„Бонжур, тука е Жулиен од руската провинција“ – вака ги почнува своите статии Жулиен Димонтје, наставник по француски јазик од Саратов на реката Волга. Пристигна тука во рамките на студентска програма и реши да остане. А неодамна почна да води блог на руски јазик за животот на Французите во Русија.
Жулиен е роден во мал град во Бургундија, во централна Франција, и студирал филологија. „Нашиот универзитет во Клермон-Феран имаше програма за размена на студенти со Русија. Мене ми понудија Твер или Саратов. Го избрав Саратов и не зажалив“, вели Жулиен. Му се допаднал стариот трговски град со дрвените благороднички куќи и прекрасно уредениот брег на Волга.
Првпат ја посетил Русија во 2008 година, а потоа го одбранил својот дипломски труд во Франција и повторно се вратил за подобро да ја запознае руската култура и да патува низ земјата. Во Саратов предава француски јазик и го доживува овој град како втор дом. На градите ги истетовирал дури и знамето на Русија и грбот на Саратов.
Само по речиси незабележливиот странски акцент може да се насети дека е странец.
„Не сакам да привлекувам внимание врз себе и се трудам да не зборувам француски. Не се чувствувам пријатно ако луѓето ме гледаат“, објаснува Жулиен.
Тој нема проблем со рускиот јазик. Добро го разбира и разговорниот јазик и знае да се изрази писмено (признава, сепак, дека текстовите за блогот му ги проверува една пријателка). Дури и спонтано пцуе на руски ако не може да се сети ниту еден збор.
Жулиен сака историја и политика, па освен грбот на Саратов, има и многу тетоважи со руски и француски историски личности. Смета дека народите на Русија и Франција имаат многу заедничко, особено поврзано со настаните од почетокот на XIX век. Еден од неговите текстови е посветен на љубовта кон семејните собири кои се популарни во двете земји.
Но, токму во Русија Жулиен првпат пробал необични закуски и грицки како што се сушена риба и семки. Дури и самиот се обидел да направи квас од црн леб.
Неговиот роден крај Бургундија е познат по своите сирења и виното. На почетокот Жулиен ја сметал за необична различната култура на пиење вино во Русија. За разлика од Французите, луѓето овде ги претпочитаат полуслатките, а не сувите вина, и му требало долго време да најде вино што му се допаѓа.
Но, затоа неочекувано му се допаднал вкусот на медовухата, стар слабоалкохолен пијалак на база на мед и квасец. „Се сеќавам кога донесов медовуха во Франција. Сакам да играм фудбал со другарите и им понудив на противниците да пробаат медовуха, велејќи дека тоа е локален руски пијалок. А таа не удира во главата, туку во нозете, така што тие тешко се движеа потеренот. Тогаш победивме“.
Французите позитивно ги оценува сирењата од руско производство. „Најдов таков камембер што ако ми дозволат да го споредам со францускиот не би можел да ги разликувам“.
„Постои познатата шега на Шарл де Гол - како да управувате со земја во која има 246 сорти сирење? Во Франција навистина ги има многу, но и во Русија постепено квалитетот и понудата стануваат сé подобри“, вели Жулиен.
„Често можам да прочитам дека во Русија луѓето не се смеат, но мене ми е тоа поблиску отколку кога насмевките се неискрени“, вели Жулиен.
Честопати стереотипите потекнуваат од самите Руси, кои гледаат во други земји и велат дека Русија е за тажни луѓе. „А поради некоја причина никој не вели дека, на пример, Јапонија е земја за тажни луѓе, иако тие таму исто така не се насмевнуваат многу“.
Жулиен смета дека во текот на годините што ги поминал овде тој и самиот примил карактеристики на Русин и нормално прифаќа работи кои би биле невообичаени во Франција. На пример, неочекувани посети од пријатели.
„Сонувам да ги посетам сите региони на Русија“, вели Жулиен. „Досега успеав да одам во Краснојарск, Мурманск, Екатеринбург, Тјумен, Владикавказ, Владивосток, Толјати, Налчик, Воронеж, Уљановск, Астрахан, Ижевск, Саранск, Казан, Нижни Новгород, Волгоград, Сочи, Самара, Москва и Петербург“.
Вели дека најмногу сака да патува со воз. Вистина, на почетокот, како странец, имал проблеми да купи билет за воз со француски пасош (Жулиен нема руско државјанство). „Како и повеќето Французи, имам три имиња, а немам патроним. Па, при проверка на билетите во возот, дури и бараат да платам казна, бидејќи не е наведен патронимот. И се обидувам да им објаснам дека тоа не е патроним, туку второ име. Сега најдов решение, можеби некому ќе му притреба: кога купувам билет на веб-страницата, ги пишувам сите имиња во полето „име“ и наведувам дека немам патроним“.
За време на неодамнешно патување, Жулиен решил да го посети градот во кој живее неговиот сонародник Жерар Депардје. Тоа е Саранск, на околу 350 километри од Саратов. Ја нашол дури и куќата во која бил регистриран Депардје и сакал да намине, но немало никој дома, вели Жулиен. Сепак, не се разочарал, бидејќи во секој случај уживал во патувањето.
„Можеби е чудно, но досега најмногу ми се допадна Краснојарск, едноставно се вљубив во тој град. Сите мои познаници велат дека сум имал среќа што во тие пет дена времето беше убаво без смог од локалните фабрики. Само еден ден врнеше дожд, а остатокот од времето беше сончево. Градот е чист, уреден, пријатен, голем град и секако, природата околу градот е импресивна, особено Краснојарските столбови“.
„Најстабилните луѓе, како што ми се стори, живеат во Мурманск. Но, засега тоа е единствениот северен град што сум го посетил. Би сакал да ги видам и Архангелск, Соловки, Карелија. Минатата година имав намера да го посетам Норилск. Другарите ми велат: „Што ќе правиш таму?“ А мене тоа ми е интересно“.
„Да се живее на север“
Приватна архиваЖулиен вели дека често слуша од самите Руси дека немаат каде да патуваат, но тој смета дека во земјата имаат сé: и шуми, и мориња, и планини, има што да се види.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче