Како советската елита уживаше во викендички (ФОТО)

Vladimir Musaelyan/TASS
Во СССР во викендички не одмораа само обичните луѓе, туку и елитата. Актери, музичари, писатели и политичари правеа скари, садеа зеленчук и ги пречекуваа гостите на верандите на своите селски домови.

Советската викендичка не е раскошен летниковец надвор од градот, туку најчесто е обична дрвена куќичка со градина и полски клозет. Како по правило, таквите парцели се користеа за одгледување овошје и зеленчук, како и за одмор во текот на викендот.

Маја Плисецкаја  

Најпознатата руска балерина сакаше да ги поминува слободните денови со својот сопруг, композиторот Родион Шчедрин, во викендичка во Литванската ССР, недалеку од градот Тракај.

Плисецкаја секогаш ја истакнуваше „прекрасната тишина“ што владее таму.

Љубов Орлова

Ѕвездите на советската кинематографија, актерката Љубов Орлова и нејзиниот сопруг, режисерот Григориј Александрович, беа меѓу ретките луѓе од тоа време кои имаа своја сопствена луксузна викендичка во близина на Москва.

Нивното творештво беше сакано од Сталин лично, и тој во доцните 1930-ти години им подари цел хектар земја во Внуково, на која изградија куќа. Ентериерот беше импресивен, особено собата со камин. За нивната куќа пишуваше дури и американскиот магазин Life.

Борис Пастернак

Можете ли да го замислите големиот писател со ашов? Авторот на „Доктор Живаго“ доби парцела со куќа кон крајот на триесеттите во населбата Переделкино, во „селото на писателите“. А тој навистина уживаше да работи во градината.

Еве како го опиша Лидија, ќерката на писателот Корнеј Чуковски, која ја посети населбата: „клечеше зад оградата на викендичката: исончан, гол до појас, изгорен од сонцето; ги плевеше леите на сончевата падина“.

Сергеј Прокофјев

Во својата подмосковска викендичка во населбата Николинаја гора познатиот композитор и пијанист ги помина последните осум години од животот. Тоа беше комплекс викендички за научни работници и уметници изграден 1926 година. Сергеј Прокофјев купи викендичка тука 1946 година од солистката на „Бољшој“ театарот Валерија Барсова.

Прокофјев го посвети својот живот на музиката, пишувајќи ги овде операта „Војна и мир“, свитата „Зимски оган“ и балетот „Камениот цвет“, кои сè уште се изведуваат на сцените на театрите во Москва и Санкт Петербург.

Андреј Миронов

Најголемиот заводник на советскиот филм Андреј Миронов сакаше да го поминува времето во викендичка во подмосовската населба Краснаја Пахра.

Тоа беше населба за советските интелектуалци. Соседи му беа Андреј Тарковски и Ељдар Рјазанов, како и Владимир Висоцки.

Валентина Терешкова

Првата жена во вселената Валентина Терешкова со нејзината мајка и другарка од аеро-клубот во викендичка кај Јарослављ. Таа е родена и израсната во тој крај.

Георгиј Жуков

Маршалот Георгиј Жуков, познатиот војсководец од Втората светска војна, по победата кај Москва од Сталин доби вила на доживотно користење во населбата Сосновка кај Москва.

Како што се сеќава неговата ќерка, на сите предмети, од мебел до садови, имало инвентарски броеви. Околу куќата се протегала голема шума и овоштарник со јаболка. (Подетално за Жуков дознајте овде).

Никита Хрушчов

Советските лидери можеле да ги користат државните вили како во Московската област, така и во туристичките населби на југот на земјата. Никита Хрушчов со семејството живееше во државна вила во населбата Ленинови Ридови (денес Врапчешки Ридови (рус. Воробјови Гори), а одморот го поминуваше во вилите во Подмосковје и на Крим.

По оставката во 1964 година, последните години од животот ги помина во вила на западот на Подмосковје. Хоби му стана градинарството. Успеа да одгледа 200 страка домати!

Леонид Брежнев

Една од најпознатите државни викендички се наоѓаше во Јалта (на Крим), а беше изградена во средината на 1950-тите. Таму одморот го поминуваа Никита Хрушчов, а потоа Леонид Брежнев.

Брежнев многу ја сакаше таа вила и таму редовно организираше состаноци со челниците на социјалистичкиот блок.

Михаил Горбачов

На последниот советски лидер исто така на располагање му беа и вилите во туристичките области во земјата, каде што примаше владини делегации.

Додека последните години од животот Горбачов, кој почина во 2022 година, ги помина во вила во Подмосковје.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња