Кога Канада се натпреваруваше со СССР на мраз, двајца новинари ги ИЗЕДОА своите текстови

Melchior DiGiacomo/Getty Images
Прочуената „Суперсерија“ е запаметена како едно од најголемите ривалства во историјата на хокејот на мраз, а беше повод за забавен инцидент со двајца репортери кои известуваа за овие исклучително возбудливи натпревари.

На една позната фотографија од септември 1972 година канадскиот репортер Дик Велос јаде боршч со исечкани парчиња од својата статија што ја имаше напишано наспроти првиот натпревар помеѓу Канада и СССР.

Меѓутоа, Белос не беше единствениот репортер кој даваше погрешни прогнози и кој мораше да ги исполни ветувањата голтајќи ги сопствените зборови.

Слободниот свет против комунизмот

Иако настанот беше организиран со намера да овозможи натпреварување на најдобрите против најдобрите во хокеј на мраз, влоговите беа значително поголеми одошто на обичен спортски натпревар.

За милиони луѓе што ги следеа мечовите ширум светот Суперсеријата претставуваше ривалство од многу поголеми размери. За многумина ова беше идеолошко натпреварување помеѓу „слободниот свет“ и комунизмот. Новинарите исто така се вбројуваа меѓу натпреварувачите. Во септември 1972 година секоја објективност беше интерпретирана како предавство.

Во една пригода, по петтиот натпревар во серијата, Трент Френ од списанието „Торонто стар“ доби прекор од организаторот Алан Иглсон. Тие двајца кусо разговараа во лифтот на хотелот „Интурист“ во Москва по петтиот натпревар во серијата.

„Како ти се чини?“ – праша Иглсон.

Френ одговори дека е импресиониран од контролата на пакот и на пасовите од страна на советските играчи.

„Ти мора да си е**ан комунист“ – му одврати Иглсон.

„Тогаш за првпат доживеав медиумите да се обединат во врска со некое прашање“, рече Ралф Меланби, продуцент на емисија на канадската телевизија „Хокеј најт ин Канада“. „Сите беа против Русите. Тоа беше неверојатно. Претставниците на медиумите најпрво беа Канаѓани, а потоа новинари“.

Медиумски прогнози

Наспроти Суперсеријата во 1972 година во Торонто, канадските и американските спортски медиуми беа сложни во процената дека канадскиот тим без сомнеж ќе ги совлада Советите.

„Тимот Ен-Ха-Ел ќе разбие со осум-нула“, пишуваше Џералд Ескенази од „Еујорк тајмс“.

„Осум спрема нула за Канада – а тоа е и резултатот од првиот натпревар“, запиша Френ Роса од весникот „Бостон глоуб“

Колумнистот за „Д глоуб“ и „Мејл“ Дил Бедос исто така даде своја прогноза: Ќе биде осум спрема нула за Канада. Ако Русите освојат еден натпревар, ќе ја изедам точно напладне својата колумна исечкана на парчиња во чинија боршч пред влезот на руската амбасада“.

Против сите изгледи

Друг канадски новинар кој ги изнесе своите предвидувања и притоа вети дека ќе ги изеде своите зборови ако тие не се остварат беше Џон Робертсон.

Робертсон, кој пишуваше за „Монтреал Стар“, зазеде став сосема спротивен од сите канадски медиуми. Предвиде дека советскиот тим ќе ги совлада канадските играчи. За да ги поткрепи своите предвидувања, кои според мислењата на сите во Канада во тој период беа исклучително нереални, Робертсон вети дека ќе ги изеде своите зборови доколку излезе дека немал право.

Меѓу колегите и читателите Џон Робертсон се стекна со репутација на провокатор. „Робертсон, кој ретко покажуваше тактичност, често зборуваше дека би се загрижил доколку негативните реакции на неговите текстови паднат под 80%“, се сеќава Вилијам Хјустој кој во 2022 година пишуваше за „Глоуб енд Мејл“.

Во овој конкретен случај, Робертсон ги разбесни буквално сите: организаторите на турнирот, канадските играчи и читателите на „Монтреал стар“.

Робертсон тврдеше дека неговата прогноза се засновува на неговите лични набљудувања на советскиот тим во акција, како и на погрешното прикажување на Советите во канадските медиуми.

„Пред почетокот на Суперсеријата се сеќавам дека седев во халата со група канадски играчи. Ги сакав тие момчиња, но тие таму само седеа, исмевајќи ја руската опрема и потсмевајќи им се. Никој не сакаше да им даде шанса. Статијата беше половина сериозна, а половина несериозна. Но, јас бев во Русија и пишував статии за нивниот хокеј. И навистина чувствував дека тие се подобри одошто мислеа“, запиша подоцна Робертсон.

Плаќање долгови

Првиот натпревар во Суперсеријата предизвика голем потрес во канадскиот хокеј. На 2 септември 1972 година Советите ги изненадија 18.000 канадски гледачи, кои се собраа во спортската арена „Монтреал Форум“, поразувајќи го ривалот со резултат 7:3.

Веднаш по победата на Советите беше направена познатата фотографија на Дик Белос кој јаде боршч со парчиња од сопствената колумна пред влезот на советската амбасада во Канада. Новинарот го прифати фактот дека неговата прогноза била погрешна и не се двоумеше да го исполни своето ветување.

Во вториот натпревар во серијата Канаѓаните победија со резултат 4:1. Вкупно Канада победи во четири од осум натпревари и ги надвладеа Советите, кои победија во три, додека во еден тимовите играа нерешено. Канадско-советското ривалство на мразот е запаметено како веројатно највозбудливо и најжешко во историјата. Играчите од обата тима заслужија почит од своите соперници и од гледачите од двете страни на океанот.

Советските играчи дадоа силен отпор каков никој од канадските медиуми не очекуваше. Меѓутоа, и Канаѓаните беа подготвени на притисок и повторно го докажаа своето водечко место во светот на хокејот на мраз.

Излезе дека предвидувањето на Џон Робертсон – победа на советскиот тим – беше значително поблизок до стварноста од претерано пооптимистичките прогнози на канадскиот печат. Сепак прогнозата на Робертсон не се оствари, зашто Канаѓаните не изгубија од Русите.

Легендите велат дека колегите по враќањето во Монтреал од Москва му послужиле јадење со исечкани парчиња од неговиот текст. Облог е облог. Робертсон не ни трепнал и го изел сето она што било во чинијата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња