Сите шампионки на Етери Тутбериѕе на едно место! (ФОТО)

Russia Beyond (Joosep Martinson, Matthew Stockman/Getty Images)
Името на Етери Тутбериѕе е своевиден синоним за место на пиедесталот во женското поединечно лизгање; нејзините ученички станаа спортски легенди!

Руските лизгачки последниве години се најдобри на светот благодарение на Етери Тутбериѕе. Во 2020 година Меѓународната лизгачка унија ја призна за најдобар тренер. Кариерите на нејзините ученички можеби се кратки, но спектакуларни.

Претходно пишувавме како самохрана мајка, без пари и врски, за само десет години стана една од легендите на руската тренерска школа за уметничко лизгање. Да се ​​потсетиме на нејзините брилијантни ученички.

Јулија Липницкаја

Јулија Липницкаја

Јулија имаше само 15 години кога стана светска сензација. Во 2014 година уметничката лизгачка се појави на насловната страница на магазинот „Тајмс“ како најмладата олимписка шампионка во историјата на женското поединечно лизгање. На Олимписките игри во Сочи 2014 година таа беше првата во светот која ги изведе најсложените скокови - троен луц и троен луп - и влезе во историјата на уметничкото лизгање.

Сепак, после тоа кариерата на Липницкаја брзо тргна надолу. Не можејќи да ги надмине последиците од старите повреди и несогласувањата со Тутбериѕе, таа го напушти спортот и сега тренира деца.

Евгенија Медведева

Евгенија Медведева

Еве уште една ѕвезда меѓу тинејџерите во уметничкото лизгање. Евгенија Медведева започнала да лизга на тригодишна возраст; на петнаесет години таа го освои своето прво Гран-при за возрасни на „Скејт Америка“. Според Евгенија, нејзините родители ја запишале на уметничко лизгање за да ѝ ја поправат фигурата. Но, сè ескалираше - и Медведева стана двократна светска шампионка и вицешампионка на Олимписките игри во 2018 година. Нејзин заштитен знак е изведувањето на веќе сложени скокови (двојни аксел скокови, луцови, флип-скокови и луп-скокови) со крената рака.

Алина Загитова

Алина Загитова

Еднаш, Алина за кратко време ги скрши и раката и ногата и мораше повторно да учи да лизга и да скока, но нејзините големи цели ѝ помогнаа да го надмине тоа. Загитова стана првата руска уметничка лизгачка која ги освои сите главни трофеи во уметничко лизгање: финалето на Гран-при (2017), Европското првенство (2018), Олимписките игри во Пјонгчанг 2018 и Светското првенство (2019). Но, иако на 15-годишна возраст почна да освојува награди за „возрасни“, на 17-годишна возраст веќе заостануваше зад помладите ученички на Тутбериѕе. Во 2019 година девојката објави дека се повлекува од спортот. Меѓутоа, нејзината популарност ѝ донесе бројни партнерства со големи брендови.

Ана Шчербакова

Ана Шчербакова

На 13-годишна возраст Ана ја скрши ногата пред подготовките за својата прва меѓународна сезона во 2017-2018 година, па дури и нејзините родители се сомневаа дека девојчето некогаш ќе му се врати на спортот. Неколку месеци пред Светското првенство, Шчербакова доби пневмонија - и сепак освои злато. Таа е најмладата тројна шампионка на Русија во уметничко лизгање (имаше 16 години кога ја освои третата титула). Во 2022 година спортистката стана и олимписки шампион.

Камила Валиева

Камила Валиева

Камила е родена во Казан во 2006 година, а со уметничко лизгање започна да се занимава на три и пол години. Во 2012 година нејзиното семејство се пресели во Москва, каде Камила продолжи да се занимава со уметничко лизгање. Во 2018 година, на 12-годишна возраст, Камила беше избрана за ученичка на Етери Тутбериѕе.

Камила во сезоната 2019/2020 стана ѕвезда на јуниорското уметничко лизгање. Таа ги освои сите натпревари и двете најпрестижни титули – финалето на Гран-прито и Светското првенство. Исто така, Камила постави светски рекорд - за прв пат на натпревар изведе четирикратен луп. 

Александра Трусова

Александра Трусова

„Девојката која ѝ пркоси на гравитацијата“ – така се вика книгата за Александра Трусова. Трусова влезе во групата на Тутбериѕе на 12-годишна возраст. Таа е втора двократна светска јуниорска шампионка во историјата (2018, 2019), освојувачка на сребрен медал на Светското првенство и на Олимпијадата 2022. И покрај тоа што Трусова имаше најмногу сложени пет четирикратни скокови на Олимпијадата, таа загуби од Ана Шчербакова, поради што на доделувањето на наградите изби вистинска спортска драма. „Не сакам ништо! Го мразам тоа! Го мразам овој спорт!“, извикна таа преплавена од емоции. Сепак, Трусова остана во професионалниот спорт и сé уште планира да постави некаков светски рекорд.

 

Аљона Косторнаја

 

Аљона Косторнаја

Една од најпопуларните уметнички лизгачки во Русија (првенка на Европа во 2020 година и победничка на финалето на Светското Гран-при), Косторнаја во јануари 2023 година објави дека ја завршува кариерата во поединечно лизгање и дека почнува да тренира лизгање во пар со Георгиј Куница, кој е нејзин партнер и во приватниот живот.

Косторнаја не можеше да го оствари својот главен сон - да настапи на Олимпијада - и со жалење призна дека го пропуштила моментот во поединечното лизгање. „Многу е едноставно, уметничкото лизгање не е спорт во кој можете да лизгате 30 години и да победите. Да, можете да лизгате, можете да ја израдувате публиката, да се појавувате насекаде, но нема да бидете први, бидејќи има 15-годишни девојчиња кои прават куп четирикратни скокови. Имаат многу сила и енергија. Незапирливи се“, рече Косторнаја. Без оглед на тоа, во лизгањето во парови таа и понатаму се надева дека еден ден ќе стигне до Олимписките игри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња