Аналитичарот на „Си-Ен-Ен“ Метју Ченс како причина број еден ги наведува важните економски и воени интереси на Русија. На пример, воената база Тартус, која постои уште од советско време, е единствената руска база во Средоземното море и Русија има намера да ја задржи.
Втората причина е одбраната на стратешките интереси, пишува во статијата „Што сака Путин да постигне во Сирија“. „Путин испраќа сигнал до светот дека Русија и понатаму е суперсила чие мислење не смее да се занемари. НАТО интервенцијата во Ирак и соборувањето на Садам Хусеин, како и промената на режимот во Либија 2011 година ја оставија Москва без главните сојузници“, пишува медиумот. А неодамнешното соборување на „прорускиот“ претседател Виктор Јанукович „ја натера Русија да го анектира Крим, како и им дава поддршка на проруските востаници на истокот на Украина, во најкрвавите борби во Европа уште од времето на војната на територијата на поранешна Југославија“.
Сирија под раководство на Асад е за Кремљ база од која може да влијае на Блискиот Исток, и Москва не сака Асад да се повлече, смета Метју Ченс.
Третата причина е стравот од ширењето на исламскиот тероризам, затоа што многу командири на терористичката „Исламска држава“ се со чеченско потекло.
Падот на цената на нафтата и санкциите кои Западот ги воведе поради Украина предизвикаа криза во руската економија.
„Во 2015 година руската економија забележа пад од 3,7% и е во групата најслаби пазари во развој (според податоците на ММФ). Но нивото на поддршка на Путин е и понатаму високо. Подобрување на економската ситуација не може да се очекува набрзо, затоа Кремљ мора со нешто да го оттргне вниманието на населението“.
Воената интервенција во Сирија исто така претставува можност да се рекламира новото руско оружје, почнувајќи од ловците Су-35 па сѐ до најновите крстосувачки ракети „Калибар“. Русија е еден од најголемите производители на оружје и извозот во земји како што се Кина и Индија може да биде драстично зголемен.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче