Како мечката Ајка живееше во станот на руски режисер и дури и одигра главна улога во негов филм

Начин на живеење
АНА СОРОКИНА
Белата мечка ги прифати луѓето како свое семејство, а дивите мечки ја отфрлија.

На улиците на поларниот Норилск меѓу луѓето порано шеташе една мечка. Слободно, без ремен. Се викаше Ајка. Во 1974 година живееше во обичниот трособен стан на режисерот Јуриј Ледин, јадеше гриз со млеко, ја отвораше вратата со шепата за да излезе на тераса и ги сметаше луѓето за свое семејство.

Јуриј Ледин дозна за Ајка од телевизиска емисија. Родена е во зоолошката градина во градот Николаев. Мајката одбила да ја храни, па мечето од 380 грама било земено под целосна грижа на луѓето. Ледин одамна сакаше да сними филм за животот на белите мечки и го убеди раководството на зоолошката градина да му ја даде Ајка.

Додека да наполни пет месеци мечката живееше во неговиот стан, заедно со неговата сопруга Људмила и шестгодишната ќерка Вероника. Ајка ја хранеа со каша од гриз (можеше да изеде и до 12 шишиња дневно), а потоа во нејзината исхрана додадоа риба и месо. Ледин ја водеше со себе на прошетка во северниот град.

Филмот за животот на белите мечки целото семејство Ледин го сними на островот Чамп во архипелагот Земјата на Франц Јозеф. Режисерот сакаше Ајка да се спријатели со своите диви роднини и да остане да живее во природа. Меѓутоа, Ајка во 6-те месеци од експедицијата не најде заеднички јазик со ниту една мечка. На крај таа стана главниот лик во филмот на Ледин кој беше прикажан во 1975 година.

Семејството Ледини се врати во Норилск со возрасна, но сé уште питома мечка. Беше тешка 300 килограми и не можеше да се смести во станот. Берлинската зоолошка градина се согласи да ја прими. Разделбата беше тешка. Како што подоцна раскажуваа вработените во зоолошката градина, Ајка непрекинато завивала првите два дена. Во Берлин помина само една година. Загина паѓајќи од карпа во заградениот простор на градината за мечки. Ледин сметаше дека тој е виновен за нејзината смрт, бидејќи прерано ја оставил.

Спортскиот комплекс во Норилск беше именуван во спомен на мечката Ајка. Пред него во 2020 година беше подигнат и споменик на питомата мечка.

Филмот на Јуриј Ледин „Белата мечка“ (1975)