Горбачов: Занесеноста на САД доведе до заладување на односите со РФ

Последниот претседател на Советскиот Сојуз жали за неговиот распад.

До заладување на односите меѓу земјите од Западот и Русија доведе занесеноста на Вашингтон, кој се сметаше себеси за победник во студената војна и не ја признаваше улогата на Москва во воспоставувањето на односите, изјави последниот претседател на СССР Михаил Горбачов во интервју за „Сандеј Тајмс“.

„Тие не беа искрено заинтересирани да ѝ помогнат на Русија да стане стабилна и силна демократија. Тие мислеа дека ја намалија до димензии каква што треба да биде. Во процесот тие ја поткопаа довербата што ја изградивме“, рече Горбачов, кој исто така истапи и со критика за проширувањето на НАТО.

Политичарот коментираше еден од моментите на пресврт за односите меѓу Москва и Западот – присоединувањето на Крим кон Русија – и ги поддржа активностите на РФ.

„Секогаш сум за слободно изразување на волјата на народот, а на Крим мнозиството сакаше обединување со Русија“, изјави тој.

Горбачов истакна дека самиот би постапил на сличен начин доколку би бил на местото на претседателот на РФ Владимир Путин во таква ситуација. Според неговите зборови, тој би можел да се откаже од таква одлука единствено поради тоа што во негово време „сѐ уште ќе постоеше Советскиот Сојуз и Крим ќе беше негов дел“.

Зборувајќи за распадот на Советскиот Сојуз, поранешниот претседател на СССР истакна дека „секогаш сакал само да го реформира, но никогаш не се стремел кон негов распад“.

„Жалам што големата земја со огромни можности и ресурси исчезна. Право да ви кажам, да бев сѐ уште на власт, таа ќе продолжеше да постои“, изјави Михаил Горбачов.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња