Претседателот на Украина Петро Порошенко бара од земјите во Г-7 да ја поддржат украинската иницијатива за воведување полициска мисија на ОБСЕ во зоната на конфликт во Донбас. Соодветната изјава е објавена на официјалниот сајт на претседателот на државата. Украинските политичари и претходно го поставуваа прашањето за мировни сили во Украина, но Русија ја блокираше таа одлука со вето во СБ ООН. Може да се претпостави дека истото ќе се случи и во рамките на ОБСЕ, затоа што е потребна согласност од сите спротивставени страни, како и квартетот меѓународни претставници во кој спаѓа и Русија.
Членот на Советот за меѓунационални односи при претседателот на РФ Богдан Беспаљко ја смета иницијативата на украинската страна за политичко лицемерие. „Непристојно е да се зборува за полициска мисија на ОБСЕ во зоната на конфликт откако во напад на украинската војска на 16 мај загина припадник на Народната милиција на самопрогласената Луганска народна република, отворен е оган врз руски новинари, а на 27 април борците на украинскиот националистички баталјон „Ајдар“ убија петмина на контролниот пункт „Еленовка“ недалеку од истоименото село, меѓу нив и бремена жена и нејзиното неродено дете, вели експертот за порталот „Свободнаја Преса“.
Порошенко ја бара полицијата на ОБСЕ според принципот „држете ме, не одговарам за своите постапки“, смета експертот. А сѐ што треба е вооружените формации на Украина да престанат да го кршат мировниот договор и да се обидуваат да продрат во тампон-зоната.
Порошенко сака да ја ослободи Украина од „Минската спогодба“, обвинувајќи ги за сѐ ЛНР и ДНР. Втората негова задача е да ги дочека промените во американската претседателска администрација. Ако на власт дојде Хилари Клинтон, од неа ќе може и да очекува поголем притисок врз Русија и воена помош против ЛНР и ДНР.
Во врска со полициската мисија на ОБСЕ Беспаљко се потсетува на примери од Босна и Херцеговина. Кога покрај мировниците на ОН мирно поминуваа вооружени босански муслимани и убиваа српски цивили. Ако се земе предвид дека во украинското раководство се радикали како поранешниот командант на „Мајдан“ Парубиј, кој смета дека жителите на Донбас се второстепени луѓе, нивната судбина е предвидлива. „Каде е гаранцијата дека полициската мисија нема да биде осветничка?“, се прашува експертот.
Другиот соговорник на „Свободнаја Преса“, заменик-директорот на Институтот на земјите од ЗНД Игор Шишкин смета дека суштината на идејата на Порошенко е во тоа да се воведат НАТО сили кои ќе ја контролираат руско-украинската граница. „Луѓето кои дојдоа на власт по Мајданот никогаш не криеја дека за нив е пример операцијата „Олуја“ во Српска краина, а непосредно пред „Олуја“ дојдоа западни „мировници“ кои одиграа решавачка улога во кршењето на српскиот отпор. Судејќи според сѐ, украинските политичари фантазираат повторно да се повтори кланицата на истокот на Украина, а полициските сили на ОБСЕ да ги прикријат злосторствата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче