Фотографија: Емил Ниами
Во просториите на Ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денес беше одржана исклучителна свеченост, на која на руската македонистка Елена Владимировна Верижникова од Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ѝ беше доделена титулата почесен доктор (doctor honoris causa). Свеченоста започна со исполнување „Гаудеамус игитур“, потоа со химната на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а на крајот беше изведена химната на Република Македонија.
Потоа со воведна реч на присутните им се обрати ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. „Со изборот на Елена Верижникова за почесен доктор (doctor honoris causa), Филолошкиот факултет и Универзитетот ќе добијат врвен научник и едукатор, човек кој повеќе децении работи на афирмацијата на македонскиот јазик во Русија и ја шири научната мисла и се залага за продлабочување на македонско-руските културни, образовни и научни врски“, рече ректорот на скопскиот универзитет проф. д-р Велимир Стојковски.
Елена Верижникова веќе 35 години го проучува македонскиот јазик, од моментот на нејзиното запишување на Катедрата за славистика, па сè до денешен ден. Видно возбудена, таа се оттргна од нам веќе познатиот начин на академско обраќање, Верижникова со солзи во очите им се заблагодари на сите присутни, на своите колеги, на Македонците и на Македонија.
„Секој од вас е дел од овој јазикот, затоа што јазикот е душа на народот, овој народ што неизмерно го сакам и на кој одамна сум дел. Мислам дека смислата на моето постоење е да бидам алка, алка што ги поврзува двата универзитета, двете земји и двата народа. Живеам во една зграда од чија тераса се гледа Московскиот државен универзитет, а универзитетот „св. Кирил и Методиј секогаш се гледа од моето срце. Од 1985 година кога првпат дојдов на овој универзитет, јас сум дел од него, дел од вас. Вие ми припаѓате мене бидејќи живеам со тоа дека сум дел од Вас. Името ми е Верижникова што значи дека сум алка на верижна реакција на љубовта, на љубовта на руските македонисти кон Македонија“, рече во своето обраќање Елена Владимировна.
Во интервју за „Руска реч на македонски“ Елена Верижникова изјави дека е горда што станува дел од универзитетот „св. Кирил и Методиј“ и дека понатаму ќе продолжи посветено на својата образовна дејност, со цел да продолжи развојот на македонистиката во Руската Федерација. „Пред моето заминување во Македонија моите студентки од Московскиот државен универзитет дипломираа со одличен успех, а во следниве денови своите дипломски работи треба да ги одбранат студентите од Православниот Светотихоновски универзитет. За мене тоа се значајни настани и значајни успеси, зашто својата љубов кон Македонија и кон македонскиот јазик им ја пренесувам на своите студенти, кои понатаму треба да ја развиваат македонистиката кај нас“, изјави за „Руска реч на македонски“ Верижникова.
На свеченоста, покрај прогласувањето на Елена Верижникова за почесен доктор (doctor honoris causa), со одлука на Сенатот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, на Константин Берсењов, министер-советник и заменик шеф на мисијата на Руската Федерација во Република Македонија, му беше доделена Плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за значајни остварувања поврзани со високообразовната, научноистражувачката и културната дејност и афирмација на Универзитетот во земјата и во странство.
Елена Владимировна Верижникова е познат македонист од Руската Федерација и еден од најголемите почитувачи, истражувачи и афирматори на македонскиот јазик. Родена е на 4 септември 1963 година во градот Орел, СССР. Кандидат по филолошки науки, доцент на филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В.Ломоносов“ и на Факултетот за хуманистички науки при Православниот Светотихоновски универзитет во Москва. Средно училиште завршува во градот Орел во 1980 година, истата година се запишува на филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет, група по македонски јазик и литература. Дипломира во 1985 година. Работи како научен соработник и професор по македонски и руски јазик на различни високообразовни институции: Институт за прехранбена индустрија (1985-1986), Московскиот универзитет (1986-1989, 1993-2000, од 2005 досега), Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, Дипломатска академија (2001-2002). Од 1999 до 1992 е редактор во Одделението за словенски речници на Издавачката куќа „Руски јазик“. Од 2002 до 2006 год. била на дипломатска служба (аташе за култура во Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија). Во 1997 година ја брани кандидатската дисертација под наслов „Категоричкиот статус и функционирањето на глаголските форми со компонентата 'ќе' во современиот македонски литературен јазик“. Нејзината научна ангажираност е насочена кој современиот македонски јазик, а пред сè кон граматиката и лексикографијата. Има објавено над 40: научни статии и преводи од македонски и од српски, како и од руски на македонски.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче