Конфликтот на истокот од Украина не се движи по патот на мирно решавање. Како и на претходната средба во Париз на 3 март, министрите од земјите на нормандиската четворка не успеаја да се договорат ниту на 11 мај во Берлин, а ова најмногу се должи поради несогласувањето за спроведување избори во завојуваниот Донбас.
Изборите влегуваат во комплетот мерки за мирно решавање, одобрени од лидерите на земјите од нормандиската четворка во Минск во февруари минатата година. Се претпоставува дека организацијата на избори кои ќе бидат признаени од Киев, ќе овозможи почеток на целосен политички процес, чија крајна цел е да се разработи механизам за мирен соживот на Донбас со останатиот дел на Украина. Неопходноста од спроведување избори ја поддржуваат и Москва, и Берлин и Париз.
Со спроведувањето на избори во Донбас не се согласува само Украина, забележа министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров по берлинската средба. Според него, Киев и Донбас треба директно да се договорат за изборите, но засега „не гледаме голема желба од страна на Киев да влезе во ваков дијалог“.
Лавров подвлече дека на преговорите била потврдена важноста за исполнување на сите точки од минскиот договор. Освен организирањето избори во Донбас, тука е и донесувањето на закон за посебен статус на регионот, одобрување на ваквите амандмани на уставот на Украина и објавување амнестија.
Во Москва сметаат дека исполнувањето на овие договори го кочи Киев каде амандманите на уставот го минале првото читање уште минатото лето, но тука процесот запре поради позицијата на украинските радикали.
Во Киев, од своја страна, ја обвинуваат Русија. Украинските власти сметаат дека пред да бидат спроведени избори, потребно е да се најде решение за проблемот на безбедност во Донбас. „Не можеме да зборуваме за избори сè дури безбедноста не биде гарантирана имено сега. Доколку не постои безбедност, не може да има подготвителен период (за изборите)“, изјави по средбата шефот на украинската дипломатија Павло Климкин.
Како што тврдат во Киев, ова подразбира повлекување на руската војска од истокот на Украина – украинските власти настојуваат на тоа дека таму се присутни илјадници руски војници. Притоа постојано се изнесуваат различни цифри. Претседателот Порошенко претходно зборуваше за 200 илјади руски војници, а во украинското МНР велат дека се 34 илјади. Во Москва се негира присуството на руски војници во Донбас и се повикува Киев да достави какви и да се докази за своите изјави.
Составен дел од решавањето на проблемот на безбедноста за Киев е и затворањето на границата помеѓу Русија и завојуваниот Донбас. Тоа е потребно да се направи за да се спречи снабдување на руските групи, кои наводно се лоцирани таму. Овие мерки, како што изјавуваат во Киев, треба да им претходат на изборите, кои таму сакаат да бидат спроведени според украинското законодавство, избегнувајќи ја амнестијата на борците од ДНР и од ЛНР.
Во Москва велат дека ваквата последователност, како и немањето желба за објавување амнестија, се противречни на минскиот договор. Во согласност со него, изборите се предуслов за предавање на контролата на Киев. Исто така, според Сергеј Лавров, загриженоста на Киев во врска со безбедноста на изборите претставува „вештачки проблем“.
На фонот на ова Климкин изјави дека отсуството на согласност кај претставниците на нормандиската четворка може во целост да го замрзне минскиот мировен процес. Сепак, според директорот на Меѓународниот институт за политичка експертиза Евгениј Минченко, замрзнувањето на мировниот процес ќе означува постепено одржавување на самопрогласените републики од Донбас. Во таков случај Киев може засекогаш да ја изгуби можноста да ги врати завојуваните региони под своја контрола.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче