Русија поднесе тужба во СТО поради украинските санкции

Русија поднесе тужба до Светската трговска организација (СТО) во врска со санкциите кои Киев ги воведе против Москва, изјави министерот за економски развој на РФ Максим Орешкин.

„Руското претставништво при СТО во Женева испрати до органот за разрешување на спорови на СТО и владата на Украина барање за одржување консултации во врска со постојано воведуваните, почнувајќи од 2014 година, ограничувања, забрани, посебни барања и процедури во однос на руските стоки, услуги и лица на украинскиот пазар, како и во однос на транзитот низ Украина“, истакна Орешкин.

Тој додаде дека некои од овие мерки не ја заштитуваат украинската економија, туку напротив, ѝ создаваат дополнителни проблеми. Покрај тоа, смета министерот, постои причина да се верува дека санкциите против Русија Киев ги воведува кршејќи ги неговите обврски во СТО.

„Згора на тоа, бројот на антируски мерки, нивниот карактер, обемот на индустриите кои потпаѓаат под ограничувањата покажуваат дека Украина систематски и намерно ги прекршува своите меѓународни обврски, игнорирајќи ги меѓународните трговски правила и другите норми на меѓународното право“, потенцираше Орешкин.

Сеопфатното барање на Русија во СТО се однесува не само на ограничувањата во испораката на прехранбени и непрехранбени производи, туку и на забраната за акредитација на новинари на руски медиуми, како и на посебните процедури за увоз на територијата на Украина на руски книги, посебниот режим на оданочување при увозот на половни руски автомобили. Во Украина е забранета или ограничена работата на стотици руски компании - производители и добавувачи на стоки и услуги“, рече министерот.

Барањето за консултации во СТО е првата постапка во рамките на поднесувањето на тужба во организацијата. Во рок од два месеци треба да се одржат консултации со украинската влада за наоѓање заемно прифатливо решение. „Во случај консултациите да не го дадат очекуваниот резултат, ние имаме право да ја почнеме втората фаза на спорот - префрлање на случајот до арбитражната група“, изјави шефот на министерството за економски развој на Русија, пренесува „Лента.ру“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња