Македонија е најслабата алка на „Турски тек“, но развојот на ситуацијата ќе зависи од тоа колку силен и принципиелен ќе биде притисокот врз земјата од страна на ЕУ. Вакво мислење искажа докторот на науки, научниот секретар на Центарот за проучување на современата балканска криза при Институтот за славистика Ирина Руднева, пренесува порталот Pravda.ru.
Европската унија, истакна таа, „многу негативно е расположена“ кон обидите на Русија да го реши енергетското прашање. „Ние видовме каков притисок се вршеше врз Србија, врз Хрватска, кога тие се обидоа да соработуваат за „Јужен тек“. Македонија на тој план не може да биде исклучок“, смета Руднева.
„Во случајот со Македонија гледаме притисок за давање што е можно поголеми права на албанското малцинство кое живее на територијата на републиката. Во рамките на законодавството тоа се многу сериозни отстапки кои се закануваат со понатамошна поделба на земјата. Овде има еден куп противречности, но одлуката да се соработува според планот за гасоводот може да влијае на сите тие ексцеси, затоа што тоа им одговара на интересите на Европејците кои не сакаат да се реализираат овие проекти“, додава експертот.
Според мислењето на Руднева, ЕУ може да се обиде да ја поткупи Македонија, ветувајќи и, како и на Србија, меѓу другото, најскоро зачленување во унијата и економски привилегии кои одат со тоа. „Но, тука сѐ ќе зависи од тоа дали Македонците ќе им поверуваат на тие ветувања“, заклучува експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче