Што е тоа руски гламур од 2000-тите и зошто луѓето до денешен ден го паметат?

Вадим Алексеев/Sputnik
По „незгодните деведесетти“ во Русија настапија таканаречените „сите двеилјадити“. Приливот на големи количества пари во земјата означи почеток на нова ера во руското општество. Сѐ беше блескаво, привлечно и нереално скапо.

Дизниленд за возрасни

„Эгоистика“ – ноќен клуб за жени. Москва, 18 март 2005 година.

Веќе на почетокот од првата деценија од веков на многумина им стана јасно дека непредвидливите и „незгодни деведесетти“ поминаа. Настапи сосема поинакво време. Благодарение на економскиот раст кој дојде по наглиот скок на цената на извозната нафта, гас и благородни метали, во Русија започна да пристигнува големо количество пари. И токму тогаш во престолнината стаса вистински гламур. Виктор Пелевин, познат руски современ писател, во својот роман „Empire V“ пишува дека гламурот е всушност „секс изразен преку пари“, и тешко е да не се сложиме со него.

Се појавија и големи можности за развој на личните потенцијали, а земјата ја заплисна западната култура, што доведе до тоа во Москва да започне развојот на современата индустрија за забава. Се отворија креативни центри, клубови и беа организирани отмени журки со мошне популарни ѕвезди.

Ноќен клуб „Дјагилев“, 14 февруари 2007 година.

Во контекст на овој процут на забавата се појави гламурозниот живот, копиран од Запад и прилагоден на постсоветската реалност. На пример, претходно во Русија не постоеше поимот „селебрити“ (позната, славна личност). Доколку во СССР некој беше популарен, тогаш тоа беше поради некои лични заслуги. Беше невозможно да се замисли некој да е познат зашто има пари и можност да се расфрла.

И ноќните клубови порано беа реткост. Во текот на деведесеттите години од минатиот век работеа само неколку. Во текот на првата деценија од веков доаѓа до процут на ноќниот живот. Отприлика во тоа време и Москва го доби статусот на „град којшто никогаш не спие“. Додека во провинциските градови во 10 часот навечер сите беа дома и се подготвуваа за спиење, во Москва „вистинскиот живот“ тукушто започнуваше. Бескрајниот прилив на пари им овозможи на многумина бизнисмени во престолнината да изградат цела мрежа ноќни клубови за сечиј вкус и џеб.

Членките на групата „Тутси“, ноќен клуб „Рај“, 2007 година.

Во најпознатите места на ноќна Москва често се канеа познати личности. На пример во култниот клуб „Дјагилев“ (за којшто пишувавме) гости беа Кајли Миног, Роби Вилијамс, Мараја Кери, па дури и Мадона. Тие добиваа огромен хонорар во тоа време за да настапат за најбогатата клиентела во градот. А, во најпопуларниот клуб „Рај“ во Москва, на пример, се појавуваа личности како Памела Андерсон, Мила Јовович и Лук Бесон.

Во московскиот ноќен клуб „First“, 2007 година.

Тогаш никој не жалеше пари за да приреди прекрасна забава – помпезна, грандиозна и, секако, најскапа. Со помош на пиротехника, конфети, врвни ѕвезди и скап алкохол се создаваше атмосфера на Дизниленд за возрасни, каде што секој можеше да се разоноди по свој вкус. Тоа беше мошне привлечно за богатата клиентела, па влезниците за журките во 2000-тите се продаваа добро, и тоа беше мошне исплатлива работа. Во многу клубови масите беа резервирани однапред за една, па дури и за две години.

„Ако се сукњи – тогаш микро“

Заедно со начинот на живот во Русија во текот на 2000-тите драстично се менува и модата. За волја на вистината, додека на Запад во исто време новите трендови напредуваа постепено и внимателно, монденскиот свет во Москва не признаваше ништо што е половично. Ако требаше да се покаже богатство, тоа значеше „сѐ и веднаш“.

„Кај нас сѐ беше хипертрофирано. Ако се зборува за логоа, тогаш тие се големи, воочливи и на секое место. Ако се сукњи, тогаш со микродолжина. Ако се фармерки, тогаш со низок појас за од нив да ѕиркаат гаќичките. Штиклите беа задолжителни. Рамни обувки не носеше никој, тоа беше речиси непристојно“, се сеќава на модата од 2000-тите стилистката и моден дизајнер Наталија Пилат.

Москва, 8 март. Журка во ноќниот клубу „First“.

Модата за луѓето во 2000-тите стана начин на самоизразување. По советската едноличност во „нова Русија“ никој не сакаше да личи на некого. Поради тоа многумина купуваа облека шиена по нарачка.

А, кога станува збор за оние што уште немаа пари за тоа, гламурот во нивниот живот се огледаше во изобилството на виолетова боја, вештачко крзно, евтин накит и високи потпетици.

Женски бендови

Вера Брежњева, Албина Џанабаева и Ољга Корјагина (одлева надесно) членки на групата „Виагра“. Настап во „Prado Cafe“.

Во Русија 2000-тите ќе се паметат и по популарноста на женските бендови. На Запад до експанзија на женски бендови дојде уште во текот на деведесеттите години од минатиот век (на пример, Спајс грлс и Дестнис чајлд), додека во нова Русија овој тренд стаса дури на почетокот на 2000-тите.

Најпопуларни бендови беа „Виагра“, „Блестјашчије“ („Блестящие“), Reflex и многу други (би можеле да набројуваме уште долго). Наведените групи со својот изглед изградија трендови кон кои тежнееја сите останати бендови. Стилистката Анжела Лисица, која има работено со многу женски бендови, се сеќава како обично биле облечени новите ѕвезди на руската сцена: „Кога започнав да ги облекувам Виагра, се трудев максимално да ја нагласам нивната женственост. Тие се толку убави! И јас секогаш велев дека треба да се соблекуваат, а не да се облекуваат“. Со еден збор, облечени беа смело и мошне живописно. На нив светкаа стаклени кристални камчиња, светки, најлон, перје, а со нив крзно, свила, впечатлива шминка и беспрекорна фризура.

Богати и познати

Ксенија Собчак и Светлана Бондарчук (одлева надесно) на проекција на филмот „Жештина“ (рус. „Жара“), 2006 година.

И на крајот, сета таа „индустрија“ во Москва во 2000-тите не можеше да мине без сопствени гламурозни диви, односно јавни личности чиј приватен живот исто така беше една од радо следените теми.

Најпознатата „гламурозна дива“ (на руски „светская львица“) беше Ксенија Собчак, ќерка на Анатолиј Собчак, поранешен градоначалник на Санкт Петербург и кандидат за претседател на Русија. Таа и денес се асоцира со оваа титула. Пред да започне новинарска и политичка кариера, Собчак беше една од најскандалозните личности на московското „високо друштво“. Нејзините испади долго беа тема за разговор во московските кулоари. Еден таков испад беше еротскиот танц со елементи на стриптиз во присуство на новопечените свекрва и свекор (луѓето шокирани ја напуштија прославата). Таа стекна популарност во Русија како водителка на популарното телевизиско реално шоу „Дом-2“, каде што сосема непознати учесници беа собрани во една куќа со цел да ја пронајдат својата љубов.

По „Дом-2“ Ксенија доби сопствено шоу „Блондинка во чоколадо“ („Блондинка в шоколаде“), во кое таа беше главна хероина. Нејзиниот јавен живот така беше прикажуван на телевизиските екрани ширум земјата.

Оксана Робски и Ксенија Собчак на промоција на книгата „Да се омажиш за милионер“, 2007 година.

Подоцна во соработка со друга гламурозна дива Оксана Робски ја напиша книгата „Да се омажиш за милионер“ којашто веднаш стана бестселер и ја зацврсти популарноста на Ксенија во општеството.

Во текот на 2000-тите имаше и многу други популарни личности на чии имиња сега речиси никој не се сеќава. Многумина влегоа во отменото друштво и во светот на гламурот благодарение на браковите со богати бизнисмени или врските со други познати личности. Луѓето со ентузијазам го следеа нивниот живот, читајќи вести за нив, па така и самите се исполнуваа со надеж за светла и сигурна иднина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња