Украина ги прошири санкциите против Русија

Претседателот на Украина Петро Порошенко во вторникот (16 мај) го реализираше решението на Советот за национална безбедност и одбрана за проширување на листата руски граѓани и фирми, против кои се воведени санкции, пренесува РИА Новости.

Во листата се вклучени неколку пратеници од Државната дума, вклучувајќи го Сергеј Журављов (Единствена Русија), Владимир Родин, Владимир Бессонов, Александар Куликов (КПРФ), Алексеј Диденко (ЛДПР), Михаил Брјачак и Олег Пахалков (Праведна Русија). Против нив е воведена забрана за влегување во Украина во период од една година.

Киев воведува и санкции во период од три години против голем број руски медиуми, вклучувајќи МИА „Росија севодња“, ТВ-каналот „Звезда“ и ТВЦ. Тригодишни санкции се воведени и против компанијата „Јандекс“, лабораторијата „Касперски“, нејзината киевска филијала и компанијата „Доктор Веб“.



Вкупно во проширената листа се вклучени 1.228 физички и 468 правни лица. Против правните лица рокот на дејството на санкциите е продолжен од една на три години, а за физичките лица периодот е една, три, пет години и неопределено.

Украина воведе санкциите против руските компании и поединци во септември 2015 година. Под различни по форма санкции (од забрана за влез во земјата до одземање на имот) тогаш беа ставени 388 лица и 105 фирми. На крајот на август 2016 година дејството на ограничувањата беше продолжено, а во листата беа вклучени уште 250 поединци и 46 компании. Есента 2016 година Киев повторно ја прошири листата, откако воведе санкции против руските платни системи. Во март оваа година Украина воведе рестрикции против сите пет руски државни банки кои работат во земјата структури.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња