- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Тој беше еден од најуспешните руски модни дизајнери. Во текот на неговите 35 години во светот на модата реализираше голем број значајни проекти: од дресови за Олимписката репрезентација на Русија до сопствената модна куќа Valentin Yudashkin со продавници во Хонгконг, Франција и Америка. Но, тоа не е сé.
Првата сериозна колекција на Јудашкин беше претставена во 1991 година во Париз како дел од „Неделата на висока мода“ и беше наречена „Фаберже“. Секој фустан од оваа колекција може слободно да се нарече уметничко дело (денес се чуваат во музеите низ светот, вклучувајќи ги Лувр и Калифорнискиот музеј на модата).
Во 1996 година Јудашкин стана дописен член на Федерацијата на висока мода на Франција заедно со Валентино Гаравани и Џани Версаче.
Своето ателје во Москва, поточно, неговиот театар на модата, го нарече „Vali — Мода“, а го отвори уште кон крајот на осумдесеттите. Тогаш се сметаше за нескромно ако некој човек ја нарече компанијата по себе. А тој сепак се реши да го стори тоа. Во колекциите на Јудашкин преовладуваше уметничкиот принцип. Неговите модели се карактеризираат со изобилство на украси, богатство на боите, смелост на формата и женственост.
За време на советската власт сето тоа изгледаше како бајка и луѓето ги доживуваа ревиите како вистински театарски претстави. „Ќе дојдевме според распоредот, на пример, во површински коп. И во девет часот наутро на работничките ќе им покажувавме одела, фустани, а тие се облечени во работнички јакни, со шамии и капи. И воодушевено аплаудираат. Тие го доживуваа тоа вака: нема да можам да го облечам тоа, никогаш нема да можам да го купам, но барем да го погледнам“, се присетува креаторот.
Јудашкин дизајнираше не само haute couture и pret-a-porter, туку и додатоци, долна облека, чевли, накит, часовници, порцелан и предмети за ентериер.
„Денешната жена е прагматична, концептуална и знае што сака. Мојата хероина е млада, сексипилна, се занимава со спорт, активна е... и работи!“, вака ги согледуваше Јудашкин современите дами.