7 култни ноќни клубови во Москва во 2000-тите

„Точка“

„Точка“

Юрий Самолыго/TASS
Почетокот на XXI век го обележа процут на ноќниот живот во руската престолнина. Клубовите веќе не беа егзотична појава, туку важен дел од културната понуда. Некои од овие места се здобија со култен статус - во нив израсна цела една генерација. Да се потсетиме на неколку места на незаборавните ноќни излегувања.

1. NightFlight (1991-2020)

Најстариот и прв вистински ноќен клуб во Москва во строгиот центар на градот на улицата „Тверскаја“ беше отворен во соработка со бизнисмени од Шведска (затоа подоцна беше наречен „Шведска амбасада“). Во деведесеттите ова место се издвојуваше по своите гости. Имено, го посетуваа претежно странци и мафијаши. Но, веќе по 2000 година, меѓу посетителите сé почесто се појавуваа жители на Москва.

Јуриј Гиверц, еден од основачите на клубот, подоцна се присетуваше на атмосферата што владееше таму: „Ни доаѓаа „црвените сакоа“ [така се нарекуваа „новите Руси“ – богати бизнисмени, обично со криминални врски]. Но, тие ќе се најдеа во поинаква средина во која не им беше удобно, бидејќи во неа претставуваа туѓо тело. Имаа потреба да покажат колку се кул. А клубот не беше место кое им нудеше можност за тоа“.

Night Flight незабележливо се затвори во 2020 година, а на негово место беше отворен ресторан на домашна руска кујна.

2. Шеесет тони (1996)

Клубот го доби името по истоимената композиција на американскиот композитор Мерл Тревис, посветена на напорната работа на рударите и напишана во 1946 година. Оваа песна може да се слушне и денес пред секој концерт во клубот.

Клубот се стекна со репутација како место за концерти на гитарски групи. Акцентот беше ставен на различни бендови - од руски рок до странски ѕвезди. Тука настапија The Residents, Pizzicato Five, Marilyn Manson и други. Овие концерти своевремено беа сензација меѓу љубителите на ноќниот живот, па по тој успех и други клубови почнаа да организираат концерти.

Клубот работи и денес и иако во него се сменија многу работи, сопствениците останаа исти, како и сопствената пиварница која произведува 6 уникатни видови пиво.

3. Пропаганда (1997)

Еден од првите клубови успеа да надживее многу од своите конкуренти и да остане едно од најпопуларните места во реонот на Китај-город.

Клубот е првенствено познат по „Четврток кај Санчез“ - тематски дип-хоп журки. Меѓутоа, таму се нуди различна забава секој ден од понеделник до недела. Во клубот практично може да се слушне секој жанр: од хип-хоп и џез во понеделник до романски тек-хаус во сабота.

4. Mix (1999)

Овој клуб беше пионер во афтерпарти-забавата, каде гостите доаѓаа околу полноќ за да здивнат и да слушаат музика. Клубот се отвараше на полноќ, но можеше да работи и до шест часот наутро (а понекогаш забавите траеја и до пладне наредниот ден).

Посетителите пред сé ја ценеа безбедната атмосфера, легендарните бармени и веќе вообичаениот репертоар на дип и тек хаус.

„Таму се собраа сосема различни луѓе: студенти, службеници, модни креатори и љубители на журки помлади од 40 години, како и секакви чудаци. Во исто време, сите комуницираа на рамна нога“, се сеќава Ирина, една од редовните посетителки на клубот.

5. „Дјагилев“ (1999)

Клубот „Дијагилев“ беше симбол на гламурот на главниот град во втората половина на 2000-тите. Најпрвин таму се одржуваа рејв-забави, но подоцна клубот почна да се трансформира во место за најбогатите. Се зборуваше дека таму се концентрирани сите пари во главниот град.

Во клубот често се појавуваа познати личности, меѓу нив Шакира, Енрике Иглесијас, Роџер Санчез. Многумина од нив доаѓаа во клубот да настапат за богатата клиентела. Додека обичните луѓе не можеа лесно да влезат таму.

Таквата репутација на недостапна тврдина ја создаде легендарниот вратар познат како Паша Фејсконтрол. Токму тој одлучуваше кој ќе влезе во клубот, поради што брзо стекна влијателни пријатели и хејтери. Според него, тој секогаш внимателно набљудувал како се однесува човекот, колку пари има и со каков автомобил дошол.

„Оние со помалку пари седат долу, не ги пуштаат горе, а оние со повеќе пари одат горе во царските ложи. Едните ги посматраат другите“, се присети еднаш за хиерархијата во клубот.

Клубот беше затворен по голем пожар во 2008 година. Официјалната причина беше краток спој, но многумина веруваат дека пожарот е подметнат.

6. Точка (2000-2011)

Откако беше отворен во 2000 година, „Точка“ ја освои публиката благодарение на своите рок-концерти. Најпознатиот настан се викаше „Да дојдете во Точка“, кога во клубот настапуваа неафирмирани музички бендови. Додека во петок и сабота во него настапуваа познати руски изведувачи како „Ленинград“, „Ноќни снајперисти“, „Stigmata2“, „Слота“ и многу други.

Клубот беше простран и можеше да прими околу 1500 луѓе истовремено. „Точка“ имаше и сала за билјард, ресторан и четири бара. Беше затворена во 2011 година по цели 11 години работа.

7. TheRealMcCoy (2003-2013)

Едно од најхаотичните места во Москва се наоѓаше во подрумот на познатиот сталински облакодер на плоштадот „Кудрински“ (што многу ги иритираше неговите станари). Секоја вечер таму се собираа голем број луѓе заради евтина текила и стекнување нови пријатели. Според сеќавањата на редовните посетители, расположението во клубот беше како во барот од филмот „Грдиот којот“, каде владееја хаос и рокенрол. Во клубот многу често се одржуваа костимирани тематски забави. А освен тоа, меѓу посетителите се зборуваше и дека „кој не спиел во Меккој, тој не бил во Меккој“, бидејќи најверните гости на клубот обично заспиваа на најнеобичните места.

„Таквата атмосфера на алкохолизирана веселба немаше во ниту еден друг клуб. Притоа дури и чуварите беа многу внимателни: обично со ќебе го покриваа заспаниот гостин под масата“, вели Кристина, редовна гостинка на клубот, за атмосферата во „Меккој“.

Историјата на „Меккој“ заврши со трагичен настан. Клубот беше затворен во 2013 година поради смртта на еден посетител за време на прославата на 10-годишнината.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња