Руски „аџилак за Сантјаго“ или „Како пешачев 120 километри 17 пати“

Јуна Јужева
Русија има пандан на прочуената аџилачка рута на „Свети Јаков“. А, тоа подразбира 120 километри пешачење од Москва до Троица Сергеева Лавра каде се наоѓаат моштите на Сергиј Радонежски, еден од најпочитуваните руски светители. Јуна Јужева ни раскажа зошто овој аџилак го минувала 17 пати.

За инспирацијата

Овој аџилак денес е голем проект. Јас започнав кога тој стартуваше. Тогаш го гледав филмот „Пат“ со Мартин Шин во кој станува збор за рутата на Свети Јаков во Шпанија (El Camino de Santiago), аџилак до градот Сантијаго де Компостела и катедралата во која според преданието се наоѓа гробот на апостолот. Тогаш си помислив дека и јас би можела да го минам тој пат, па макар само дел. Кога започнав да читам за тоа како е сето тоа организирано дознав дека маршрутата е долга вкупно 900 километри и дека е поделена на етапи, а за некој да се смета за аџија доволно е да го премине и само завршниот дел од сто километри. Тоа беше пореално, па започнав да го планирам патувањето.

Истовремено се запрашав дали постои нешто слично и кај нас. Меѓу другото, и во Русија има многу свети места. Како што е да кажеме Троица-Сергиевата лавра со моштите на Сергиј Радонежски. Таму на поклонички патувања се одело од дамнина. Почнав да барам информации и на социјалните мрежи налетав на група вљубеници кои организираа токму такво патување во Лаврата, едно од првите пробни пешачења.

Секако, беше страшно, јас не сум искусен аџија, а покрај тоа беше зима. Нашата рута, како и „Патот за Сантијаго“, беше поделена на етапи, и во тој момент, кога ги пронајдов луѓето, тие се подготвуваа за последната етапа со завршница во Лаврата. Решив да ризикувам и да се приклучам. Се собра голем број, педесетина луѓе. Многумина, како и јас, дојдоа да ги пробаат своите капацитети. И успеавме! Во манастирот нѐ пречекаа мошне срдечно. И самиот пат ми остави силен впечаток. Потоа организаторите почнаа да подготвуваат пролетно патување. Размислував, дел од патот веќе минав, ми се допадна, впечатокот беше силен, така што веќе требаше да се проба целата рута.

Првите пешачења во Русија и Шпанија

Таа пролет ме чекаше и „Патот за Сантијаго“, но „Патот во Лаврата„ се падна порано. На патот тргнаа голем број луѓе, меѓу 30 и 40. Пет дена секојдневно минувавме од 25 до 30 километри. Јас едноставно физички не бев подготвена, се преценив во поглед на своите можности. Но, тоа не ми го расипа впечатокот. Патот започнува од Црвениот плоштад, од нултата точка, а првата етапа се одвива низ Москва. Рутата е осмислена многу да се движиш по зелените зони и парковите. Но, не и по булеварите. И откриваш некакви резервати кои претходно ги немаш видено, да кажеме величенствениот Парк на Јауза. Тој се простира од станицата Ботанически сад до МКАД (Московскиот кружен прстен). Првата фаза тогаш ја завршивме кај старата црква во Тајнински. Јас, секако, бев многу изморена, но и полна со впечатоци.

Во втората етапа веќе започнаа отоците, а требаше да се излезе во Пироговската шума. Организаторите напишаа дека треба да се биде подготвен за тешки услови („ќе биде валкано и влажно“) и на крајот дојдоа само 17 луѓе. Така тогаш подобро се запознав со организаторите и подобро ја запознав рутата.

А, тогаш се случи патувањето за Шпанија. Кога го завршив „Патот за Сантијаго“ бев маѓепсана и сфатив дека би сакала нешто слично да постои и кај нас. Да можеш едноставно штом го минеш куќниот праг да започнеш по маркирана патека. И започнав активно да помагам на проектот, всушност тоа е целосно волонтерска приказна.

А, покрај тоа и тој мој прв „Пат во лаврата“ беше необично убав. Ми се чинеше дека првпат во животот гледам шума во мај. Како се буди природата по зимата, како оживува, а и ние заедно со неа. Со оглед на тоа што пешачењето заврши налето, можев да уживам во набљудувањето на шумските мени, напролет во целиот свој замав, а потоа во отворањето на летото.

Она што остава толку силен впечаток на градскиот човек е просторот, полињата до хоризонтот, чувството на слобода, кога дишам со полни бели дробови. Ние живееме во мошне тесни видици, а тука пејзажите се бесконечни. И од таа убавина стануваш зависник. Тогаш посакав сето тоа да го видам и наесен и назима. Така што сега не можам да се замислам себеси без рута. Ја минувам 3-4 пати годишно.

Патот на благодарноста

Рутата, секако, има аџилачка историја, но не се протега само од црква до црква. Таа опфаќа и историски знаменитости и живописни места. На пат може да се тргне и за молитва, и за средба со себеси, средба со природата, со светот генерално. Секако, постојат аџилачки групи од парохии кои одат со свештеник и преноќуваат по манастири. Меѓутоа, по патот може да пешачи секој што сака со каква било цел. За мене, да кажеме, тоа е секогаш пат на благодарноста. Можност да му кажеш на светот: „Благодарам!“. За убавината што нѐ опкружува.

Освен тоа, станува збор и за трагање по одговорите на определени лични прашања. Се сеќавам кога за првпат ја минав патеката се чувствував некако полесно во себе. На извесен начин се префрлаш во некоја друга димензија. Сите сме навикнати на определени улоги во животот, на мајка, на сопруга, на вработен во колектив. А, тука едноставно одмораш, од тебе ништо не се бара.

За сиве овие години одев и сама, и во групи, и сфатив дека сепак најмногу ми се допаѓа помало друштво, од по десет до дванаесет луѓе. Така што сега кога се подготвувам за пат, испраќам повик на социјалните мрежи и правам таква мала група. Тоа е секогаш и големо емоционално полнење, радост од комуникација. Се собираат ентузијасти, секој има нешто да понуди. Некој ќе направи пита, некој има чудесен пакет за прва помош.

Неопходности и погодности

Со текот на времето со заеднички напори рутата започнаа да ја опремуваат. Минатата година на московските улици се појавија официјални патокази „Пат кон Лаврата“ со назначена оддалеченост до одредницата. Активистите ја расчистуваат шумата, на мочуршните делови прават премини. На шумските делници се појавија ознаки во вид на стрелки што го покажуваат патот. По угледот на „Патот за Сантијаго“ се направија и аџилачки пасоши, ние ги нарекуваме „Патни повелби“ со мапа на рутата и напомена каде може да се добијат специјални етапи за изминатата етапа. Проектот има информативен сајт на кој може да се симне трасата на рутата која функционира со мапите maps.me во офлајн-режим. Таму се обележани знаменитостите, местата од кои има најубав поглед. Постојат препораки по етапи со напомена како да се стаса на стартот.

Надвор од Москва до трасата може лесно да се стаса пеш кога ќе се симнете од железничката линија на Јарослављскиот правец на Московската железница, така што сите етапи надвор од градот се лесно достапни. Денес постојат сите услови за минување на трасата ако сакаш. Со свое темпо и во согласност со своите цели. Некој систематично се вклопува во еден месец, а некој нарушувајќи го ритамот.

Се појави и инфраструктура. Активистите отворија пансиони во кои може да се преноќи мошне евтино.

Кога станува збор за опремата, мошне е важно да имате удобни патики за пешачење. Неопходна е и удобна облека и ранец за рацете да бидат слободни. Задолжително земете и вода за пиење. Секако, на патот ќе наидувате на извори. Тие постојат и при манастирите. На определени места можете да се искапете, па налето може да се освежите.

Во моментов со сигурност можам да кажам дека патот го менува човека. Тоа не е едноставно само физички напор. Патот е осмислен со акцент на внатрешната трансформација. Како што велел муромскиот светител Серафим Саровски: „Кој ќе се довезе кај мене ќе ми биде гостин. Кој ќе ми дојде пеш, ќе биде мое чедо“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња