САД ѝ препорачале на Швајцарија да го пропушти Форумот во Петербург

Петербуршкиот економски форум годинава ќе се одржи по третпат во услови на санкции. Темата на форумот годинава е „На прагот на новата економска реалност“.

Американски  дипломати вршат притисок врз Швајцарија, убедувајќи ја да не праќа свои претставници на Петербуршкиот економски форум, објави швајцарскиот весник „Ле Матен“. Весникот пишува дека дипломат од американската амбасада во Берн се сретнал со претставници на швајцарскиот секретаријат за економски прашања.

Неговата задача, пишува швајцарскиот весник, се состоела во тоа, „како и претходните години“, да порача дека САД очекуваат Швајцарија да не им препорача на своите компании испраќање на членовите на своите највисоки раководства на Петербуршкиот меѓународен економски форум кој ќе се одржи во Русија на 16-17 јуни.

Освен тоа, САД сакаат да испратат јасна порака дека со Русија не може да се „работи како и обично“, пренесува РБК. Министерството за надворешни работи на Швајцарија го потврди овој разговор, додава весникот.

Поранешниот американски дипломат со кој новинарот разговараше потврди дека тоа е „американскиот стил“. Според неговите зборови, „сите дипломати го прават тоа, иако може да биде по малку иритирачки“.

„Тие мислат дека се газди во светот“, додаде соговорникот. Тој исто така истакна дека ваквите разговори се нормални во сферата на дипломатијата.

Петербуршкиот економски форум во 2016 година третпат ќе се одржи во услови на западни санкции. Темата на форумот годинава е „На прагот на новата економска реалност“. Се очекува „политичка ѕвезда“ на форумот да биде италијанскиот премиер Матео Ренци.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња