култура, вклучуваjќи jа тука литературата, средновековните манастири со фреските, иконите, македонскиот филм, музиката. 

Македонија подолго време има проблеми со своите соседи во врска со својот идентитет. Каков е вашиот став во врска со ова прашање?

Каков може да биде ставот на еден македонист спрема сите неправди и навреди кои му се нанесуваат на овоj народ коj никому не мисли зло, коj е питом и широк, и коj толкав придонес и' даде на словенската, па и  на светската културна ризница. Тоа ме засега и ме боли исто толку колку и вас. За мене македонскиот идентитет е неспорен.

Професиjата ми е jазикот. Прекрасен, богат македонски jазик. Го учам цел живот, но jазикот е неисцрпен, така што секоj ден сè допрва започнува. А jазикот содржи и опфаќа сè: животот на народот, неговата култура, историjа, мудроста негова. Не случаjно Блаже Конески рече: "Јазикот е единствена наша татковина.

Е. Верижникова

Македонскиот јазик изоде долг и трнлив пат. Кои се, според Вас, „виновниците“ за она што денес претставува македонскиот јазик и какви се неговите перспективи во јазичниот свет?

Сите вие што го зборувате македонскиот jазик, сите вие, што сакате, што им пеете на своите деца, што му се молите на Господа, што негодувате, што творите на тоj jазик сте "виновници". Еден од моите "македонски мигови": доцна навечер стигнувам  во Македониjа, се будам наутро и уште неосвестена слушам, како надвор се зборува македонски. Невозможна, незамислива, чиста среќа. 

И сепак треба да ги именувам моите наjсакани "виновници", бидеjќи, како што рече И.Бродски: "Поетот е орган на jазикот". Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Владо Малески, Марко Цепенков… Има уште многу, многу. Меѓу нив и тие што ми се "виновни"лично мене, на кои им го должам моето колку-толку познавање: професорката Рина Усикова, моите лектори во Москва Кита Бицевска (првата Македонка во моjот живот што jа запознав), Димитар Пандев, Красимира Илиевска. И сите вие што ми го дарувате раскошот на човечкото општење на македонскиот jазик. 

Каква слика се појавува пред Вашите очи кога ќе помислите на Македонија?

Ах, се сеќавате, има каj Петре М. Андреевси еден невозможно убав расказ "Места што ги паметувам, jадења што не ги заборавам". И секако тие драги, сакани луѓе со кои бев на тие места, од чиjа рака jадев. Тие, каj кои се чувствувам дома, море наjдома, во Скопjе и во Битола. 

Тие, кои во Маврово за Божиќ го делеа со мене лепчето со паричка, коjа значи - среќа. А покраj нас беа нашите деца кои сега се големи и дури пишуваат песни.

Тие, со кои се качувавме до Буковскиот манастир. (Нели е дека токму во тоj манастир пред еден век престоjувал со семеjството рускиот конзул Ростковски, коj толку jа сакал Македониjа и Македонците, што го платил тоа со своjот живот.) А потоа jадевме наjубави на светот македонски патлиџани натопени со македонско сонце. Секако, со другите лезет-jадења подготвени од златните раце на орденоносната домаќинка.

Тие, кои несебично ми jа подаруваа своjата прекрасна земjа, неjзините градови, планини, манастири: Св. Никола во Мариово, Трескавец, Зрзе, Св. Јован Бигорски, Св. Никита во село Бањани, на патот за Горњани, Лесново…


Рускиот конзул кој сочувствуваше со Македонците

Следната година се навршуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Руската Федерација и Република Македонија. Како Вие гледате на развојот на руско-македонските односи и врски?

Веќе го спомнав Александар Аркадиевич Ростковски, коj е на некоj начин симбол на нашата заемна поврзаност. Секоjа година на 10 февруари, Денот на дипломатскиот работник, Русите и Македонците заедно полагаат цвеќе на тоj споменик. 

Вие ме прашавте за идентитетот. Нели Русиjа jа призна Македониjа под неjзиното уставно име. Меѓу нашите земjи постои заемна почит, разбирање, соработка на сите полиња. Како пример ќе Ви кажам за соработката од областа на образованието и науката. Благодарение на личното залагање на ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стоjковски и директорот на Семинарот за македонски jазик, литература и култура Максим Каранфиловски и оваа година студенти-македонисти од Московскиот универзитет и од Православниот Свето-Тихоновски универзитет имаа можност да jа посетат Македониjа. 

Исто така и секоjа година студенти од Катедрата за славистика секоја година патуваат на летните курсеви по руски јазик и литература во Москва. Руското министерство за образование секоjа година доделува стипендии за стекнување високо образование во Русиjа. 

Би застанала тука, инаку нашата соработка може ди биде тема на посебно интервjу. 

Кои се Вашите следни предизвици на научен план?

Повеќе се. Моментално со моjата колешка Наталиjа Бороникова од Перм (и таму се предава и се сака македонскиот jазик) работиме на речник на македонските извици и ономатопеи. За таа потреба ги читаме и ги препрочитуваме класичните и наjнови дела на македонски автори. Во врска со тоа би сакала да кажам колку ме радуваат младите писатели, нашата иднина!

За другото, нели има поговорка: Првин скокни, па после речи "оп"!

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња