- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Како и зошто советските граѓани ги разменуваа становите
Во Советскиот Сојуз поголемиот дел од недвижностите беа во сопственост на државата, и државата одлучуваше кој ќе добие стан, а кој нема да добие. Не постоеше пазар во вистинска смисла на зборот.
Анатолиј Семјохин / TASS
Оној што сакаше да добие стан можеше да се запише на ранг-листата за доделување станови, односно за подобрување на животните услови. Ова право го имаше секој кому по член на домаќинство му припаѓаше помалку од 9 квадратни метри. Во просек за стан се чекаше 6-7 години.
Постоеше и можност да се земе стан за социјален престој во траен закуп. Во него можеше бесплатно да се живее, но тој не беше во сопственост на закупецот. Ваквиот стан не можеше да се продаде, да се подари или да се остави во наследство.
Првата фаза од либерализацијата на „пазарот“ на недвижности во СССР започна во 1958 година. Тогаш ширум земјата почнаа да се појавуваат станбени задруги во кои можеше да се купи стан. Цената на еден квадратен метар за ваков стан беше фиксна и чинеше 6-8 илјади рубли, што беа многу пари за обичен советски граѓанин. Оваа сума беше поделена на неколку делови (нешто слично на денешниот хипотекарен кредит), но сумата на првата уплата (придонес) сепак беше премногу голема за поголемиот број граѓани, па уделот за ваквите станови во СССР не надминуваше 10%. А, доколку некој одлучеше да продаде задружен стан, мораше да побара одобрение од сите членови на задругата и да го продаде по фиксна цена.
Во такви услови на забрана на слободни трансакции со недвижнини, населението започна да бара можни излези. Една од можностите беше луѓето да ги разменат становите. Најчест тип на трансакција беше размена на станови коишто немаат иста вредност со доплата. На ваквите трансакции беше мошне тешко да им се влезе во трага.
Валериј Сутулов / TASS
„Секоја недела на пазар можеше да се видат куп луѓе со хартиени плакати од типот 'менувам 3-собен стан за 1+1', и сите веднаш ќе исчезнеа штом ќе се појавеше милицијата“, се сеќава Татјана, чија блиска пријателка Ирина минала трнлив пат за да стане посредник во таквите трансакции со недвижнини. Брокерите како Ирина се нарекуваа „маклери“ и тие беа единствените во СССР коишто можеа да помогнат во размена на недвижнини.
Кој ја овозможуваше размената?
Сергеј Смолски / TASS
Брокерите биле полулегални стручњаци за размена на недвижнини. Само тие во Советскиот Сојуз можеа да организираат сложени трансакции со размена на станови. Самиот клиент не можеше самостојно да најде соодветна варијанта зашто често во синџирот на размена учествуваа неколку семејства, некогаш и повеќе од десет, а на крајот секој го добивал она што му е потребно.
Владимир Медведев / TASS
Меѓутоа, ваквите сложени шеми мораа да бидат контролирани и некој мораше да фигурира како гарант за во определен момент овој систем на размена да не се урне, и оние коишто решиле да учествуваат во него да не останат без пари и без сопствен стан. Иако не стануваше збор за обична купопродажба, а само за размена на недвижности, сепак оваа работа не беше лесна, и беше практично незаконска.
„Продажбата можеше да биде остварена преку фиктивен брак“, раскажува Генадиј Мешуткин, кој бил посредник за недвижнини на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, а сега како агент за недвижнини. „Лицето кое живееше во станот стапуваше во брак и за место на живеење го пријавуваше она на сопружникот, потоа се разведуваше, а таканаречениот продавач по добивањето пари за станот се одјавуваше од тоа место на живеење“. Процесот на замена на станови преку брак траеше долго и околностите можеа да се сменат во двете семејства (и кај продавачот и кај купувачот), така што не сите имаа храброст да се впуштат во ваква авантура.
Добар брокер беше ценет и водеше сметка за својата репутација, зашто во оваа полулегална сфера сѐ се држеше на препораки на клиенти и на други брокери. Од друга страна, брокерите за своите услуги бараа помеѓу 200 и 800 рубли за својата услуга, што во советско време беше голема сума што не можеше да ја обезбеди секој. Цената беше висока пред сѐ поради опасните услови за работа зашто „маклерот“ за ваквата работа можеше да добие три години затвор и конфискација на целокупниот имот.
Биро за размена на станови
Валериј Христофоров / TASS
Сите заинтересирани за размена на станови на почетокот објавуваа огласи во весници каде што пишуваа дека менуваат, да кажеме, Нориљск за Москва или еден стан за друг во истиот град. Мораа на некој начин да го скријат идентитетот зашто во случај да бидат откриени ќе заглавеа во затвор. Состојбата се подобри дури со развојот на пазарот на „маклери“. Подоцна оваа размена на преселби од новински огласи се пресели во сферата на лични контакти.
Постоеја места каде што „маклерите“ се состануваа и разменуваа информации. На пример, за тоа каде постои потенцијален клиент, во кои весници постојат огласи за размена на недвижнини итн. На ваквите места понекогаш доаѓаа клиентите за лично да ги разгледаат деталите на размената, да најдат потенцијален учесник во синџирот на размена, да се посоветуваат со брокерите и да се договорат да го видат идниот стан. Најпознато место за средба на „маклерите“ (и на нивните клиенти) беше Баниј переулок во Москва. Таму се наоѓаше вистинско биро за размена на станови.
Александар Овчињиков / TASS
Многумина избегнуваа да ги плаќаат брокерите, па доаѓаа во ова биро секој ден како на работа и долго ги проучуваа огласните табли.
„Мојата познаничка Ирина својот трособен стан добиен од родителите го замени за два еднособни – еден за себе и еден за родителите. Кога роди син сфати дека и таа и сопругот работат во претпријатија каде што не се делат станови и дека нема на што да се надеваат. Сопругот имаше добра плата, но сепак не можеа да си дозволат ниту задружен стан. Тогаш одлучија таа да заработи пари така што ќе го размени својот трособен стан. И навистина заработи“.
„Таа најпрво се занимаваше со размена на туѓи станови, и понекогаш во нејзиниот синџир имаше над 20 семејства. Во овие размени многумина губеа по неколку квадратни метри, а Ирина во оваа „шема“ го уфрлаше и својот стан. Го менуваше исто за еднособен, а поголем за неколку квадратни метри. Потоа фиктивно се разведе од сопругот, па големиот еднособен стан го подели на две мали соби. Потоа повторно следуваше зголемување на квадратурата и така по ред. За тие 10 години триесетина пати се селеа за на крајот да добијат четворособен стан“, раскажува пријателката на Ирина Тања.
Од друга страна, самостојното впуштање во целата оваа приказна беше ризично зашто човек можеше да стане нечија жртва.
„Половина година се занимавав со тоа со голема енергија“, се сеќава писателката Марија Арбатова. „За тоа време видовме куп станови, и многумина од нив беа врзани за разновидни човечки судбини. Постоеше контингент, особено постарите луѓе, кои нудеа размена затоа што им беше забавно и им ги будеше емоциите. Ќе дојдеш, да кажеме, кај некој човек и ќе почнеш да се договараш со него, и сѐ сте се договориле, а следниот ден ти се јавува и вели: Се премислив“.
Каде се сега „маклерите“
Златното време на размена на недвижнините со помош на посредници заврши со распадот на СССР. Уште во 1991 година беше донесен закон „За приватизација на станбениот фонд“ и започна времето на приватна сопственост. Граѓаните коишто претходно ништо вредно не поседуваа добија право да владеат со недвижностите. На пример, можеа да го приватизираат станот во којшто живееле цело време (навистина, некои сѐ уште чекаат да дојдат на ред во таа приватизација). Други успеаја самостојно да купат нов стан зашто се појавија легални начини на купување.
Станислав Панов / TASS
Пазарот на „маклерите“ брзо спласна зашто потенцијалните клиенти постепено започнаа самите да се навикнуваат на пазарните односи. Меѓутоа, многумина брокери не го напуштија пазарот на недвижнини, но се преквалификуваа во агенти за недвижнини.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа