Какви беа советските стандарди за убавина?

Кадар од филмот „Три плус два“

Кадар од филмот „Три плус два“

Генрих Оганесян/Киностудия имени М. Горького, 1963
Дури и во земјата на „градителите на комунизмот“ жените ги следеа модните трендови во облекувањето, се грижеа за својот изглед и се угледуваа на филмските ѕвезди.

Во многу советски филмови, позитивните ликови беа едноставни жени, без посебна елеганција, „од народот“, што се вели. Додека нивните антагонистки се појавуваа дотерани дами, убаво нашминкани, како да се симнале од насловните страници на модните списанија.

Актерката Светлана Светличнаја во филмот „Дијамантска рака“

Овој контраст може да се види во филмовите „Дијамантска рака“, „Љубов и гулаби“, „Девојки“ и други. Во тоа време, општоприфатено начело беше дека треба стремеж кон внатрешна убавина, а не кон надворешна убавина. И покрај тоа, советските жени ја следеа модата и се грижеа за својот изглед.

Во здраво тело здрав дух

Убавината во советскиот концепт почиваше на здравјето. Во различни времиња, различни женски фигури се сметаа за најпривлечни: понекогаш витки, понекогаш бујни. Во СССР, пример за убавина беа умерено заоблени, силни, издржливи жени. Секоја година во градовите на СССР се одржуваа свечени фискултурни паради на кои се прикажуваа убавите атлетски тела на советските жени и мажи.

Парада на спортистите на Црвениот плоштад

Во текот на раната историја на СССР, земјата се бореше со глад, неухранетост, туберкулоза и, како последица на тоа, прекумерна слабост на населението. А веќе во 60-тите и 70-тите години настапи период на борба со вишокот килограми и болестите што произлегуваат од тоа. Меѓу популарните методи беа системот на „маси“ во санаториумите, лековито гладување и рестриктивни денови на кефир.

Гимнастика во фабрика за производство на телевизори, 1969.

Покрај тоа, на работното место имаше паузи за „продуктивна гимнастика“, а дома речиси секое семејство имаше тегови „руски ѕвона“ (гирји), шипки за згибови, скии и лизгалки.

Кратка коса или долга до појас?

На почетокот на ХХ век ретко можеше да се види Русинка со кратка коса. Сите носеа долги плетенки, по кои се знаеше дали жената е мажена, слободна или свршена. Но, веќе во раните советски години, прогресивните жени ги отсекоа плетенките и ја потстрижуваа косата „како момчиња“. Притоа некои врзуваа руска марама преку косата. Кратките фризури беа попрактични, посовремени и бараа помала нега.

(лево) Фризерски салон во Ханти Мансијск

Притоа никој, се разбира, не забрани да се носат плетенки, но најчесто тие беа препознатливо обележје на ученичките или фолклорните ансамбли. Дури и филмските ѕвезди во СССР речиси сите носеа кратка коса.

Во СССР немаше салони за убавина во модерна смисла, но имаше огромен број фризерници по пристапни цени. Таму правеа и маникир и педикир.

Црвен кармин

Впечатливата шминка не се сметаше за примерна кај ученичките и студентите, нашминканиот изглед дури можеше да стане и предмет на осуда на состаноците на комсомолот. Но, постарите девојки често ги истакнуваа усните со црвен кармин, при што не беше задолжително да се шминкаат очите.

На плажа во Ливадија, Крим, 1975.

Тогаш се сметаше дека поголема количина на шминка е соодветна за вечерно излегување, на пример, во театар или кино.

Сама свој стилист

Порано немаше толку многу брендови и трендови како денес, а во Советскиот Сојуз, кој беше затворена земја, ги имаше уште помалку. Но, секако, жените можеа да видат во филмовите и списанијата и модерни модели на облека, па истите ги посакуваа и за себе.

Пред излог на продавница за чевли, 1975.

Не секоја од нив можеше да си дозволи да нарача фустан кај кројач, но затоа многу од нив умееја мошне добро да шијат, плетат и везат. Умешноста да се прават убави работи со свои раце беше многу ценета во тоа време. На крајот на краиштата, како и секогаш.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња