Путин, Меркел и Макрон дискутираа за Украина

Лидерите на Русија, Франција и Германија на самитот на Г-20 во Хамбург констатираа сериозен недостиг на прогрес во реализацијата на „Минската спогодба.

„Се одржа размена на мислења за тоа каде сме во моментов сите на планот на украинското регулирање. Се констатира сериозен недостиг на напредок во реализацијата на „Минската спогодба“. Но, истовремено исто така има и разбирање дека е потребно да се оди понатаму“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков по завршувањето на средбата меѓу Владимир Путин, Ангела Меркел и Емануел Макрон.

Според Песков, рускиот лидер исцрпно им ја презентирал позицијата на Москва во однос на ситуацијата во Украина. „Во наведениов случај, несомнено, претседателот како и секогаш лаконски, но исцрпно, им ја презентираше на соговорниците позицијата на РФ“, истакна Песков, пренесува „Лента.ру“.

Тој потенцираше дека сите тројца лидери се согласиле со неопходноста од одржување на телефонски разговор во „Нормандиски формат“ (со учество на претседателот на Украина Петро Порошенко).

„Има разбирање дека треба да се преземат активни мерки кои би довеле до реален прекин на огнот на линијата на разграничување и да се обезбеди повлекување на тешкото вооружување во Донбас“, изјави Песков.

Претходно беше соопштено дека во саботата Путин, Меркел и Макрон во Хамбург дискутирале за ситуацијата во Украина и начините за нејзино регулирање. Тројцата лидери ја потврдија важноста од почитување на прекинот на огнот на истокот на Украина.

Средбата беше без присуство на претставник на Украина, затоа што државата не е дел од Г-20 и не е меѓу специјално поканетите на самитот на Г-20.

Во петокот украинската тема беше дел од преговорите на Путин со претседателот на САД Доналд Трамп. Како што изјави за новинарите шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, американската страна информирала за назначувањето на Курт Вокер за свој специјален претставник за Украина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња