МО РФ: Турција создаде опасен преседан со забраната за набљудувачки лет

Набљудувачкиот лет во рамките на Договорот за отворено небо требаше да се реализира над Турција од 1 до 5 февруари 2016 година.

Турција создаде опасен преседан забранувајќи им на руските инспектори да реализираат набљудувачки лет над нејзина територија во рамките на Договорот за отворено небо, соопшти началникот на Управата на Министерството за одбрана на Русија за контрола на исполнувањето на договорите Сергеј Рижков.

Рижков напомна дека летот требаше да се реализира над Турција од 1 до 5 февруари 2016 година со авион за набљудување Ан-30Б и „никакви претходни услови и ограничувања во однос на реализирањето на набљудувачкиот лет од страна на Русија Турција немаше најавено“.

„Маршрутата предвидуваше, меѓу другото, набљудување на реоните на границата со Сирија, и на аеродромите каде е базирана авијацијата на земјите од НАТО. Меѓутоа по пристигнувањето на руската мисија во Турција и објавувањето на планираната маршрута на набљудувачкиот лет, турската војска одби да го спроведе, повикувајќи се на инструкции од Министерството за надворешни работи на Турција“, рече Рижков. 

„На тој начин, како резултат на прекршувањето на барањата од Договорот и неконструктивните дејствија од страна на Турција е создаден опасен преседан на неконтролирана воена активност на една од државите-учеснички на Договорот за отворено небо“, потенцира началникот.  

„Ние немаме намера да ги оставиме без должно внимание и соодветна реакција прекршувањата на Договорот за отворено небо од страна на Република Турција“, истакна Рижков, пренесува ТАСС.



 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња