Песков: Повлекувањето не е резултат на преговори, туку одлука на Путин

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека наредбата за постепено повлекување на руската војска од Сирија не е резултат на мировни преговори кои се водат во Женева, туку одлука на врховниот командант на Вооружените сили на Русија.

„Претседателот на Русија, врховен командант на Вооружените сили ја донесе таа одлука според резултатите од операциите на рускиот воен контингент во Сирија. Односно, земајќи ги предвид токму тие резултати, претседателот дојде до заклучок дека главните задачи се реализирани во целина. Затоа и ја издаде таа наредба. Тоа не е резултат од преговори, туку одлука на рускиот претседател“, ги пренесува РИА Новости зборовите на Песков.

Бројот на летови на руската воена авијација во Сирија е помал за две третини, па затоа и не е потребно истото количество воена техника и војници во Сирија, додаде Песков. На прашањето дали оваа одлука е можеби обид да се изврши притисок врз Башар Асад, Песков одговори одречно, и додаде дека овој потег на руските власти не треба да се толкува како некој сигнал дека Кремљ е незадоволен поради ставот на официјален Дамаск на мировните преговори во Женева.

Песков не одговори под кои услови Воздушно-космичките сили на РФ би се вратиле во Сирија, изјавувајќи дека Кремљ не се занимава со хипотетички прогнози.

Сепак, тој изјави дека рускиот воен персонал ќе остане во базата Хмејмим и во пристаништето Тартус, пренесува „Взгљад“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња